Македонија
Град Скопје ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ: Не тревата, туку поплочувањето чини 33 милиони денари

Со големо жалење мораме да констатираме дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзината советничка група во Град Скопје не знаат да разликуваат основни работи (тревник од плочник), па од тие причини излегуваат на прес-конференции со небулозни тврдења, реагираат од Град Скопје.
„Со ова уште еднаш ја известуваме јавноста, а истовремено го демантираме небулозното тврдење на ВМРО-ДПМНЕ, дека не тревата, туку поплочувањето и уредувањето на јавниот простор на излезот од ГТЦ до плоштад Македонија, поплочувањето и уредувањето на јавниот простор од плоштадотѕ Македонија кон Собранието, заедно со урбаната опрема, која се состои од клупи, канти за отпадоци, целосно ново осветление на овој простор (канделабри), како и дрворед, составен од 25 дрвја, е тоа што чини 33 милиони денари со вклучен ДДВ. Сè што е направено на терен и потрошена сума, впрочем, беше и претходно најавено на прес-конференцијата, што се одржа на 30 септември 2019 година.
Граѓаните на Скопје секојдневно овој простор го гледаат и го користат. Тоа што ѝ пречи на ВМРО-ДПМНЕ е фактот што граѓаните го одобруваат вака уредениот простор, но и уживаат во него, притоа правејќи споредба што значи квалитет на јавен простор сега, а што и какво беше лудилото со јавниот простор во минатото.
Времето кога граѓаните за три врби во реката Вардар плаќаа 220 илјади евра е одамна поминато. Тоа на сите им е јасно. Јасно ѝ е и на ВМРО-ДПМНЕ, па токму поради таа своја немоќ, се служи со лаги и невистинити небулози. Граѓаните на Скопје препознаваат дека овој градоначалник за 2 и пол години покажа дека може да се биде поинаков. Да се решаваат вистинските проблеми на граѓаните, да се биде транспарентен, отворен, а истовремено и штедлив при работењето со јавните пари.
Убедени сме дека сите (а особено ВМРО-ДПМНЕ) се свесни оти се тотални аутсајдери во Град Скопје. Ние ќе продолжиме чекор по чекор да ги решаваме наталожени проблеми останати од нивното лудило, а тие слободно може да продолжат да се занимаваат со небулози, лаги и да креираат лажни вести“, се вели во реакцијата на Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.