Македонија
(Видео) Стоилковски: Криминалци избркале полицајци од полициска станица во Арачиново, Спасовски оставка веднаш
Оливер Спасовски, СДС и ДУИ се сериозна опасност за функционирањето на МВР и за безбедноста на граѓаните пред растечкиот криминал, насилството и самоволието. Криминалци бркаат полицајци. Упаѓаат вооружени во полицијата во Арачиново и полицајците бегаат, биле ИЗБРКАНИ од полициско одделение. Нема друг таков случај во светот. И Спасовски и МВР повторно се обидува да го забошотат и премолчат случајот, изјави на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека ова е тежок скандал за кој нема оправдување, ниту криењето помага. Вооружени лица блиски до власта влегле со закани во полициското одделение во Арачиново, а четворица полицајци добиле наредба од претпоставен да се повлечат од полициски пункт и од Арачиново да се повлечат во Гази Баба, само затоа што е направена контрола, сопреле возило, без валидни документи.
Стоилковски истакна дека медиумите објавија за случувањето пред два дена, а МВР сè уште молчи. Повторувам, само затоа што било сопрено лице со возило без валидни документи, вооружена група блиска до власта, еден полицаец и еден познат на полицијата, влегуваат во полициско одделение и полицајците морале, добиле наредба од претпоставен да се повлечат од Арачиново до Гази Баба!
Тој ги повика професионалците во МВР да преземат мерки во насока на заштита на јавниот ред и мир, во насока на заштита на медиумите, но и за ставање крај на политичките злоупотреби на полицијата, вистински да застанат во функција на обезбедување јавен ред и мир и справување со енормно нараснатиот криминал и да го расчистат случајот.
Според Стоилковски, Оливер Спасовски мора да замине од МВР затоа што по 7 негови години, криминалот цвета, полицајците се цел на потсмев, а полицијата е логистика на белосветската мафија.
Оттука, ги повикувам и новинарските и медиумските здруженија да се охрабрат и да реагираат во заштита на новинарите и медиумите кои ја пренесоа информацијата за Арачиново. Во моментот ништо не е поважно од ставање крај на бандитизмот, а додека Оливер Спасовски е на чело на МВР, тоа е невозможно, изјави Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во работна посета на Австралија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во периодот од 6 до 13 февруари 2025 година ќе престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.
Во рамки на интензивната политичка агенда, планирана е средба со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг (Penny Wong), на која ќе бидат потврдени добрите и пријателски билатерални односи, како и можностите за нивно натамошно продлабочување, особено на економски план. На средбата се очекува и размена на мислења за актуелните меѓународни прашања.
Покрај политичките средби, агендата на министерот вклучува активности за економска промоција на земјата, како и бројни средби со истакнати стопанственици и претставници на бизнис-секторот. Во рамките на посетата, министерот Муцунски ќе оствари и средби со македонски и австралиски бизнисмени, како и со членови на Групата за пријателство со нашата земја во Парламентот на Австралија.
Во фокусот на посетата ќе биде и средба со претставници на македонската дијаспора во Австралија. Министерот ќе даде и интервју за државното SBS радио на македонски јазик, во кое ќе се осврне на актуелните политики и приоритети во односите помеѓу двете земји.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Јануари 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.02.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.02.2025– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
Денес во 16.30 часот тргнува првиот воз од Скопје за Куманово, ќе се патува 41 минута
Скопје и Куманово по две и пол години прекин, повторно ќе бидат железнички поврзани. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски извести дека од денес почнува да функционира редовна железничка линија.
„Денеска тргнува првиот воз од Скопје за Куманово. Тоа го ветивме на отворањето на железничката пруга Куманово – Бељаковце и еве од денеска е вистина. Во 16.30 часот ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово. Патувањето ќе трае 41 минута. Ќе оперира двапати дневно. Наутро во 06.30 ќе тргнува од Куманово за да можат сите оние на кои им е потребно да дојдат тука во главниот град, дали е за работа, дали е за други потреби кои што ги имаат и истиот воз во 16.30 ќе се враќа назад кон Куманово и секако во обратна насока кон Скопје. Значи ќе имаме четири воза дневно коишто ќе оперираат за 41 минута, што ќе се согласите сите, е навистина брзо. Од центар на Скопје до центар на Куманово ќе се патува за 41 минута што многу ќе ја олесни комуникацијата меѓу овие два града“, рече министерот Николоски.
Возот од Куманово ќе продолжи и до Бељаковце, оти само до таму во овој момент имаме железничка линија. Министерот Николовски очекува од октомври следната година истиот воз да оди и до Крива Паланка, кога ќе биде изградена пругата.
Во овој момент имаме пет активни воза кои оперираат по македонските железници за патнички сообраќај, пет локомотиви кои оперираат за товарен сообраќај и четири локомотиви. Министерот вели дека од нула возови и нула локомотиви минатиот јули сега имаме вкупно 14 на македонските пруги.
Следни железнички линии кои повторно ќе бидат воведени се оние до Тетово и Гостивар со амбиција да се врати и целата линија до Кичево,а понатаму и линиите до Штип и Кочани за кои министерот вели дека се градски линии оти сообраќаат на мали дестинации.
Редовната железничката линија меѓу Скопје и Куманово беше прекината во јуни 2022 година кога без најава и објаснување беа повлечени четирите воза што ја одржуваа.