Македонија
Заврши воената вежба „Македонски Блесок-12“

Припадниците на декларираната ренџерска чета со демонстрација на постапките на показната вежба со боево гаѓање „Ренџерски вод во реакција и извлекување од контакт“, која во петокот се реализира на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ во рамки на програмата за Денот за високи гости, го означија завршетокот на „Македонски Блесок-12”.
Во текот на реализација на вежбата ренџерите прикажаа висока обученост и извежбаност при демонстрирање на борбени постапки и ситуации кои беа дел од содржините за НАТО оценувањето Ниво-1 на вежбата „Македонски Блесок-12” кое се спроведе во текот на вежбата.
НАТО оценувањето ниво 1 на декларираната рч се реализираше согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, а го спроведе оценувачки тим составен од претставници на армии од земји членки на НАТО и Партнерството за Мир (ПзМ).
Денешната активност покрај министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковки ја проследија и генерали на АРМ, команданти на единици, претставници од Канцеларијата за врски на НАТО, асоцијацијата на воените аташеа акредитирани во Република Македонија и други високи гости.
Во текот на вчерашниот ден на командирот на оценуваната единица и раководството на вежбата им е соопштена првичната оценка од спроведеното оценување согласно концептот за оперативни способности на НАТО, која е позитивна и во согласност со прикажаната висока обученост на припадниците на единицата.
На вежбата учествуваа 250 припадници од 21 држави на НАТО и ПзМ, а за време на траењето на вежбата се реализира и „32. Курс за обучување на оценувачи во НАТО, според концептот за оперативни способности“.
Вежбата „Македонски Блесок 12“ претставува продолжение на циклусот вежби кои ги изведуваа припадниците на АРМ во досегашниот период и уште еден голем успех на АРМ и потврда за исполнувањето на стандардите на НАТО./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски – Кос: реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда

Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.
Соговорниците ја нагласија силната поддршка за проширувањето на Унијата, и од страна на земјите членки и од страна на граѓаните на Северна Македонија – што го потврдуваат и наодите од последниот „Евробарометар“.
На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Муцунски нагласи дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Изрази благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено во контекст на нејзиното учество и поддршка на Самитот за Планот за раст, што неодамна се одржа во Скопје.
Соговорниците разменија мислења и за неодамнешното приклучување на државата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година, како дел од бенефитите на постепената интеграција во Унијата.
На средбата се дискутираше и за актуелните регионални и глобални случувања, при што беше потврдена заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.
Македонија
Meџити: Мајка Тереза е една од најсветлите личности на човештвото

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со делегации од Владата, Собранието и општините положи венец со свежо цвеќе на спомен-плочата во центарот на Скопје, посветена на албанската нобеловка Гонџе Бојаџиу – Мајка Тереза, по повод 115-годишнината од нејзиното раѓање.
По церемонијата, Меџити изјави дека на 115-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза – Гонџе Бојаџиу, родена во Скопје, се сеќаваме на една од најсветлите фигури на човештвото – мисионерката на љубовта и добитничка на Нобеловата награда за мир.
„Таа нѐ научи дека величината не се мери со функции и моќ, туку со служење, посветеност и љубов кон другиот. Нејзината порака останува водилка за нашата политика и општество, да работиме за мир, правда и солидарност, без да заборавиме никого. Мајка Тереза ни остави света порака дека љубовта се мери преку делата што ги правиме“, изјави Меџити.
Тој вети дека се гради иднина во која Скопје повторно ќе биде препознаено во светски рамки како центар на висока култура, развиено образование, наука и технологија, со перспектива за младите и хуманизам.
Македонија
ДОМ: Самоуништување на природата, Дошница жртва на владината неодговорност

Зелената партија ДОМ остро реагира на одлуката на Министерството за животна средина да не ја стави реката Дошница под привремена заштита, иако врз нејзиниот слив се планира изградба на две мали хидроцентрали кои ќе ја доведат клисурата до еколошки колапс.
ДОМ ја оценува оваа институционална пасивност како политичка одлука за самоуништување на природните богатства и суров удар врз иднината на нашите граѓани и граѓанки.
„Министерството ги прикрива своите намери зад изговори дека „предлогот не е формално доставен“. Ова е безобразно игнорирање на алармот што дојде од експерти, биолози и невладини организации уште пред еден месец, кога побараа мораториум се’ додека не се заврши Студијата за валоризација на природните вредности. Сезонското пресушување на реката Дошница и најавеното дополнително исушување се директна последица од оваа неодговорност.
Веднаш да се воведе мораториум на сите активности поврзани со концесијата, да се затвори пристапот до локациите и да се прогласи привремена заштита на текот и околниот предел, во корист на идното заштитено подрачје „Демиркаписка клисура“. Без тоа, ендемичните видови, македонските риби и планинските инсекти се на пат кон неповратна деградација“.
Бараат итна изработка и усвојување на елаборат за мониторинг на биолошката разновидност и еколошкиот проток во Дошница, со јавни дебати и независни експерти.
Министерството, како што додаваат, да испрати јасна порака до концесионерот: без зелено светло за заштита, нема ни нови брани.
„Зелената партија ДОМ нема да молчи пред ова политичко насилство над природата. Ако не прекине оваа тенденциозна институционална воздржаност, ќе покренеме граѓански и правни активности за да ја спасиме Дошница од катастрофа. Природата не чека, ниту ние ќе го дозволиме нејзиното уништување.