Македонија
Во средата издадени потврди на 574 мигранти

Во средата од страна на МВР биле издадени потврди за влез во земјата на вкупно 574 странски државјани, од кои 201 од машки и 158 од женски пол, како и на 214 деца кои го придружуваат носителот на потврдата и едно дете кое патува без придружба на родител. Според државјанството, потврди се издадени на 489 државјани на Сирија и на 85 државјани на Ирак, додека нема издадено потврди на државјани на Авганистан.
Од почетокот на годината па до 24-ти февруари, издадени се потврди на вкупно 87.036 странски државјани, од кои 34.529 се од машки пол, 19.000 се од женски и 33.298 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 208 деца кои патуваат без родител. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-42.651, Авганистан-26.546 и Ирак-17.836.
Годинава до Секторот за азил барање за признавање на право на азил поднеле 21 лицe (14 од Сирија и седум од Авганистан) врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 24-ти февруари евидентирани се вкупно дваесет и пет баратели на азил од кои петнаесет мажи, три жени и седум деца со придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, еден маж , една жена, пет малолетни деца со придружба на старател, пет малолетни лица без придружба на старател се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.
Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.