Македонија
Јас единствен барав да не му се издава лиценца на „Пулс“, би требало да седам како јавност, а не како обвинет, рече поранешниот градоначалник Ратко Димитровски
Изненаден од тоа што седи на обвинителна клупа, поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, на денешното судење за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ побара судот да ја исправи неправдата и да го ослободи оти е единствениот во државата кој пред 13 години побрал да не му се издава лиценца за дискотека на „Пулс“.
По долгиот воведен говор од неговата бранителка Ангела Соколова, во кој таа објасни дека Димитровски побарал од Министерството за економија да не му се издаде лиценца на клубот откога побарле одобрение за паркинг од Општината, а такви услови немало, пред судот збруваше и Димитровски како дополнување на воведниот говор. Објасни дека не дозволил „Пулс“ да ги користи за паркинг двете локации што биле на 250 метри од објектот и веднаш побарал да не му се издаде лиценца, барање на кое никогаш не добил одговор.
„Изненаден сум, никогаш не сум можел да замислам дека ќе застанам на обвинителна клупа за такво нешто, а само јас сум бил тој што е против тоа пред 13 години“, рече поранешниот градоначалник на Кочани, Димитровски, и нагласи дека друго барање од „Пулс“ до него не стигнало.
„Јасно е како ќе сум одговорел имајќи го предвид моето барање за неиздавање лиценца. Сега би требало да седам како јавност, а не обвинет“, рече Димитровски.
Воведен збор даде и одбраната на Николчо Илијев, градоначалник на Кочани во периодот од 2017 до 2021 година, кој има петмина бранители. Воведен збор во име на сите петмина бранители даде адвокатот Синиша Станковиќ, кој укажа дека додека Илијев бил градоначалник, никогаш не дошол во контакт со документ поврзан со клубот. Никој никогаш не го известил или информирал за што било, немал контакт со сопственикот на објектот, ниту со оние што го користеле и не позналавл никого од нив. Ниеден државен орган не го известил за што било за правниот субјект „Пулс“ и немал контакт со другите обвинети лица пред, за време и по функцијата градоначалник.
„Не било поднесено барање за што било до Општина Кочани или до него лично од 2017 до 2021 година ниту по усмен ниту по писмен пат“, рече бранителот Становкиќ и најави дека во постапката ќе покаже оти нема вина кај Илијев, а наведе и дека во речиси половина од неговиот градоначалнички мандат угостителските објекти не работеа поради ковид-пандемијата.
И одбраната на Љупчо Папазов, кој беше градоначалник на Кочани кога се случи пожарот, даде воведен збор на денешното судење. Адвокатот Мите Левков рече дека се работи за конструиран случај во кој треба да се задоволат нечии желби и најави дека ќе докаже оти Папазов не може да има никаква одгворност за пожарот. Рече дека Папазов им се ставил на располагање на институциите ноќта кога се случи пожарот, потсети дека си поднел оставка од функцијата од морални причини и молкум го издржал каменувањето на неговиот дом на 17 март. Неговиот воведен говор го дополни самиот Папазов, кој рече дека досега немал можност, но и не сакал да зборува за да ѝ не пречи на истрагата.
„Сакам само да потсетам за две можности што можев да ги направам во тој момент. Едната од професионален аспект – да ја мобилизирам целокупната општинска администрација во функција на истражните органи, самиот јас да им се ставам на располагање на сите надлежни служби и уште една работа – да го одржам најкраткиот колегиум во мојот градоначалнички мандат со цел овозможување на основните услуги за спроведување на сите потребни активности понатаму. Втората работа што можев да ја направам од личен и човечки аспект од глетката што ја видов – да поднесам оставка од морални причини“, рече Папазов.
Тој најави дека во судницата ќе изнесе многу аргументи и факти, кои можеби нема да му се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор до утврдување на вистината.
Дека чесно си ја извршувале работата и не направиле никакви пропусти, кажаа и тројцата општински градежни инспектори обвинети за трагедијата во „Пулс“, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков и Николчо Гоцев.
Четвртото рочиште на судењето за трагедијата во „Пулс“ е во тек со воведни говори од бранителите на лицата што работеле како обезбедување во дискотеката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во јужните делови
Времето утре облачно, насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.

