Македонија
Тодоров: Клиниката за онкологија без листа на чекање за зрачна терапија
На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија целосно е анулирана листата на чекање за зрачна терапија, истакна министерот за здравство Никола Тодоров при денешната посета на Клиниката каде се во ек градежни работи за подобрување на условите за работа.
„Како Министерство фокус имамвме на оваа здравствена установа затоа што станува збор за пациенти кои се во исклучително тешка здравствна состојба и долгото чекање дополнително ја комплицираше и усложнуваше нивната состојба. Комплетното анулирање на листите се овозможи со работа во две смени и со третман на 50 и повеќе пацинети дневно како резултат на нова и подобрена организација на Килинката“, изјави Тодоров.
Тој посочи дека во јануари 2014 година времето на чекање беше околу 3,5 месеци за зрачна терапија, а денес е од еден до три дена, колку што е потребно за подготовка на пациентите за терапијата.
„Постојните три акцелератори кои ги имаме со добрата организација на Клиниката овозможија сериозно намалување на времето на чекање. Веќе е пристигнат и ставен во употреба апарат за имунолошки анализи од најновата генерација, еден од најдобрите во светот во овој момент, кој има огромен капацитет и во целост ги задоволува потребите. Исто така, набавивме и нов акцелератор во вредност од 1,7 милиони евра кој треба да пристигне на крајот на годинава или на почеток на наредната. За негово инсталирање Клиниката треба да направи дополнителна инвестиција за изградба на нов бункер“, рече Тодоров.
Прецизира дека изработката на проектот е во завршна фаза, ќе следи објава на тендер за градежните работи во износ од околу 25 милиони денари по што ќе биде инсталиран четвртиот по ред акцелератор во Клиниката за радиотерапија и онкологија.
„На оваа клиника започна и имплементацијата на нова стручна метода за локализација на тумори што е побезбедна за пациентите и која првично беше пробана во 2011 година. Потоа се направија дополнители обуки, беше набавена дополнителна опрема во вредност од околу 2,5 милиони денари и беа испратени лекари на обука во Брисел преку Меѓународната агенција за атомска енергија“, рече Тодоров.
Истакна дека наместо постојните девет амбуланти во Клиниката сега има 18 со што значително се забрза протокот на пациенти.
Директорот на Клиниката Милан Ристески истакна дека покрај анулирањето на листата на чекање го зголемиле и квалитетот на испораката на радио-терапијата и додаде дека идејата им е 25 отсто од пациентите да се префрлат на новата понапредна техника која овозможува подобро зачувување на нивното здравје.
„Ако порано верификација на позиција правевме само еднаш за време на третманот, сега кај сите пациенти обавезно правиме проверка еднаш неделно, а кај покомплицираните секојдневно“, рече Ристевски./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Создаваме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места
Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна, конкурентна економија. Како Влада преземаме целосна одговорност да ја водиме оваа трансформација, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Советот, како што оцени, не е само формалност туку механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.
Според него, самата структура и состав на Советот, кој, како што рече, ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки. Ова тело, оценува тој, ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики.
„Со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места. Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност.
Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем.
Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани“.
Македонија
(Видео) Кузеска за Груби: ДУИ го спасува Мицкоски
Секој што го прекршил законот мора да одговара. ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. После денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
СДСМ, како што рече, ова го најавиле уште во декември 2024 година.
„Сега само се потврди пред очите на македонската јавност. Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати. На овој начин ВМРО со поддршка од ДУИ сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но и бројните скандали со криминални тендери за кои повеќе од 80 дена нема никакви оддговори.
161 тендер за семејна фирма на Томовски, 51 тендер за „Пирамид Билдинг“, 74 тендери за „Ленди Груп“, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендер преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ“.
Според Кузеска, сите тендери водат до најтесниот круг околу Мицкоски а повеќе од 80 дена нема реакција од обвинителството.
„Повеќе од 20 денови нема одговори за 5 тони дрога, нема одговори за сликите со Симе, за Адамовиќ. Граѓаните нема да добијат одговори на прашањата но ќе добијат театар, како денеска.
Нема борба против криминалот и корупцијата. Станува збор само за договорена кампања поради падот на рејтигнот на Мицкоски.
Сакаше да се претставува како чесен, но по бројните скандали, скапите часовници и луксузирањата на грбот на народот со авион веќе е прочитан од граѓаните.
Copy-paste по рецепт на Вучиќ, кој секогаш кога е во пад највува некое апсење. Немаат одговор на скандалите, веднаш прават дефокус“.
Се отвори прашањето, додава таа, кој од актуелните функционери во Владата на Мицкоски ќе одговара и затоа, според неа, им е потребен Артан Груби.
Цела, како што оценува, е повторно да се поврзе СДСМ со ДУИ.
„Како што се поврзуваше кампањата со марихуаната од Струмица, како што имавме можност да видиме и со оваа најава на Жан, со купишта натписи пред неколку недели за наводна поврзаност меѓу СДСМ и ДУИ. А вистината е дека ВМРО-ОКГ се во дил со ДУИ. Власта го презема судството и обвинителството под своја контрола, се рушат предметите на СЈО сега е вистинско време Груби да се предаде. Кој се смее кога го апсат? Како нема ниту една камера од 65 илјади за 5 тони дрога а има камери за Груби? Ова нема да помине. Секој што го прекршил законот ќе одговара“.
Македонија
СДСМ e нервозeн поради апсењето на Груби, стравува од откривање афери, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ верува дека во СДСМ владее нервоза и фрустрација поради апсењето на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и дека постои страв оти тој би можел да изнесе информации поврзани со, како што наведуваат афери и криминали во кои учествувале поранешни владини функционери.
„Ги разбираме од СДС, тие се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека СДСМ се обидува да ги затскрие трагите и на тој начин да се спаси себе си.
Слично размислува и ВЛЕН. Оттука претходно истакнаа дека во ДУИ владее нервоза затоа што не знаат за што се е подготвен да прозбори Артан, за кого велат дека е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ.
Груби кој беше вицепремиер во периодот на владеењето на СДСМ и ДУИ, беше упасен утрово на граничниот преним Блаце, на влез во Македонија поради сомневања за криминал во Државна лотарија. Во бегство беше една година.

