Македонија
Во петок конститутивната седница за новиот состав на Собранието

Конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија ќе се одржи во петок 30-ти декември, во 13 часот, откако во средата седницата ја закажа и спрод најавата со неа ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.
Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2, а во овој парламентарен состав нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови, односно слаб одѕив на избирачите.
Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.
Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, кои ќе ги верифицираат мандатите. Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието.
Новиот собраниски состав ќе има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав, а некои од нив биле народни избраници и во други состави. Од 120 пратеници, 38 се жени. Составот на Парламентот и оваа бројка на застапеност на жените би можела да се промени по формирањето на влада доколку некои од пратениците бидат избрани на функција во извршната власт или не го прифати мандатот од одредени причини. Мандати освоија коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса и Алијанса на Албанците.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори освои 51 мандат. Пратеници од Изборната единица 1 се: Никола Попоски, Елизабета Канческа Милевска, Борис Змејковски, Драган Данев, Даниела Рангелова, Љупчо Димовски, Крсто Јовановски и Чедомир Саздовски. Во Втората изборна единица избрани се Никола Тодоров, Трајко Вељаноски, Жаклина Пешевска, Иван Стоилковиќ, Амди Бајрам, Владанка Авировиќ, Зоран Ѓорѓиевски, Јохан Тарчуловски и Весна Дамчевска-Илиевска. Во тројка избрани се Илија Димовски, Емил Димитриев, Слаѓана Митовска, Трајчо Димков, Стојан Миланов, Магдалена Манаскова, Зеќир Рамчиловиќ, Никола Мицевски, Благица Ласовска, Емилија Александрова и Иван Иванов. Во ИЕ 4 избрани се Никола Груевски, Ваковер Манчев, Ане Лашкоска, Панчо Минов, Весна Пемова, Васил Пишев, Нада Ципушева, Димитар Стевананџија, Драган Цуклев и Павлинче Честојнова. Во петка избрани се Антонијо Милошоски, Зоран Илиоски, Лилјана Затуроска, Љубен Арнаудов, Благоја Деспотоски, Нола Исмајлоска – Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Лилјана Кузманоска. Во ИЕ 6 мандати имаат освоено Владимир Ѓорчев, Јусуф Хасани, Дафина Јованоска Стојаноска и Горан Манојлоски.
Коалицијата предводена од СДСМ освои 49 мандати, од кои 10 во ИЕ 1: Стево Пендаровски, Рената Дескоска, Дамјан Манчевски, Стефан Богоев, Павле Богоевски, Соња Мираковска, Диме Велковски, татјана Прентовиќ, Ивана Туфегџиќ и Петар Атанасов. Пратеници од СДСМ од Втората изборна единица се Оливер Спасовски, Фросина Ташевска-Ременски, Мухамед Зеќири, Маја Морачанин, Ферид Мухиќ, Максим Димитриевски, Курто Дудуш и Тања Ковачев. Во Третата Љупчо Николовски, Благој Бочварски, Јагода Шахпаска, Панче Иванов, Сашко Костов, Јулиана Николова, Енес Ибрахим, Илија Николовски и Мира Стојчевска. Вои ИЕ 4 избирани се Зоран Заев, Хари Локвенец, Катерина Кузмановска, Горан Мисовски, Коста Јаневски, Кети Смилевска, Бетиане Китев, Сашо Поцков, Милева Ѓоргиева, Мери Лазарова. Во Петата изборна единица избрани се Радмила Шеќеринска-Јанковска, Александар Кирацовски, Томислав Тунтев, Горан Милевски, Васко Ковачевски, Ирена Стефоска, Јован Митрески, Алија Камбероски и Жаклина Лазареска. Во шестка мандати од СДСМ имаат освоено Петре Шилегов, Ѓулумсер Касапи и Благојче Трпевски.
ДУИ освои 10 пратенички места. Досегашниот пратеник Артан Груби освои нов мандат во ИЕ 1. Во двојка ДУИ има два мандати Ејуп Аљими и Реџаиљ Исмаили. Во петка мандат од оваа партија има освоено Агим Шаќири. Во Шестата изборна единица ДУИ има освоено шест мандати – Али Ахмети, Талат Џафери, Шпреса Хадри, Бранко Маноиловски, Џевад Адеми и Мирсада Емини Асани.
Движењето БЕСА доби пет мандати. Зеќирија Ибрахим е пратеник од ИЕ 1, додека во Втората изборна единица мандат доби Африм Гаши. Во ИЕ 6 мандати имаат освоено Биљал Касами, Фадил Зендели и Тетута Биљали.
Алијансата за Албанците освои три мандати. Од Изборната единица 5 пратеник ќе биде Сурија Рашиди, а во шестка мандати имаат освоено Зијадин Села и Весел Мемеди.
ДПА освои два мандата и тоа во Шестата изборна единица – Мендух Тачи и Бардуљ Даути.
Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Едноетничките патни табли на влезот во Струга уште една свесна провокација против Албанците“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција најостро го осудува поставувањето на еднојазични патни табли на влезот во Струга, чин што претставува директна и намерна провокација кон Албанците и вредностите на соживотот во државата“, велат од ДУИ.
„Кога Владата поставува патна сигнализација само на македонски јазик во град како Струга, тоа не може да се нарече техничка грешка. Тоа е јасна политичка порака. Провокација. Дел од една продолжена и системска стратегија на исклучување.
Исклучувањето на албанскиот јазик, игнорирањето на Албанците во институциите, негирањето на нивниот придонес и вредности станаа одлика на оваа моноетничка влада.
Се поставува прашањето: кому му служат овие постојани понижувања? Кој има интерес од зголемување на тензиите? И дали ова е цената што Владата ја плаќа за учеството во проектот „Српски свет“?
Секојдневно се преминуваат црвените линии. ДУИ бара итно отстранување на еднојазичните табли и нивно усогласување со Уставот и законите каде што албанскиот јазик е официјален и рамноправен.
Албанската заедница нема да молчи пред обидите за бришење на албанскиот јазик од јавниот простор“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.