Македонија
Некои од музичарите тврдат дека се изиграни: Од Владата ни кажаа дека ќе настапиме на културна манифестација
Некои од изведувачите што утре треба да настапат на прославата што ја организира Владата за поканата за членство во НАТО јавно реагираат велејќи дека не биле информирани дека ќе настапат на манифестација по повод поканата на Македонија за влез во алијансата, туку им било кажано дека ќе настапат на културна манифестација за што потпишале и договор.
„Ни кажаа дека е културен настан на кој ќе настапуваат повеќе артисти низ повеќе градови, без присуство на политички странки, говори, пропаганден материјал и слично. Станува збор за големо недоразбирање. Излезе дека повеќе артисти не знаеле за каков тип на настан станува збор, меѓутоа некои од нас веќе имаат потпишано договор за настап за кој немаше подетаљни информации. Не се криеме и не бегаме од тоа дека настап на ваков настан не ни е во прилог и е против нашата идеологија, но се надеваме ќе разберете во која ситуација се најдовме без да сакаме и самите ние“, велат од бендот Conquering Lion, кои се против Македонија да влезе во НАТО.
Членот на рап-бендот С.А.Ф., Митко Гаштаровски – Пикисипи, вели дека е против промена на името во Северна Македонија и на „Фејсбук“ напиша дека ќе настапи на прославата затоа што тоа било единствен начин да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија.
„Ќе настапам како дел од формацијата С.А.Ф. затоа што тоа е единствен начин (според мене) да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија, без понатамошно делење итн. Покана за НАТО???? Не со услов!!! Песните наши ги знаете, не се баш за славење. Единствената песна што е за прослава, ‘Раце горе’, нема да ја изведуваме бидејќи денеска или на 14 јули не чувствувам дека треба да славам. Нека биде последен концерт засекогаш! Сите овие години откако творам како што знам, никому не сум му украл ништо, мирно спијам. Никогаш не сум настапувал за некаква политичка опција. Изненаден од фактот дека сме добиле покана за НАТО и од желба да се видам со другарите: реков – во ред, ако сакаат другите, ќе дојдам и јас, но без политички амблеми. Мора да признам дека сум изненаден од блуењето од т.н. фанови кои веднаш знаат да маваат со камења. Јас ќе останам доследен на своето дело и тие што ќе бидат на концертот во Струга ќе може од прва рака да слушнат што мислиме како С.А.Ф. за новонастанатата ситуација. Истата оваа Влада (партијата) ни го цензурира концертот од 1998 година кога беше напишан албумот. Сега нè кани на заедничка прослава иако на плакатот нема партиски обележја“, напиша Гаштаровски-Пикисипи.
На „Фејсбук“ се огласи и Златко Ориѓански, кој иронично вели дека за неговиот настап утре Владата ќе му плати 50 милиони долари и плац на Водно.
„Ме прашуваат за колку пари сум се нафатил да свирам на прославата, па еве јавно да одговорам. Нешто малку повеќе од оние што ги земаа како провизија за автопатот и хонорарот за Ацо на плоштад, значи, побарав и ќе ми дадат 50 милиони долари и плац на Водно… Дали е во ред?“, напиша Ориѓански.

Адвокатот Јанаки Митровски од Скопје им понуди бесплатна правна помош на изведувачите што сметаат и велат дека се изгирани.
„Повеќе артисти се јавија дека биле во заблуда или на некој начин не знаеле во што се впуштаат кога потпишале договор за прослава на некаква си покана за НАТО. Заблуда, во согласност со Законот за облигационите односи, е основ за раскинување договор. Му нудам на секој артист бесплатна правна помош доколку сака да го раскине договорот. Доколку треба артистите да плаќаат пенали поради тоа, фер е да се помогне. И тоа прво од оние што сте најгласни. Отвораме сметка и донираме пари за таа цел. Јас прв ќе донирам. Артисти, охрабрете се, можеби ќе изгубите еден хонорар, ама ќе добиете милион фанови, за интегритет да не зборуваме“, пишува Митровски на социјалните мрежи.
Кога вчера Владата објави дека ќе има прослава во 15 града, имаше бурни реакции во јавноста дека тоа е непотребно трошење пари. Многумина, пак, реагираат на изјавите на некои од изведувачите дека биле изиграни и дека не знаеле за што се договараат да настапат.


„Во наредните денови, кога ќе се утврдат сите детали за прославата, јавно и транспарентно ќе ги соопштиме сите информации за трошоците и организацијата на настанот“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата, за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Живот со CTLA-4: ретка генетска состојба што го нарушува имунитетот
Во рамки на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, вниманието годинава е насочено и кон ретката дијагноза – цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4 хаплоинсуфициенција (CTLA-4), состојба која се среќава кај помалку од еден на милион жители и е заведена под шифра МКБ-10 D84.8. Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“. Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Станува збор за ретка генетска болест што настанува поради мутација или губење на една копија од генот задолжен за создавање на CTLA-4 протеинот. Овој протеин има клучна улога во „сопирањето“ на имунолошкиот систем. Кога тој недостасува или не функционира доволно, имунитетот станува прекумерно активен и ја губи способноста правилно да се регулира.
Недостаток на CTLA-4, нарушена контрола на Т-клетките
Недостатокот на CTLA-4 доведува до нарушена контрола на Т-клетките, што може да резултира со развој на автоимуни заболувања, како автоимун тироидитис, дијабетес тип 1 и воспалителни болести на цревата, зголемена подложност на рекурентни вирусни, бактериски и габични инфекции, хронични воспаленија, со можни оштетувања на различни органи, забавен раст и развој кај децата.
Иако имунолошкиот систем е „преактивен“, тој често не е доволно ефикасен во борбата против инфекции, што создава дополнителни здравствени компликации. Болеста најчесто се дијагностицира во детството или раната младост.
Дијагностицирањето вклучува детална клиничка проценка, анализа на семејната историја и генетско тестирање за откривање на мутација на CTLA-4 генот, кој се наоѓа на хромозомот 2q33. Дополнително, се прават испитувања на имунолошката функција и мерење на нивото на CTLA-4 протеинот во Т-клетките.
Раното препознавање е од исклучително значење за спречување на сериозни последици.
Третман и живот со болеста
Иако засега не постои лек што целосно ја излекува состојбата, со соодветна и навремена терапија пациентите можат да водат квалитетен живот. Третманот е насочен кон контрола на симптомите и спречување компликации и вклучува, имуносупресивна терапија за намалување на автоимуниот одговор, интравенозен имуноглобулин кај пациенти со чести инфекции, навремено лекување на инфекции со антибиотици, антивирусни и антигабични лекови, редовно следење од страна на супспецијалисти.
Поради различниот тек и тежина на болеста, потребен е индивидуален пристап и мултидисциплинарна грижа.
Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“.
Настанот ќе понуди културно-едукативна и забавна програма со песна, танц и креативни активности, посветени на лицата со ретки дијагнози, со порака дека реткоста не значи изолација, туку заедништво и поддршка.
Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Настанот има цел подигање на јавната свест за ретките болести и поддршка на пациентите и нивните семејства.
Во рамки на програмата ќе биде прикажано промотивно видео со пациент, како и симболично откривање на официјалната поштенска марка посветена на СМА.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Артан Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.


