Македонија
Герасимовски: Центар е лидер во енергетска трансформација
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска учествуваше на конференцијата „Локална енергија и социо-еколошка агенда“ на која се дискутираше за успесите и предизвиците на локалните енергетски трансформации, за бизнис моделирање на локалниот пазар на енергија, за намалување на енергетската сиромаштија, за вклучување на ранливите граѓани и за зајакнување на заедниците. На оваа конференција, учество зедоа странски експерти од енергетскиот сектор, бизнисот, науката и граѓанските организации од Шпанија, Италија, Чешка, Белгија, Холандија и Северна Македонија.
Во своето излагање, Герасимовски потенцираше дека Општина Центар е препознаена како позитивен пример за социо-еколошка трансформација на локално ниво со имплементирани неколку еколошки проекти.
„Во изминатиот период активно работиме за социо-еколошка агенда и иницијативи што треба да придонесат кон одржливи решенија за подобар живот на сите граѓани. Први отворивме енергетска канцеларија и први во земјава оформивме трговско друштво за продажба и производство на струја „Енергија Центар“. За основањето на трговското друштво добивме награда за најголем придонес кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија. Особено сум горд што постигнавме заштеда од 50% од потрошувачката на електрична енергија со поставените фотоволтаици на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот „Пепелашка““, истакна Герасимовски.
Тој посочи дека позитивните искуства од Центар треба да ги имплементираат и останатите колеги градоначалници, затоа што кога граѓаните се во прашање мора да го дадеме максимумот за подобрување на квалитетот на живот.
Во текот на вчерашниот ден, Општина Центар беше домаќин на странските експерти кадешто им беа презентирани позитивните македонски искуства за социо-еколошка трансформација на локално ниво.
Конференцијата е во организација на Македонската платформа против сиромаштија и Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Струмица загаден воздух и надминат праг на алармирање, стапија мерки во сила
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни дена) е надминат на мерното место Струмица.
Прагот на алармирање е дефиниран во уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Службен весник на Република Македонија“ бр. 183 од 14.12.2017 година).
Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на ПМ 10 на мернoто место и деновите во кои има појава на надминување на прагот на алармирање.
Согласно настанатата состојба, за Струмица важат следните мерки:
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Македонија
Над 66,5 милиони евра остварен приход по основ на наплата на патарини
Јавното претпријатие за државни патишта 2024 година ја заокружи со остварен приход од над 66,5 милиони евра по основ на наплата на патарини.
Во споредба со 2023 година тоа се 270 милиони денари или над 4,32 милиони евра повеќе.
Во однос на вкупната фреквенција на возила за 2024 година има 62.662.988 поминати возила со наплатени 99,2 %.
„За намалување на бројот на таканаречените неплаќачи ЈПДП во периодот од август до декември 2024 организира 23 акциски контроли заедно со Државниот инспекторат за транспорт и со асистенција од МВР, со што може да се констатира дека имавме повеќе од успешна година“, велат од ЈПДП.
Македонија
Ѓоко Јовиќ и „Енерџи бенд“ заглавени на аеродром во Бугарија
Македонскиот пејач, Ѓоко Јовиќ и колегите од неговиот „Енерџи Бенд“ со часови се заглавени на аеродромот „Аеродром Софија“ во соседна Бугарија, информираат од бендот.
„Имено, авионот Airbus A320-232 кој полета во 9:35 часот утрово од Базел, Швајцарија, требаше да слета на Меѓународниот аеродром во Скопје во 11:45 часот, но најверојатно поради голема магла истиот некое време кружеше над Скопје, а потоа беше пренасочен кон соседна Бугарија и слета на тамошниот „Софија Аеродром“. Претставници на компанијата со која летале пејачот Ѓоко Јовиќ и момците од „Енерџи Бенд“ ги информирале дека ќе обезбедат организиран превоз за да тие заедно со сите патници од авионот да си дојдат дома, во Скопје. Сепак, и покрај поминати 2 часа, тие се уште се на аеродромот во Софија и го чекаат ветениот превоз. Тие се враќаат од работен ангажман во Швајцарија каде заедно со илјадници Македонци и луѓе од целиот Балкан кои живеат таму ја дочекаа новата 2025та година“, соопштуваат оттаму.
Ѓоко и момците од „Енерџи Бенд“ неодамна го промовираа најновиот патриотски филм кој е симфонија од патриотски песни и играна програма.