Македонија
Владата ќе субвенционира купување куќа за млади
Драматично подобрување на условите за купување куќи, најави во четврток, премиерот Никола Груевски, со тоа што Владата ќе им плати учество до 12.500 евра за купување куќа на млади до 35 години, или пак, ќе им плаќа до 80 отсто од месечната рата, во следните осум години.
Како што најави Груевски, проектот „Купи куќа, купи стан“, се надополнува со проектот „Купи куќа за млади“, од кој бенефит може да имаат млади до 35 години, без разлика дали се во брак или не.Имено, преку два модели, Владата ќе субвенционира купување, доградба или надградба на куќа на млади лица до 35 години.Во првиот модел, Владата ќе субвенционира рата од кредит земен за купување куќа, во висина од 80 отсто, во следните 8 години, а потоа во следните три години, субвенцијата ќе изнесува 50 отсто од ратата.Така пресмета премиерот, за месечна рата од 200 евра месечно Владата ќе плаќа 160 евра, а корисникот 40 евра, во времетрање од осум години, а потоа до 11 години, значи во следните три, 100 евра ќе плаќа Владата, а 100 евра корисникот. Оваа мерка се однесува за кредити до 50.000 евра, земени на рок до 20 години.„Корисникот може да подигне и повисок кредит, но субвенцијата ќе се однесува до сума од 50.000 евра“, појасни Груевски. „На овој начин, за кредит од 50.000 евра Владата ќе субвенционира до 33.000 евра. За кредит од 40.000 евра, субвенцијата ќе изнесува до 28.000 евра, а за кредит од 30.000 евра, субвенцијата е до 20.000 евра, или две третини“.Каматните стапки остануваат како и до сега, 3,33 отсто во првите три години, 4,44 во следните три, а потоа одредува банката.Втора можност е исплаќање на субвенција во висина од 100 отсто плаќање на учеството, а кредитот сам ќе си го исплаќа корисникот, затоа што премиерот смета дека некои имаат да платат за едното, на пример, учество, или рати, но немаат за другиот дел.Во оваа втора мерка, субвенцијата би изнесувала до 12.500 евра, кои Владата веднаш ги исплаќа, а каматата е 4,5 отсто, фиксна.Така, за кредит од 50.000 евра, Владата еднаш исплаќа 12.500 евра, за кредит од 40.000 евра – 10.000 евра, за кредит од 30.000, Владата ќе исплати 7.500 евра. Сите средства се неповратни.Аплицирањето за овие субвенции се под исти услови како за проектот „Купи-куќа, купи-стан“. Ако се работи за брачни другари најмалку еден треба да е на возраст до 35 години, а примањата да не надминуваат 900 евра. Мерките се однесуваат за купување на новоизградени, невселени куќи или пак, изградба на сопствено земјиште или наградба или доградба на куќа.„На овој начин го потпомагаме градежниот сектор, и оние фирми кои произведуваат материјали за изградба, како цигли, цемент, песок и друго, но и фирмите кои изработуваат дограма, прозорци, врати и слично, како и оние кои се занимаваат со производство на мебел“, рече премиерот.Груевски, рече дека водени од студија се покажало дека куќата како живеалиште овозможува подобри услови за проширување на семејството. На општините кои во ДУП-от ќе предвидат земјишта за изградба на најмалку 100 куќи, што би биле нови населби, Владата ќе им плати дел од комуналиите. Премиерот смета дека со овој проект се решаваат два проблеми, најпрво се решава проблемот со живеалишта на младите, а второ се поттикнува наталитетот./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

