Македонија
За Ковачевски, лидерот Мицкоски е нерелевантен да зборува за уставните измени: Тој не е пратеник и често менува ставови

За премиерот Димитар Ковачевски, ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се нерелевантни. Коментирајќи ја изјавата од Мицкоски дека уставните промени за ВМРО-ДПМНЕ се завршена работа – Ковачевски рече дека претседателот на опозициската партија не е пратеник. Според премиерот, процесот ќе се одвива во институциите, а постапката треба да почне.
„Верувам дека нашето Собрание има демократски капацитет. Претседателот на опозицијата не е пратеник, па така тој е нерелевантен да зборува за овие прашања. Тој многу често ги менува ставовите. На телевизија рече дека го поддржува договорот со Бугарија, па излезе да каже дека не го поддржува. Со премиерот Петков рече дека поддржува уставни измени, па излезе да каже дека не поддржува. Излезе да каже дека има уставни измени и барем еден негов пратеник гласа, ќе даде оставка, па им земаше на пратениците нотарски изјави дека нема да гласаат – за потоа да рече: ‘да, поддржуваме уставни измени по хрватски модел’. И по три дена, рече дека не поддржува уставни измени“, изјави Ковачевски.
Постапката треба да почне, заклучи Ковачевски, додавајќи дека се комплетира комисијата што ќе ги прави амандманите со кои Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав.
„Вие ако ги погледнете наназад одлуките носени во нашата државата – ќе видите дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во ниту една државотворна одлука за нашата држава. Не го поддржаа членството во НАТО, ние станавме членка на НАТО. Договорот со Грција не го поддржаа, ние ги продолживме преговорите… Не го поддржаа ниту почнувањето на преговорите со ЕУ, со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет и не гласаа за европскиот предлог. Не го поддржаа ниту договорот со ФРОНТЕКС, каде што македонскиот јазик е на ист договор со другите јазици на ЕУ“, додаде Ковачевски.
Во рамките на Уставот, процесот ќе се одвива во Собранието.
Претходно, Мицкоски посочи дека со овој парламентарен состав на ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има.
„Видете, притисоци има, ова не е бајка, јас не можам да ви кажам дека нема притисоци и секој оној што се нафатил со оваа работа треба да е свесен дека има притисоци и треба да е свесен дека има моменти кога треба да се спротивставите на тие притисоци со аргументи. Мојот пристап е да се спротивставам на тие притисоци со аргументи и така и ќе продолжам. До сега не сум слушнал аргумент што ги победува аргументите што јас ги презентирам. Не дека сум јас надмен човек, туку, едноставно, во животот треба да имате и елементарна логика, моите аргументи се елементарна логика и тие се јавно познати. Ако некој мисли дека со притисок нешто кај мене ќе постигне, се лаже, такво нешто нема да се случи. Јас сум свесен дека тоа ќе продолжи и понатаму. Но, ќе повторам, промена на Уставот во овој парламентарен состав нема да има. Свесен за политичката цена што можеме да ја платиме, излеговме во јавност, дадовме предлог, предлог што тие го дадоа, а тоа е хрватскиот модел на уставна преамбула, и рековме, еве, го прифаќаме, ајде господа, повелете, да видиме кој е Европеец, а кој не е Европеец. Ги извадивме на чистина, на виделина излегоа сите лаги, сите клевети колку Ковачевски е Европеец, колку Пендаровски Стево е Европеец, колку Али Ахмети е Европеец и другите, на чистина ги извадивме, јавноста можеше да ги види. И тука завршува сè. Јас сум свесен дека тие немаат друга тема, јас сум свесен дека тие немаат ниту еден проект ниту политика и реформа и континуирано како расипана грамофонска плоча ќе го повторуваат тоа – уставни измени, уставни измени. Јас тука ја затворам оваа тема, вчера ја затворив темата со комисиите, денеска ја затворам со уставните измени. И од сега па натаму одговорот мој ќе биде, го знаете ставот, тој е непроменет – уставни измени во овој парламентарен состав ќе нема“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.
Македонија
Од Осака до Венеција, Љутков е министер за култура или министер за туризам, прашува СДСМ

Додека над 3.000 културни работници беа во неизвеснот ја чекаа својата мартовска плата, министерот за култура Зоран Љутков не се задржа ниту еден ден во своето министерство. Од Осака па до Венеција, министерот постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место, велат од СДСМ.
Според оваа партија, во моментите кога вработените во културата протестираа пред Министерството, заборавени и игнорирани, Љутков позира на други континенти додека дома културата доживува финансиски колапс.
Ова, како што велат, не е културна политика.
„Ова е културна деградација. Ова е ароганција и расипништво со партите на граѓаните. Културата не е декор за туристичко позирање. Таа е жив систем кој бара посветеност, почит и вистинска грижа.
Додека Љутков патува, народот плаќа. Прашањето е: колку чинат екскурзиите на Љутков.
Зарем вредат патувањата во странство повеќе од тоа да се работи дома за да се решат проблемите во културата“, прашуваат од СДСМ.