Македонија
Започна реконструира делницата Велес – Катланово
Во присуство на премиерот Никола Груевски и членови на неговата влада, во понеделникот започна реконструкцијата и рехабилитацијата на делницата Велес – Катланово од автопатот „Александар Македонски“ во должина од 23,5 километри, инвестиција којашто ќе чини 5,7 милиони евра.
Оваа делница е една од најупотребуваните и најфреквентните во земјата и претставува исполнување на ветувањата дадени на изборите, истакна во своето обраќање на отпочнувањето на работите претседателот на владата Никола Груевски.
Претходно во 2012 година заврши целосната реконструкција на патниот правец од Катланово кон Велес
Како што претходно информираше Владата, 85 отсто од средствата за реконструкција на делницата Велес-Катланово во должина од 23,5 километри и вредност од близу 5,7 милиони евра се обезбедени преку грант од ИПА компонентата за регионален развој, а 15 проценти се одвоени од Буџетот на државата. Предвидениот рок, согласно договорот за изведување на градежните работи со фирмата „Трабак“, изнесува 365 дена.
„Долгогодишното користење и големиот број поправки во минатото имаат оставено бројни лузни на патот и севкупно лоша слика за земјата. Реконструкцијата на овој патен правец беше повеќгодишно барање на нашите граѓани. Ние ветивме дека ќе го направивме патот и си останавме доследни на ветувањето“, порача Груевски.
Премиерот, исто така, посочи дека активностите треба да завршат за една година, а самиот зафат ќе овозможи зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на оштетувањата на возилата, намалување на времето на патување, а тоа ќе претставува и плус за „Коридорот 10“ кој минува низ Македонија. Потсети дека на споменатиот коридор изминативе години во рамки на владините проекти изградени се делницата Табановце-Куманово, целосно е реконструирана делницата Катланово-Велес, а во моментов се гради автопатот Демир Капија-Смоквица, а за една годна се планира и реконструкција на делницата Смоквица-Гевгелија.
„Сево ова јасно говори за нашите намери и стратегија да создадеме една нова слика за коридорите кои минуваат низ нашата земја и севкупна нова слика за македонските патишта. Таквата стратегија активно ја реализиравме во изминатиот период, а оваа година започнавме со изградба на двата нови автопата Скопје – Штип и Кичево – Охрид, како и со повеќе други проекти кои паралелно се работат. Со тоа реализацијата на нашите намери само добива на поголема динамика“, рече премиерот Груевски.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, пак, се задржа на фактот дека вложувањата во инфраструктурата се дел од здравите економски политики, а почетокот на работите на оваа делница, која, како што рече, е крвотокот на македонската економија, е дел од еден поголем инвестициски зафат.
„Изминатите години главните вложувања на владата во патната инфраструктура беа во изградба на нови регионални и локални патишта. Во овој мандат фокусот е ставен на изградбата на автопатите за коишто во изминатиот период се подготвуваше документацијата за да се започне со нивна изградба. Се наоѓаме во екот на еден инвестициски циклус којшто надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се за завршување на трите автопати Демир Капија-Смоквица, Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Другиот дел се регионални и локални патишта кои ќе бидат поддржани со средства од Светската банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД)“, рече Ставрески.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека станува збор за рехабилитација со која е предвидена обнова и замена на асфалтот по целата должина, поставување на нови банкини и заштитници, мрежа за заштита од одрони, нова хоризонтална и вертикална сигнализација. Нагласи дека со завршувањето на градежните активности кои се во тек на делниците Демир Капија-Смоквица, Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, Македонија ќе добие 123 километри нова, модерна и безбедна автопатска мрежа која ќе придонесе за македонската економија и за перспективите на земјата../крај/мф/ди
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

