Македонија
ЗНМ тврди дека припадници на полицијата ги попречуваат новинарите во извршувањето на нивната професија, МВР бара докази
Здружението на новинарите на Македонија во реакција до медиумите изрази сериозна загриженост за, како што тврдат, сé позачестените инциденти во кои припадници на полицијата ги попречуваат новинарите во извршувањето на нивната професија, а Министерството за внатрешни работи одговори дека нема потврда на ваквите обвинувања охрабруваат да биде покрената приватна тужба.
„Последен ваков инцидент е забележан на 25-ти август кога полицаец принудно му го прегледал мобилниот телефон на новинарот на Нова ТВ, Дехран Муратов, додека го следел протестот на отпуштените работници од Царинската управа“, велат од ЗНМ.
Од таму додаваат дека ваквата постапка на полицијата е обид за цензура, со кое се гази слободата на медиумите загарантирана со македонскиот устав.
„Ова не е прв инцидент во кој полицијата ја попречува работата на новинарите, а раководството на МВР не успева да ги открие и санкционира ваквите незаконски постапки, со објаснување дека нема докази или дека не може да се утврдат наводите од новинарските поплаки“, се вели во реакцијата.
Од ЗНМ констатираат дека повторувањето на вакви слични настани и неказнување на сторителите создава впечаток во јавноста дека тие не се изолирани инциденти поради нестручност на полициските службеници, туку дека станува збор за оркестрирана акција за вршење притисок врз новинарите.
Од МВР, пак, реагираат дека не постојат докази оти полициски службеници дрско му пристапиле на новинарот на Нова ТВ и му ги прегледувале содржините во мобилниот телефон.
„Лицето кое се обидело да ги снима со мобилен телефон полициските службеници за време на преземање службени дејствија не бил видно одбележан дека е новинар. Иако истиот се претставил како новинар не се легитимирал со службен беџ или легитимација. Доколку поседувате каков и да е доказ во прилог на некои од наводите, Ве повикуваме да го доставите за да може во соодветна процедура да го провериме“, апелираат од МВР.
Од министерството ги охрабруваат засегнатите страни да покренат приватна тужба против полицискиот службеник и Судот да се произнесе околу аргументите на двете страни./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски на средба со Стопанската комора Македонија–Турција: Заеднички проекти за развој на општината
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски оствари средба со Стопанската комора на Македонија–Турција (MATTO), на кој се разговараше за можности за заеднички проекти и развој на Општина Центар.
На средбата претставниците на MATTO му упатија честитки по повод именување на функција градоначалник со втор мандат на Општина Центар.
„Соработката со MATTO ќе донесе нови можности за развој на Општина Центар”, изјави градоначалникот на денешната средба со претставниците на Стопанската комора на Македонија–Турција (MATTO)
Двете страни ја потврдија подготвеноста за унапредување на соработка преку иницијативи и проекти кои ќе придонесат за економскиот и општествениот развој на општината. Турските инвеститори и македонските компании во рамки на MATTO изразија интерес за партнерства што ќе создадат нови развојни можности и ќе ја зајакнат локалната економија
Македонија
Фатени со пари и список од врата до врата – двајца охриѓани пријавени за изборен поткуп
Полицијата од Охрид поднесе кривична пријава против Р.А.Д. (50) и Ј.С. (44) од овој град, поради сомнение за кривичното дело поткуп при избори и гласање.
Според полицијата, на 19 октомври, за време на локалните избори, двајцата биле затекнати како се движат од куќа до куќа со пари и список што содржел лични податоци и адреси на жители со избирачко право во Охрид. На евидентирани лица им нуделе и делеле парични средства, со намера да ги придобијат да гласаат во корист на кандидат за градоначалник на една политичка партија.
По целосно документирање на случајот, пријавата е поднесена до надлежен орган за понатамошна постапка.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Без ефикасна и чесна даночна администрација нема силна економија и одржливи јавни финансии
Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на Денот на даночните работници.
Ова рече Мицкоски е ден кога треба да се говори за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста.
„Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија, тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин. Од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3 милијарди и 600 милиони евра“.
Тоа, како што посочи е за 260 милиони евра повеќе од минатата година.
Според него тоа значи дека економијата расте.
„Активноста се зголемува. Компаниите работат. Платите растат. А со тоа растат и приходите.
Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго, за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска. Навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари – септември периодот 2025 година изнесува 95%. Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред и уште поважно:Навременото плаќање на ДДВ порасна на 81% од тоа што беше во претходните две години 76%. Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен“.
Мицкоски дополни дека ниту еден напредок нема вистинска вредност ако не се брани од најголемата закана за секоја држава, корупцијата.
Во оваа борба, УЈП, додаде тој е клучна фронт-линија.
„Ви ветувам дека ќе продолжиме да инвестираме во вашиот капацитет, во подобри услови за работа, во дигитални алатки кои ќе го олеснат секој процес, и во политики кои ќе ја направат земјата уште поконкурентна.Нашата цел е многу јасна силна економија, стабилни јавни финансии, праведно општество и држава во која даночниот систем е фер, ефикасен и целосно заштитен од корупција.

