Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за модуларната болница е срамна и политички мотивирана

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на судската пресуда за трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која во септември 2021 година животите ги загубија 14 лица. Од партијата ја оценија пресудата како срамна и донесена под политички притисок од страна на СДСМ и ДУИ.
Во партиското соопштение се посочува дека казната затвор од една година и шест месеци за поранешните директори на тетовската болница, како и паричната казна од околу 16 илјади евра за Клиничката болница Тетово, не ја одразуваат тежината на трагедијата.
„Оваа пресуда не е во служба на правдата, туку единствено во служба на Венко Филипче и Али Ахмети“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека правосудниот систем е под целосно влијание на владејачките партии, и побараа институциите да поведат постапка за разрешување на сите инволвирани во носењето на одлуката.
„Ги повикуваме надлежните да поведат постапка за разрешување на судиите кои донеле срамна пресуда, како и Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа одлука“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така упатија остри зборови кон поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кого тврдат дека „свесно и по налог на Заев, Анѓушев и Ахмети го презел тендерот за изградба на модуларните болници од локалната самоуправа“.
Партијата истакна дека ќе поддржи секоја форма на револт и незадоволство од оваа пресуда и додаде дека „право, правна држава и одговорност мора да има“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев: Поддршка за европската иднина, но не по цена на македонскиот идентитет

Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, на прашање од граѓаните на Македонски Брод, ја потенцираше јасната и принципиелна позиција на движењето во однос на прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија.
„Ние немаме ништо против ниту еден народ, вклучително и Бугарите. Не сме против нивното уставно спомнување, но бараме цврста гаранција дека тоа ќе биде последното барање од нашите соседи на патот кон Европската Унија,“ рече тој.
Истакна дека протоколите кои претходната Влада ги потпиша со Бугарија содржат сериозни замки кои директно го допираат националното достоинство и историската вистина за македонскиот народ.
„За нас е неприфатливо Гоце Делчев да биде прикажан како Бугарин. За нас е неприфатливо да се прифати дека македонскиот народ постои од 1945 година, и уште помалку да се нарекува бугарскиот фашистички окупатор администратор“ – додаде генералниот секретар.
Тој потсети дека Македонија веќе направила огромни отстапки на европскиот пат со промена на името, знамето и уставни измени и порача дека македонскиот народ нема да дозволи самопоништување и историски ревизионизам.
„Доста е! Ние сакаме европска иднина, но не по цена на нашата историја, идентитет и јазик“ – заклучи тој.
Македонија
Мицкоски: Стратешкото партнерство носи бенефит за граѓаните, модернизација на железницата од Коридорот 10 и проекти во здравството

Денес при посетата на тренинг центарот во Идризово, каде што беше промовиран новиот пристап за третман на лица прекршители на законите, претседателот на Владата Христијан Мицкоски даде изјава и во врска со историскиот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
„Првата причина е стратешка и политичка. Колку повеќе стратешки договори и вакви партнерства имаме со големи и значајни светски фактори, како што е Обединетото Кралство, толку подолгорочна ќе биде стабилноста и перспективата на Македонија како држава, но и на граѓаните. Јас на овој договор гледам како на чекор напред во таа насока. Убеден сум дека ваквиот вид пријателство и партнерство може да донесе само добри работи за граѓаните“, изјави Мицкоски.
„Во економска смисла, тоа е втората причина, веќе споменавме дека имаме рамка со која ни се ставаат на располагање околу 6 милијарди евра, или околу 5 милијарди фунти. Станува збор за два типа на проекти кои се договорени за работа.
Првиот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата што е дел од Коридорот 10, на потегот од Табановце до Гевгелија.
Втората група проекти се поврзани со здравството: конечно завршување на Клиничкиот центар Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом со 200 легла, завршување на здравствената установа во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово“, рече тој.
Тука, како што нагласи, спаѓаат проекти од енергетиката, проекти од транспортот, како и проекти од областа на медицината и здравството.
„Можно е, во догледно време, доколку сè функционира на начинот на којшто очекуваме, да биде изграден и големиот клинички центар во Скопје. Така што, придобивките ќе се мултиплицираат, и јас сум убеден дека како држава сме на прагот на еден трансформационен период.
Станува збор за трансформациони проекти кои што имаат за цел да додадат вредност, не само во квалитетот на живот на граѓаните тука, туку и генерално во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
Најави дека во престојните денови ќе биде остварена и посета на Лондон каде високи делегации од двете влади ќе потпишат договор.
Македонија
Филков: Електронските алки не се само технолошки уреди, тие се алатка за реформа

Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на промоција на надградениот систем за електронски надзор во тренинг центарот на КПД Идризово.
Овој процес кој е резултат на сериозна работа и посветеност на Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и поддршката од нашите партнери, претставува чекор напред во реализацијата на европските стандарди за извршување на казните и унапредување на човековите права.
,,Електронските алки не се само технолошки уреди, тие се алатка за реформа. Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме: Алтернатива на затворот, намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, подобра ресоцијализација и поголема безбедност за граѓаните. Ова не е само техничка надградба, тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права”, истакна Филков.
Дополнително, како што нагласи, со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда, многу скоро ќе биде објавен на ЕНЕР, се воспоставува правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.
,, Со тоа, ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка која што беше фрлена досега на изречените мерки, куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме.
Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена, и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните”, порача министерот за правда, Игор Филков.