Македонија
Девет лица приведени во акција за сузбивање на трговија со луѓе и илегална миграција: меѓу нив и малолетници

Во рамки на меѓународната оперативна полициска соработка на македонската полиција на почетокот на минатиот месец, во делот на сузбивање на трговијата со луѓе, односно програмата EMPACT-ОАП за трговија со луѓе и наши полициски службеници од повеќе организациони единици на МВР учествува во повеќедневните оперативни активности против трговијата со луѓе/пред се со деца како и во откривањето и сузбивањето на други видови криминал поврзан со кривичното дело – „трговија со луѓе“ – како што е илегалната миграција, фалсификувањето документи и слично, информираат од МВР.
Притоа, во текот на тие оперативни активности за идентификување жртви или потенцијални жртви на трговија со луѓе/деца, како и за идентификување на лица припадници на организирани криминални групи кои ги извршуваат кривичните дела – „трговија со луѓе” и „трговија со дете” по пат на сексуална или трудова експлоатација, присилни бракови, питачење, присилување на вршење други кривични дела беа откриени вкупно девет кривични дела. Односно по три кривични дела – „запуштање и малтретирање на дете“ и „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, потоа две кривични дела – „фалсификување исправа“ како и едно кривично дело – „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали “. Вкупно пак околу овие кривични дела биле приведени осум лица, а дополнително на подрачјето на Тетово, приведено е и лице за кое претходно е распишана потерница (црвена потерница/red notice) од Р.Словачка за сторено кривично дело – „трговија со луѓе”.
Исто така, откриени се девет лица жртви на трговија од кои шест лица биле под 18 годишна возраст (малолетни) а три лица над 18 години старост. Одземени е еден пиштол марка „Smith & Wesson SW 1911” и шест куршуми калибар 45 мм кои сопственикот ги поседувал без соодветна дозвола за што е покрената кривична постапка, а воедно поднесени се голем број на прекршочни пријави согласно Законот за странци а вв со нерегулиран престој на странци во РСМ или злоупотреба на престојот како и прекршочни пријави против повеќе правни лица поради неправилности во работењето (непријавени работници, непочитување на работното време неисполнети услови за работа и друго).
Во оваа операција што инаку го опфаќа целиот европски континент во борба против трговијата со луѓе, учествуваат вкупно 43 држави како и меѓународни организации вклучувајќи ги и Европол, Интерпол и Фронтекс. Во Варшава, Р.Полска, беше воспоставен и координативен центар каде беа распоредени претставници од земјите учеснички, меѓу кои и претставник од РСМ, велат од министерството.
Во национални рамки, какмо што е појаснето, носител на активноста беше Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, Секторот за криминалистички истраги, ОСОСК, а целата активност беше спроведена во координација и соработка со Секторот за меѓународна соработка, Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа, Секторот за криминалистичка анализа при СКИ-ОСОСК, Одделот за криминалистичка полиција, Секторите за внатрешни работи, Регионалните центри за гранични работи, Одделот за гранични работи и миграции при МВР, како и Државниот пазарен инспекторат, Агенцијата за вработување и Државниот инспекторат за труд.
Во текот на активностите на територијата на нашата држава беа ангажирани над две илјади полициски службеници, а меѓу другото беа извршени проверки на вкупно 2232 лица, 1598 возила како и проверки на вкупно 531 локации низ државата.
„Оперативната акција (ОА) 3.5 JAD Global Chain имаше за цел подобрување на капацитетите на институциите надлежни за спроведување на законот, за да можат преку мултидисциплинарен пристап подобро да откриваат, истражуваат и гонат кривични дела поврзани со трговијата на луѓе/деца имајќи во предвид дека борбата против трговија со луѓе е мултидисциплинарна задача на повеќе засегнати институции и организации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.