Македонија
Свето Благовештение-Благовец
Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Блавоец и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои го сметаат за голем празник како Велигден.
Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека “ Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. “Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. А кога Света Дева Марија помислила: “Каков ќе биде овој поздрав?“, ангелот и рекол: “ Не бој се Марија зошто си нашла милост пред Бога, и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус, Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.
На тоа Марија зачудено прашала: “Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“, на што ангелот и одговорил: “Светиот дух ќе слегне над тебе и силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде Свето и ќе се нарече Син Божји“.
Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.
Поради тоа, Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли, па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.
Според верувањата Благовец е благ ден не само за луѓето туку и за птиците и за ѕверовите. Многу животни што ја преспале зимата на Благовец ќе се разбудат и ќе се размрдаат, ќе излезат надвор од пештерите, дупките и другите живеалишта за да го видат благиот ден и му се порадуваат. Во повеќе краишта и излегувањето на змиите се поврзува со Благовец. Марко Цепенков оставил прекрасен запис за излегувањето на змиите и други верувања поврзани со нив. “Во истиот ден Благовец, штотуку ќе болсни сонцето и до што има змија во земјата сите ќе излезат да видат бел ден и благ ден. Не било возможно на ден Благоец да касни змија чоек, али имање. Гази и тепај и кошкај со нозе, ваќај и со раце, што сакаш прај му, не било чаре да те каснат, чунки биле блази како денот што је благ “.
Иако најчесто паѓа во тешките Велигденски пости на Благовец се јаде риба. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

