Македонија
Влез само за лимитиран број на мигранти од ранливите категории
Откако Македонија прогласи кризна состојба и ги затвори јужната и северната граница на земјава поради напливот на илегални мигранти, во последниве 24 часа издадени се 181 потврда за азил на мигрантите, за разлика од претходните денови кога беа издавани повеќе од 1.300 потврди за странски државјани.
„145 се од машки пол, 17 се од женски, девет се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 10 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање на право на азил“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.Полицајците се распоредени на граничната линија кон соседна Грција, а во теков на денов се очекува на полицајците да им се приклучат и припадниците на Армијата на Македонија.Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека во земјава се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата.По информациите што се појавија во странските медиуми дека полицијата употребила солзавец за да ги растера мигрантите, од Министерството велат дека станувало збор за шок бомба, а не за солзавец. „Полициските службеници се распоредени на терен, на граничната линија кон соседна Грција и постапуваат согласно наредбите и овластувањата за заштита на државната граница и обезбедување на мирот и безбедноста во пограничниот појас“, се вели во соопштението од МВР. Во последниве два месеци откако беше донесен Законот за азил и привремена заштита низ земјава минале повеќе од 40.000 мигранти, од кои најмногу од Сирија.Медиумите чии екипи се на терен јавуваат дека во Гевгелија пристигнал вонреден воз за мигрантите којшто требало да ги однесе до Табановце оние кои влегле на територијава на земјава пред да биде прогласена кризна состојба. Се појавија и информации дека дел од локалните жители ги внесуваат мигрантите во земјава за 50 евра.Засега нема официјални информации за повредени полицајци и мигранти, иако странските медиуми, односно агенцијата Asossieted press повикувајќи се на соопштение од грчката полиција јави дека најмалку осум лица се повредени во судир меѓу полицијата мигрантите. Едно дете било повредено со шрапнел од шок бомба, којашто полицијата ја истрелала директно во толпата, според истиот извор./крај/мф/
Извор: (Printscreen> Reuters video)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

