Македонија
„ЕУ – Владеење на правото“ – работен состанок на истражителите од сите истражни центри во јавните обвинителства
Во организација на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, во Јавното обвинителство денеска се одржа работен состанок на истражителите од истражните центри формирани во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и во Тетово.
На состанокот се анализираше функционалноста на истражните центри, се разменија искуства од досегашното работење и се дискутираа препораки за натамошен развој.
Во своето обраќање, Јавниот обвинител нагласи дека и покрај заложбите за јакнење на капацитетите на истражните центри, а со самото тоа и за осамостојување на јавните обвинителства во водењето на истрагите, финансиските ресурси кои државата ги издвојува за оваа намена сепак не се доволни.
„Зборуваме за истражни центри, а ниту еден истражен центар не може да функционира и да одговори на задачите без современа опрема, без средства за преземање на истражните дејствија, за што сега во главно се потпираме на донации. Правдата е инвестиција на целата држава“, рече Коцевски.
Тој најави дека ќе ги посети сите основни јавни обвинителства во државава, а едно од прашањата кое притоа ќе го испита е потребата за формирање истражни центри и во други обвинителства со проширена надлежност.
„Доколку таква потреба биде препознаена, ќе ве повикам да ги споделите своите искуства и да го пренесете начинот на функционирање кој веќе дава резултати. Исто така, ќе ве охрабрам да ги користите и сите можности и канали за меѓуинституционална, но и меѓународна соработка кои дополнително ќе ви ја олеснат вашата работа и ќе придонесат за вашата ефикасност“, додаде Коцевски.
Во однос на меѓународната соработка, свое излагање имаше Ленче Ристоска, јавен обвинител за врски со Европравда, која ги презентираше можностите за институционална поддршка од меѓународен карактер. Имајќи го предвид значењето на финансиските истраги, полициски службеници од Република Словенија споделија компаративни искуства околу начинот на спроведување на финансиските истраги.
Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји. Во 2023 година бројот на предмети во кои постапувале истражителите од истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на 287 предмети во текот на 2023 година. Вкупниот број на оперативни истражни дејствија преземени преку овој истражен центар е неколкукратно зголемен во однос на претходната година. Воспоставено е поврзување со базите на податоци на Централниот регистар, на МВР, со базите на податоци на Агенцијата за катастар на недвижности и Агенцијата за вработување, со што практично се зголеми ефикасноста на постапувањето.
По целосното опремување на новите простории на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција значително се подобрија условите за функционирање и на тој истражен центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска: Судот ја покажува хуманата страна, над 30 вработени денес даруваат крв по повод 60 години Уставен суд
Со дарување крв вработените во Уставниот суд слават 60 години постоење на судската установа. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека крводарителската акција е само една од акциите кои ќе ги спроведат за одбележувањето на јубилејот.
„Уставниот суд на Република Северна Македонија оваа година слави значаен јубилеј. Тоа е 60 години од постоење на судот. Веќе беше најавено дека во текот на целата година во Судот ќе се преземаат најразлични активности токму заради одбележување на овој значаен јубилеј. Самите вработени дадоа идеја една од акциите кои ќе се спроведуваат во Судот да биде и крводарителската акција, што значи Судот ја покажува и онаа хумана страна. Повеќе од половина од вработените се пријавија за давање крв, што значи од вкупно 60 вработени повеќе од 30 денес се согласни да дадат крв“, рече претседателката Кацарска.
Крводарителската акција е под мотото „Биди хуман спаси живот“, а ја реализира Црвениот крст на Македонија.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.