Македонија
УХРМ: Зимата во Македонија ќе биде блага и просечно влажна

Зимата во Македонија ќе биде блага и просечно влажна, покажуваат прогностичките материјали кои УХМР ги презема од Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза на Времето (ECMWF) во Рединг и Виртуелниот Центар за Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC).
Тримесечната прогноза на времето во Македонија покажува дека постои голема веројатност температурата за зимскиот период да биде повисока од просечната многугодишна вредност за периодиот 1981-2010 година. Поголема веројатност за повисоки вредности од просечната постои во североисточниот дел на земјата, но тоа надминување нема да биде повеќе од 3°C. Што се однесува до врнежите во овој период, се предвидува количеството на врнежи да биде во границите на повеќегодишниот просек. Просечната температура за зимата измерена во Македонија е во опсег од -1,5°C во Маврово до 5,0°C во Гевгелија, а врнежите од 90,0mm во Штип до 318,9mm во Лазарополе.Изгледите за потопла и просечно влажна зима не ја исклучуваат веројатноста за појава на одредени периоди со постудено, суво односно влажно време со изразени отстапувања од вообичаените просечни вредности на температурата и врнежите. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ: Поповска има нов политички дом – нашиот фокус е на иднината

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) сака да ја разјасни својата позиција во однос на повторените јавни поврзувања на Лилјана Поповска со нашата партија. Иако ја цениме нејзината досегашна улога во политичкиот живот, сметаме дека е важно да се направи јасна разлика меѓу минатото и сегашната насока на ДОМ, велат од партијата.
„Партијата денес се води од принципите на транспарентност, инклузивност и колективна одговорност, преку модел со четворица ко-претседател(к)и. Овој систем ја поттикнува рамноправноста и спречува било каква концентрација на моќ, што претставува значаен исчекор од претходните модели на управување. Свесни сме дека Лилјана Поповска е ангажирана во нови иницијативи, како што е „Зелен хуман град“ и веруваме дека нејзиниот фокус треба да остане таму. Во таа насока, ДОМ охрабрува почитување на различните политички патеки и избегнување на мешање кое може да создаде недоразбирања или да ја наруши довербата на граѓан(к)ите“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека тие остануваат посветени на градењето на зелена, инклузивна и европска Македонија преку „Коалицијата за зелена иднина“.
Македонија
Ивановска: 11 часа по објавувањето на кандидатурата за градоначалничка, полицајци затропаа на мојата врата

11 часа по објавувањето на мојата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата, објави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на општина Центар, Билјана Ивановска.
Таа објави дека синоќа полицајци ја побарале дома за да ѝ врачат кривична пријава, но таа не била дома.
„Синоќа, во 20.30 ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава, веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам, кои нè доведоа до оваа ситуација. Ние со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Јас навреме ќе ве информирам за ситуацијата во врска со оваа кривична пријава, но, секако, адреса на информирање е и Обвнителството како е надлежна институција“, напиша Ивановска.
Во врска со пријавата против Ивановска, Обвинителството соопшти:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејства за да ги провери наводите. Како едно од дејствата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниеден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.
Македонија
Охридското Езеро се порибува со речиси милион единки охридска пастрмка

Охридското Езеро се порибува со речиси милион единки охридска пастрмка, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Денеска се наоѓам во Хидробиолошкиот завод – Охрид, поводот е порибување на Охридското Езеро во согласност со договорот што го склучивме во Министерството со Хидробиолошкиот завод – Охрид и со Институтот за сточарство и рибарство во согласност со програмата од 2024 година. Обврската е да се пориби Охридското Езеро со минимум 400.000 единки охридска пастрмка, кои се одгледани во Хидробиолошкиот завод – Охрид, и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство“, рече министерот.
Тој истакна дека е информиран од Хидробиолошкиот завод – Охрид дека иако минимумот беше 400.000 единки, сепак се одгледани 620.000 единки, со кои ќе биде порибено езерото во наредниот период. Од Институтот за сточарство и рибарство информираа дека од минимум 200.000 единки одгледани се приближно 350.000 единки охридска пастрмка.
„Ова е показател дека по шест години застој, продолжуваме со порибување на она што претставува наше најголемо богатство, а тоа е охридската пастрмка“, истакна министерот Трипуновски.
„Имаме зголемување на средствата во однос на програмата за рибарство и аквакултура. Договорите за в година склучени со Хидробиолошкиот завод – Охрид се од 3,3 милиони денари, а со Институтот за сточарство и рибарство изнесуваат 1,7 милион денари. Вкупниот број риби што треба да бидат одгледани од страна на Хидробиолошкиот завод – Охрид се речиси 1,1 милион единки со просечна тежина од 3 грама, а Институтот за сточарство и рибарство има обврска да одгледа приближно 570.000 единки“, додаде министерот Трипуновски.
Тој посочи дека в година Охридското Езеро ќе се пориби со над 1,6 милион единки.