Македонија
Вонредно оценување за судиите, за Панчевски да добие повисока оценка
Судскиот совет формираше комисија која треба да врши вонредна оценка на судиите кои се кандидирале за претседатели на судовите.
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски и покрај сите скандали сака да ја смени оценката на Владимир Панчевски од три на четири, со цел да остане во трката и да биде реизбран за претседател на Кривичниот суд, злоупотребувајќи го советот.
„Ќе има вонредно оценување за сите кандидати кои претендираат за претседатели на судии. Тоа го одлучивме согласно законот за судски совет. Веќе е формирана соодветна комисија и ќе почне со работа“, рече претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.
Тој истакна дека имале конструктивна расправа за состојбите во Основниот суд Скопје 1 и дека се донесени заклучоци, но не сакаше да каже пред медиумите што заклучоци донеле.
„Повикуваме на разум, на решавање на состојбите внатре во судот и секој што има проблеми од редот на судиите, бидејќи една од основните работи на Судскиот совет е заштита на угледот на судиите и чување на довербата во судството, да се обратат до советот и сите проблеми да ги решаваат институционално. Оној што претпоставува дека кај некого има кривична одговорност соодветно на кривични пријави, без многу давање информации на јавноста за целата работа, слободно да се обратат на Судскиот совет“, рече Караџовски.
Тој не се согласува со формирање на специјално одделение во Кривичниот суд. Вели, нема толкава криза во судството.
„Состојбата не е доволно добра за угледот на судот. Генерализирањето некој друг го започна, дека преку еден суд целото судство не е во ред“, рече претседатeлот на Судскиот совет.
Освен Панчевски, кандидати за претседател на Кривичниот суд се судијата Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ.
На 4 декември освен мандатот на Панчевски, завршува и мандатот на Лидија Неделкова, претседателка на Врховниот суд. Кандидати за претседател на Врховниот суд се актуелната претседателка Лидија Неделкова, поранешниот претседател Јово Вангеловски, судијката Снежана Бајлозова и Беса Адеми./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

