Македонија
Завршен проектот за зајакнување на физичката безбедност на складот Еребино
Во петокот во складот Еребино со свечена церемонија беше одбележано успешното завршување на проектот „Подигнување на нивото за физичката безбедност на складот Еребино“, при што министерот за одбрана Зоран Јолевски во обраќањето пред присутните истакна дека реализацијата на овој проект е резултат на потребите на Министерството и Армијата на Република Македонија и веќе воспоставената соработка со UNDP, SEESAC и ЕУ, во насока на реализација на проектите поврзани со Конвенцијата за забрана на касетна муниција.
„Република Македонија континуирано врши активности за имплементација на обврските кои произлегуваат од релевантни Конвенции. Нашата земја има активна улога во овој процес особено во однос на Конвенцијата од Осло од 2008-та година“, рече министерот Јолевски. Во оваа прилика тој изрази благодарност до овие организации поради одличната соработка пред и за време на имплементацијата на целиот проект, но и за претходно завршениот проект, а кој се однесуваше на ослободување од резервите на касетна муниција со која располагаше Армијата на Република Македонија.
„Се надевам дека оваа соработка со регионалните организации вклучени во контрола на вооружувањето ќе продолжи и во иднина. Успешната реализација на овој Проект, за нашата земја е потврда за индивидуалните и заедничките напори во духот на меѓународните регулативи за контрола на вооружувањето“, додаде Јолевски.
На денешната церемонија се обрати и резидентниот координатор на ОН и резидентен претставникот на UNDP, Луиза Винтон. „Горди сме на нашата регионална програма SEESAC која игра значајна улога во борбата против пролиферација на незаконско оружје во земјава и низ целиот регион на Југоисточна Европа“, порача таа.
„Европската унија како една од водечките меѓународни актери во борбата против недозволена акумулација и пролиферација на оружје, става голем акцент на борбата против оваа закана во рамките на нејзините граници, во своите погранични региони и на глобално ниво“, рече Тибор Варади, претставник на Делегацијата на ЕУ за РМ.
Тој додаде дека е охрабрувачки да се види дека Република Македонија и Министерството за одбрана ги применуваат силните, сигурни и ефикасни системи за контрола и управување со мало и лесно оружје кои се предуслов за борба против недозволена пролиферација и трговија со оружје.
Заменик началникот на ГШ на АРМ, Мухамет Рацај во своето обраќање пред присутните рече дека со овој проект се спојува човечкиот фактор и современата техника која ќе овозможи полесно и поефикасно обезбедување на објектите на АРМ, а со тоа и рационализација при ангажирањето на жива сила при физичкото обезбедување.
Овој проект е реализиран врз основ на воспоставената заемна соработка помеѓу Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија и SEESAC (South East Europe Clearing House for Small Arms and Light Weapons) Центар за мало и лесно вооружување на земјите од Југоисточна Европа, UNDP и Европската унија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

