Македонија
Во МНТ маратон во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години

Поради трагичниот настан што длабоко ја потресе целата нација, но и пошироко, се обраќаме со искрено сочувство до сите засегнати и солидарност кон тешко повредените, велат од МНТ.
„Во знак на почит кон жртвите, нивните семејства и деновите на националната жалост, ве информираме дека закажаниот спектакл СОНЦЕТО, КОЛКУ Е БЛИСКУ СОНЦЕТО!, MADE IN MNT, во режија на Дејан Пројковски, кој требаше да се одржи в четврток, 3 април 2025 година, во 20 часот, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар, се одложува за наесен.
Во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април 2025 година во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10 и во 12 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава ‘Распеана турлитава. Потоа, од 18 часот следуваат ‘Бели ноќи, Мој термин од 19 часот и ‘Торонто експрес од 21.30 часот. Вратите за публиката ќе бидат отворени, односно билетите ќе бидат достапни гратис, а публиката ќе може да ги подигне на билетарницата на МНТ.
За изведбите на детската претстава билетите ќе се подигаат на 2 април од 12 до 20 часот, а за вечерните изведби на 3 април од 12 часот.
Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што во чест на одбележувањето 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, со наслов Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој.
Во рамките на 80 години МНТ, на 5 април, во 20 часот, на малата сцена публиката ќе ја гледа ‘Поетроника во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика. Мултисензорно искуство, каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот ќе раскажат сосема нова приказна вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.
Ви благодариме за разбирањето и за поддршката во овие тешки моменти и упатуваме најдлабоко сочувство до сите што тагуваат“, соопшти МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со умерен северен ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со слаб до умерен северен ветер. Попладне и во вечерните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2) и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во попладневните и вечерните часови локално ќе биде нестабилно, со пороен дожд и грмежи наместа во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2) и засилен ветер. Во сабота ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во недела се очекуваат нови врнежи од дожд.
Македонија
Петрушевски: Ако ССМ не ги криел платите, тогаш на кој сајт или друго јавно место се објавени?

Ако ССМ не ги криел платите, тогаш на кој сајт или друго јавно достапно место се објавени?, прашува Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пешевски е на чело на синдикат каде работниците на скелиња земаат минимална дневница, за разлика од таа на Пешевски, кој е поставен таму не од граѓаните како пратениците, туку од тесен круг од неговите пријателчиња од ССМ. И таа позиција си ја наследуваат од колено на колено, како и неговите пријатели и ментори од црвената буржоазија на СДС.
Ако Пешевски со имот и примања како комунистички директор е претставник на работничките права, тогаш неговиот ментор Заев е чесен човек, а тие Лехваленса, објави на ФБ Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
One Stop Shop од средината на април ќе се воведе на границата со Косово

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека од средина на месец април (14.04.2025) официјално ќе започне со работа заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на заеднички граничен премин Долно Блаце – Елез Хан.
„Овој чекор претставува конкретна реализација на билатералната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, со цел олеснување на прекуграничното движење, намалување на времето на чекање и зголемување на ефикасноста на граничните контроли“, соопштуваат од МВР.