Македонија
Демократското движење: Како Владата на СДСМ-ДУИ-АА го спасува Груевски
„Со измените во Кривичниот законик што ги предлага владата на СДСМ-ДУИ-АА ја отвора вратата за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, а за такво нешто треба добро да се информира пошироката јавност. И токму поради оваа причина ви ги пренесуваме фактите како овие измени на Кривичниот законик ќе се одразат на кривичните дела на Груевски“, велат од Демократското движење.
„Случај ТНТ – член 353 – Злоупотреба на службената положба и овластување. Груевски со првостепена пресуда е осуден на 9 години затвор, додека предвидена е измена на цел член 353.
Така: став 1-е предвидено дообјаснување на делото, тргнато е искористување на службената положба и овластување и дополнето е со повреда на правата на друг; Став 2 – предвидено е незаконско зголемување на имотот на службено лице како резултат на сторување на делото и казна затвор од 1 до 5 години; Став 3 – се намалува казната за стекнување поголема имотна корист или штета од 6 месеци до 5 години, сега се предвидува казна затвор од 1 до 4 години; Став 4 – за стекнување значителна имотна корист/штета се намалува казната затвор од најмалку 3 години, сега се предвидува од 1 до 5 години затвор и Став 5 – предвидуваше затвор од најмалку 5 години за злоупотреба на службена положба при вршење на јавни набавки или на штета на буџетот на РМ, со измените овој став целосно се брише“, соопшти Демократското движење.
„Другиот предмет е „Титаник“ – член 394 – Злосторничко здружување; Член 165-а- Злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања; Член 159 – Повреда на избирачкото право. Овде ќе има измени во член 394 од Кривичниот законик во ставовите 1 и 2, со што се намалуваат предвидените казни: 1) Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од 1 до 10 години.
Додека со новите измени казната ќе биде од 1 до 3 години. Став 2- Припадникот на групата или бандата ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години. Со измената казната е до 2 години.
Што се однесува до предметите „Траекторија“ и „27 април“, првиот е застарен, а вториот е сопрен. За предметите „Тенк“, „Насилство во Општина Центар“ и „Плацови на Водно“ не се предвидени измени што се однесуваат на овие предмети.
„Феникс“ (СКОПЈЕ 2014) е друг случај – член 353 – Злоупотреба на службената положба и овластување; Член 273 – Перење пари и се уште нема пресуда за овој случај. Предвидени се измените само во член 353 (опишани погоре), а не се предвидени измени во член 273.
Предмет „Талир“ – член 353 – Злоупотреба на службената положба и овластување; Член 273 – Перење пари. Предметот е вратен од почеток и со измените е опфатен во делот на член 353.
„Талир“ 2 – член 353 – Злоупотреба на службената положба и овластување. Осуден е на 6 години, постапка се води во Апелација. Ова е опфатено со измените во член 353 (опишани погоре)“, се додава во соопштението на Демократското движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Креиран е лажен профил на Венко Филипче на „Фејсбук“, граѓаните да не наседнуваат
Ве известуваме дека е креиран лажен профил на Фејсбук со злоупотреба на името, податоци и фотографии на претседателот на СДСМ, д.р Венко Филипче. Од истиот лажен профил се шират несоодветни и лажни содржини, повици за членски книшки, повици за измислено здравствено осигурување а граѓаните се насочуваат на приватни пораки, велат од СДСМ.
„Ги повикуваме граѓаните и членовите да не наседнуваат и да не споделуваат никакви лични податоци кои можат да им бидат злоупотребени од страна на измамниците кои го креирале“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Разликата помеѓу официјалниот профил на претседателот на СДСМ и лажниот може да се препознае најлесно преку синиот беџ за ферификација којшто постои само на официјалниот профил на д-р Венко Филипче. Лажниот профил е веќе пријавен и очекуваме брза реакција за негово бришење“.
Македонија
(Видео) Мицкоски: За делницата Градско – Дреново ги поздравуваме работниците, тие го направија ова да изгледа импозантно
„Експресен пат за Прилеп, делница Градско-Дреново. Инвестиција вредна 37.500.000 евра. Три клучки, четири вијадукти, четири надвозници, три подвозници. Ги поздравуваме и им се заблагодаруваме на работниците затоа што тие го направија ова да изгледа импозантно. Заедно да продолжиме да ја градиме Македонија!“ напиша на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
Експресниот пат Градско – Дреново во должина од 15,5 километри вчера беше пуштен во употреба.
Делницата почнува кај клучката Градско, а завршува кај клучката Дреново. Проектот е проценет на вкупна вредност од 37 милиони евра, од кои над 70 отсто се финансирани од фондовите на Европската Унија.
Македонија
Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата
Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и за барањето поголеми примања.
„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое учествуваат и на кое секогаш сме дискутирале за сите предизвици, избра да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност“, наведуваат од Владата.
Од таму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор сѐ со цел вистинско изнаоѓање решенија. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, кои не мислат ништо друго, освен собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните“, соопштија од Владата.
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување на колективниот договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денес, пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата ѝ порача да не го меша УПОЗ со некој друг синдикат.