Македонија
Светиот крст во Велес во рацете на 28-годишниот Драган Илков
Меѓу стотината мажи кои влегоа во осветените води на реката Вардар во Велес, 28-годишниот Драган Илков успеа прв да стигне до дрвениот крст што Митрополитот Повардарски, г-дин Агатангел го фрли од Мало Мовче, пренесува lisica.mk
„Прв пат скокнав по крстот со другарите мои, мило ми е што го фатив крстот, да има здравје живот за сите, сите да бидеме здрави и живи сите“, рече Илков.
Илиевски богато го даруваа кумовите, Епархијата, Општината, ЈКП Дерве, ЈП Лисиче но и премиерот Никола Груевски кој овој христијански празник годинава го чествува заедно со велешани.
„Нека е со среќа, нека е аирлија нека ти носи здравје и успеси“, му порача премиерот Никола Груевски на Илков.
Празнувањето на овој празник започнува во вториот век, кога Свети Јован во реката Јордан го крстил Исус Христос. За МПЦ ова е потврда за нераскинливата врска и вербата во Бога.
„Таа божје енергија, таа невидлива сила нека слезе и врз нас Mакедонците за да ни го просветли умот , ни ги очисти срцата и ни ги умили душите за да може да се љубиме едне со друг“, рече г-дин Агатангел, Митрополит Повардарски./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Годинава стартуваме нови проекти со пензионерите, „Носталгија за корзо“, екскурзии, едукативни работилници и Спортски игри 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во просториите на Здружението на пензионери на Општина Центар присуствуваше на одбележувањето на 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачија благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
„Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со здружението на пензионери на Општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо-сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на Дом за стари лица“, истакна Герасимовски.
Дополнително, како што е соопштено од неговиот кабинет, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
„Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата“.
Македонија
Почна реконструкцијата на улицата „Перо Наков“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

