Македонија
Важи забраната за тешки товарни возила на Ѓавато, Маврово и Деве Баир

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по влажни коловози, на повисоките места наместа со остатоци од кашест снег. Во клисурите и усеците можна е помала појава на одрони, особено на патните правци: Кочани-М.Каменица-Делчево, Виница-Берово, Гостивар-Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија-Удово, Катланово-Велес, Крушево-Демир Хисар и Ресен-Буково.
Забрани за тешки товарни возила има на патните правци Гостивар-Маврово-Дебар, Крива Паланка-граничен премин Деве Баир и на магистралниот пат А3 Ресен-Битола,на превој „Ѓавато“.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ГРОМ: Кој дозволил дискотеката „Пулс“ да работи и покрај пломба на вратата и блокирана сметка?

„Изминаа седум траорни денови од погибието на 59-те млади луѓе и повеќе од 150-те повредени во ужасниот пожар во Кочани. Покрај земјотресот 1963 година и двете авионски несреќи, ова е најголемата катастрофа која се случи од 1945 година па наваму, благодарение на човечката неодговорност и нефункционирањето на институциите на системот“, велат од ГРОМ
„Додека цела Македонија тагува, а заедно со нас и регионот и целиот Свет, сведоци сме на груба политизација на овој настан и тоа од никој друг, туку од најодговорноиот, а тоа е актуелната владејачка гарнитура.
Секојдневно ја замајуваат јавноста со непотребни прес конференции, спектакуларни апсења, обидувајќи се себе од виновници да се претстават како спасители на народот. И замислете, токму тие апелираат да нема политизација на овој случај, а напротив, истите го прават спротивното.
Со притварање на цела Чета виновници и барање на вина низ историјата, низ годиниве наназад, а не гледајќи вина во денешниве припадници на власта е само невешт политички маневар за истрагата да се оттргне далеку од нивната одговорност.
За Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, ден „Д“ од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 година. Тоа е денот кога официјален државен орган, Управата за Jавни Приходи, на овој објект му ставила пломба и го затворила.
Воопшто не е битно дали тоа била УЈП, ДЗС, ЦУК, Пазарна инспекција или Полиција. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект.
Клучно прашање на кое што треба да одговори истрагата е кој го отвори објектот? Кој дозволи да биде отворен објектот? И на крај, со чии политички амин ова незаконито дејствие е истолерирано?
Фактот што дискотеката Пулс до денес се уште има блокирана сметка кажува дека и во моментов овој објект би требало да биде пломбиран. И доколку оваа одлука се почитувала, а надлежните во УЈП, Полицијата и Пазарната инспекција се потрудиле истата одлука да биде спроведена, 59-те млади луѓе денеска ќе беа живи и ниту еден немаше да биде повреден.
Затоа бараме од Јавното обвинителство да не подлегнува на политичките маневри на власта туку ласерот на истрагата да го насочи во вистинска насока и одговорноста да се бара од сегашниот, а не од ланскиот снег“, се наведува во соопштението на Граѓанска Опција за
Македонија-ГРОМ.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка со Фондацијата СИЗИГИЈА за реализација на обуки за лица во ризик

Во Министерството за социјална политика демографија и млади се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Министерство и СИЗИГИЈА Скопје – Фондација за создавање екосистеми, иновации и трансфер на знаење за личен и деловен развој.
Со Меморандумот потпишан од министерот Фатмир Лимани и г-ѓа Сузана Трајковска Кочанковска од СИЗИГИЈА, Министерството изразува поддршка во активностите на фондацијата преку проектот „Црн лебед“ – кој има за цел поддршка на лица во ризик преку обезбедување на обуки за нивно вклучување во социјални претпријатија и креирање на инклузивни работни места контекст на социо-економски претпријатија.
Проектот „Црн лебед“ е финансиран од Министерството за социјална политика, здравје и заштита на потрошувачите на Република Австрија започнат на 25.01.2025 година со период на имплементација од 12 месеци.
Истиот се реализира во соработка со Impact Hub Aвстрија и Фондацијата СИЗИГИЈА со цел охрабрување на младите жени (15-24 години) кои не се вработени, ниту во образование или обука (NEET), како и лица со попречености, преку обуки, практична работа во фирми и социјални претријатија да ги подобрат своите вештини и можностите за вработување.
Спроведувањето на активностите од проектот „Црн Лебед“ ќе се реализира во Центарот за социјални претпријатија, кој е даден на трајно користење на Министерството за социјална политика, демографија и млади со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Реализацијата на активностите е без плаќање на надомест од страна на фондацијата за користење на Центарот.
Македонија
Герасимовски: Започна проектот „Цел Центар на точак”, аплицирајте за субвенција до 3.000 денари

Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Центарци ќе можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари.
Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува жителите на Центар да го искористат овој повик и да изберат алтернативен, еколошки превоз. Тој информира дека повикот е отворен од 24 март 2025 година, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Возењето велосипед не е само начин на превоз, туку и здрав животен стил. Со секој поминат километар со велосипед или е-тротинет, придонесуваме за почист воздух, помалку метеж и поздрав живот. Нашата цел е да го поттикнеме користењето на овие превозни средства и да изградиме модерна, одржлива општина. Ги повикувам центарци да аплицираат за субвенција и да придонесеме за помал сообраќаен метеж во централното градско подрачје. Поддржуваме здрави и одржливи транспортни навики“, истакнува Герасимовски.
Заинтересираните граѓани треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот. Правото на субвенција е еднократно.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата.