Македонија
Димитров: Немам доверба во Османи, тој сака спорот со Бугарија да се реши по секоја цена
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, кажа дека бил пречка за лошо решение со Бугарија, а посочи дека нема доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Според Димитров, министерот Османи сакал успех по секоја цена за да се реши прашањето со Бугарија.
Димитров додаде: „Прашањето е поважно од Владата, од оваа, од следната, од сите“.
„Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и непродуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам“, кажа Димитров.
Посочи дека македонскиот јазик е интимна работа и е наш, а државата е независна, па затоа, право и должност е достоинството да се зачува.
Тој кажа дека одбил понуда да биде амбасадор во Вашингтон и рече: „Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот“, додавајќи: „Има причини и потреба од посебна будност за ова прашање“.
„Прочитав од портали, па дознав од амбасадори, па имав средба со мандатарот Ковачевски, така дознав. Одговорноста значи да бидете гласен внатре. Од друга страна, мислам дека има јавен интерес за овие работи да се зборува отворено. Чекав бидејќи мислам дека беше важно да не се повлечам самиот. Можеби ќе беше полесно да кажам дека не се гледам во новата Влада, но беше важно мандатарот да каже. За сите работи ќе зборувам отворено, свесен за одговорноста и значењето на прашањето никогаш нема да наштетам, но ќе ја следам работата“, додаде Димитров.
Тој посочи дека позициите кои денес ги искажал ги има од самиот почеток.
„Обидот да има заострување на позицијата не успеа во смисла на споменување на бугарската заедница во нашиот Устав и тоа да биде направено пред да почнат пристапните преговори го нема во заклучоците. Но позициите се држат такви какви што беа од самиот почеток. Како држава треба да се прашаме дали е умно, мудро толку голема енергија да ставаме во ова прашање. Мислам дека ќе биде мудро да останеме отворени за дијалог, но не да бидеме преокупирани во јануари или јуни, туку енергијата да си ја вложиме дома. Мислам дека огромен дел од нашата енергија мора да оди дома, за ова прашање треба да сме спремни за достоинствен дијалог, а нашите позиции да ги темелиме на европските принципи и меѓународното право. Ние сакаме да сме пријатели со Бугарија, но мора да нè почитуваат“, посочи Димитров.
Најави дека ќе биде брутално остар, а прашањето е преважно за да има политички суети.
За одговорот на 5+1 точките до Бугарија кои беа услов за почеток на преговори со ЕУ, Димитров вели:
„Одговорите беа предмет на тешки консултации, интерни, од наша страна. На крајот успеавме да изградиме заеднички став. Ако решението се темели на тие одговори, ќе имаме достоинствено решение на проблемот. Јас инсистирав и нова точка, Бугарија да се обврзе дека ќе ја одобри преговарачката рамка, дека ќе даде зелено светло за првата меѓувладина конференција. Тоа влезе во одговорот“, додаде Димитров.
Во планот 5+1 за деблокада на македонските евроинтеграции, Бугарија на Македонија ѝ постави неколку услови, меѓу кои немешање во внатрешните прашања во државите, воведување конкретни механизми за спречување на говорот на омраза, продолжување на работата на комисиите, но и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.
Димитров вели дека и на седниците на Владата имало различни мислења во однос на важни прашања, посочувајќи дека лојалноста е проблем за коалицијата на СДСМ и додаде:
„По оставката на Заев, дел од нашите меѓународни пријатели се јавија со поддршка јас да ја преземам Владата, пораки кои не беа прифатени со следново објаснување кажано на дел од вас новинарите: сум бил нереален идеалист, премногу принципиелен и не сум се разбирал од меѓупартиски пазари. За мене овие критики се комплименти иако за овие политички особини нема во идната Влада, мора да им најдеме место во македонската политика и македонското општество“.
„Апсолутна почит за македонскиот јазик, како еднаков на сите јазици, како и европска интеграција потпрена врз столбови и критериуми. Поддршката што С Македонија ја има од 26 земји членки во однос на македонските позиции кон соседна Бугарија не падна од небо, на неа работев посветено и постојано, тоа го признаваат и во Софија. Кому и зошто пречат резултатите од таа работа, можеби и не е тешко да се претпостави. Не е тајна дека моите позиции беа различни на многу теми – од мерките против пандемијата, преку ставови за легализација на дивоградбите, медиумските политики, јавни конкурси за важни позиции наместо партиски пазари, па сè до главното казнивост и одговорност“, кажа Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Милошоски: „Стратегијата Македонија 2030“ на ВМРО-ДПМНЕ како ново поглавје за стабилност и развој на државата
Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ што ВМРО-ДПМНЕ ја усвои на вчерашниот Конгрес во Кавадарци значи визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија, кажа денеска на прес-конференција, Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Стратегијата, како што рече Милошоски, се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување, а тоа се создава преку институции со силен интегритет, конкурентна економија и општество засновано на вредности и национална самодоверба.
„Документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство. И ова се разбира не е список на политички кампањски предизборни желби, туку е документ со јасни цели коишто би биле национална траекторија во следните 10-15 години“, истакна тој.
Според него, клучната амбиција е оваа Стратегија Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички.
„Стратешката рамка за 2025–2030 ги содржи шесте клучни стожери што ќе водат развој на државата.
Прво, државната безбедност. Тоа значи модерна армија, современа полиција, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани. Безбедноста е нашата основа и АРМ и МВР мора да бидат максимално подготвени за овој предизвик.
Второ е економската конкурентност. Тоа значи напуштање на моделот на евтина работна сила и создавање на конкурентна економија заснована на знаење, на додадена вредност и технолошки иновации. Се разбира мораме да имаме поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем, зелена енергетска транзиција и повторно создавање на услови за странски инвестиции.
Трето, правна држава. Целта е да имаме независно судство, департизирано обвинителство, професионална администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализирана контрола на движењето на парите и на имотните прашања.
Четврто, демографските политики. Потребна е вистинска поддршка за младите, станбени програми, политики за поврат на дијаспората, достоинствена грижа за постарите лица. За да можеме преку една стабилна популациона политика, во Македонија да имаме секогаш доволен ресурс во луѓе за да можеме да ја развиваме и економијата и државата.
Петто, европска интеграција и надворешната политика. Партнерства со јасни црвени линии ни се најбитен дел, затоа што ние како политичка партија сме определени за Европската Унија како еднаков партнер, без дополнителни билатерални условувања кои што би го допирале идентитетот или националната самобитност на македонскиот народ и да државата.
И шесто, образованието, културата и идентитетот. Мора да вложуваме во модерни програми, дигитален дел, да речам, на културата, исто така, и на образованието, поддршка за науката, заштита на македонскиот јазик и неговата промоција. Бидејќи без силна култура и образование не би имале толку силно општество, и промоција на нашите одлики во европско ниво“, рече Милошоски.
Дополнително, нагласи пратеникот, стратегијата носи нови теми што ја подготвуваат Македонија за иднината и оваа национална стратегија обрнува внимание и вештачка интелигенција како еден нов дел од технолошкиот натпревар, не само во Европа, туку и на глобално ниво.
„Имаме стратегија за сајбер-безбедност, стратегија за една геоекономска дипломатија, што ќе ја поврзе и дипломатијата со геополитичките поместувања во последниве неколку години. Исто така и основање на Фонд за иднината, односно државен инвестициски инструмент којшто ќе поддржува технологии, иновации, истражување и вештачка интелигенција, за да може Македонија да биде поконкурентна со партнерите во регионот, но исто така и на европско ниво“, вели Милошоски.
Македонија
(Фото+видео) Ивановски: Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје
„Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје“ – објави на ФБ, директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
„Во насока на ослободување на просторот и оригиналниот изглед на железничката станица, започнавме со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и останати информативни реклами кои години и декади наназад го нарушуваат автентичниот изглед на станицата. Ова ќе биде фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација“, напиша Ивановски.
„Ќе има промени на инсталациите, електроинсталациите, ќе се решат греењето, ладењето, водоводот. Она што Станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и сè што во моментот го гледате. И за тоа нема да го чекаме проектот. Ќе почнеме веднаш. Договорите што ги имаме за закуп на рекламни паноа веќе нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно, одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб во државата“, рече тогаш директорот Ивановски.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој му дал дозвола на Мицкоски да преговара за мигранти?
„Власта на Мицкоски подготвува анти државно и национално предавство. Угледните британски медиуми, како The Times, пренесуваат дека Владата на Мицкоски е во разговори со Велика Британија за Македонија да стане базна дестинација за враќање мигранти“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Сите лаги зад кои кујните на ДПМНЕ и владата се обидуваа да се сокријат се потопени во вода. Народот е вознемирен. И со право. Криминална власт заробена во корупција која секој ден ги лаже граѓаните се договара зад грбот на народот за штетни договори“, вели Кузеска.
Според неа, „ова е сериозна национална и државна тема, врзана пред се со безбедноста, стабилност и иднина на државата“.
„Ова ли е големата економска вест која Мицковски ја најавуваше со наводниот договор со Обединетотот Кралство? Дали за носење мигранти од Британија е направена проценка на безбедносна. Дали се предвидени ризиците и најважното дали имаме одговор на прашањето – Зошто Британија ги одбила, а ние би ги примиле? Европската статистика е брутална! Дали Мaкедонија и граѓаните од демографски аспект се спремни да кажат добредојде на мигранти, дали не се следи трендот кој постои во повеќе европски земји каде што за жал поради лошо спроведени политики наместо интеграција на мигранти се случива зголемување на криминал, немирите, насилствата“, истакна портпаролката на СДСМ.
Кузеска вели дека развиени и финансиски силни европски држави како Шведска, Британија, Германија, имаат огромен проблем да се справат со овој предизвик, а нивните граѓани протестираат секојдневно за овие проблеми.
„Британија има прва проблем со мигрантите кој трае предолго. Ако овие високо развиени земји не можат да се справат со проблемот нема да може ниту Македонија. Ова општество не може да го издржи ова. Нема цена што треба да се плати! Проблемот на луѓето што бегаат од војни и сиромаштија Македонија за жал, не може да го реши. На британските национални телевизии, аналитичарите веќе ја споменуваат Македонија како држава која може трајно да прими дел од мигрантите. Мицкоски и ДПМНЕ со нивните политики ги бркаат младите Македонци од државата а сега планира да носи мигранти од трети земји. Кој му дал дозвола на Мицкоски да преговара за мигранти? Никој! СДСМ со целиот свој капацитет ќе се спротивстави на овие анти државни политики на Мицкоски и ДПМНЕ“, заклучи Кузеска.

