Македонија
Заев: време е за нов македонски успех
Екс премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук по повод петгодишнината од референдумот напиша дека 30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Македонија.
„610.000 граѓани гласаа ЗА на референдумот и ја поддржаа каузата “Излези ЗА европска Македонија” што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста. Бројот на гласови ЗА е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата.
Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО.
Пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор.
И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година“, напиша Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Граѓаните да се чувствуваат безбедни, Владата обезбедува сигурна европска држава со подобра економија и повисоки плати
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека граѓаните треба да се чувствуваат мирни и безбедни, безбедносната состојба е стабилна, а Владата носи подобра економија, повисоки плати и го враќа достоинството кое изминатата влада од СДСМ и ДУИ го распродаваше.
„Додека Мисовски размислуваше дека Талат Џафери за него е идол и инспиративен спикер на Собранието, изнесе навреди и квалификации. Чувствувајте се безбедно, се надевам после овие години минати во Парламент, минати на грбот на граѓаните ќе имате богата новогодишна и божиќна трпеза и ќе уживате во мирот и безбедноста што оваа влада предводена од коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ во која составен дел се коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ овие денови ќе ви бидат безбедни и мирни, не треба да се грижите и за годините кои следат“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Горан Мисовски поврзано за безбедносната состојба.
Мицкоски му порача на Мисовски да ги повика на одговорност сите оние кои му биле идоли и коалициони партнери да се вратат и да дадат одговор пред органите, поради криминалот за кој постојат основани сомневања дека го правеле.
„Во оваа мирна и безбедна Македонија ќе можете да се почувствувате и вие горди кога овие 3% раст од економијата во третиот квартал, сега во четвртиот ќе бидат 4%. Буџетскиот дефицит ќе биде помал од 4% што ќе се намали за прв пат после долги години јавниот долг. Ќе ги гледате среќните лица на пензионерите коишто ќе добијат покачување од 5.000 денари, ќе ги видите радосните лица на вработените во јавната администрација кои за прв пат ќе имаат К15, средства кои за жал вие не ги предвидовте“, изјави Мицкоски.
Додаде дека во безбедна и мирна Македонија, вработените во образование и здравство добиваат повисоки плати, и може да си дозволат повеќе од тоа што можеа да си дозволат изминативе 7 години кога влада беше СДСМ и ДУИ, а исто така сега со новата влада има рекордни откупни цени за земјоделците.
„Ќе гледате како министрите од оваа влада која обезбедува безбедна и сигурна европска Македонија се борат да го вратат достоинството кое вие го распродадовте изминативе седум години. Разбирам дека ова вас не ви значи ништо. Ние ќе се бориме да го повратиме тоа кое го распродадовте и секоја година по малку ќе дојдеме до тоа што му е потребно на македонскиот граѓанин“.
Македонија
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ, Исеини и Даути ќе бидат во јануари, Гаши потсетува дека тие немаат егзекутивна моќ
На почетокот на јануари на дневен ред во Собранието ќе бидат ставени сите досега поднесени интерпелации, најави денес претседателот на Собранието Африм Гаши. Интерпелации се поднесени за вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исеини, за министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и за Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјала политика, демографија и млади.
„Најавата е дека веќе на почетокот на јануари ќе биде свикана, првата седница ќе биде околу тоа. Очекуваме околу 10 јануари, но се уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловник. Ако има одговори ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, ако не, ќе ги ставиме на дневен ред како што доаѓале. Интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ во нашиот правен поредок. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието“, рече претседателот на Собранието Гаши.
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и Исеини на трети декември ги поднесе пратеничката група на Европскиот фронт, по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.
Македонија
(Видео) Мукаетов: 2024 беше навистина активна година за „Алкалоид“
2024 година беше навистина активна година за „Алкалоид“, вели во своето обраќање генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
„Во јануари Дениз Ричардс пиеше чај Good Nature. Во февруари го добивме нашиот прв меѓународен патент за лек со додадена вредност – течниот Омепразол. Во март го пуштивме во употреба нашиот голем капитален инвестициски проект Таблетно 2, вреден деветнаесет милиони и четиристотини илјади евра.
Прославивме триесет години од основањето на данскиот конзулат, чие седиште е во просториите на компанијата. Регистриравме ново друштво во Казахстан. Инвестиравме во истражувачко-развојна компанија за развој на биослични лекови во Јужна Кореја. И покрај сите предизвици со кои се носевме во текот на годината која изминува, „Алкалоид“ презентираше успешни резултати во работењето“, нагласува Мукаетов.
Мукаетов посочи дека Македонската берза во 2024 година на „Алкалоид“ му ги додели престижните награди за Најтранспарентно котирано акционерско друштво, Акција на годината и Награда за добри ESG-практики.
„Како компанија лидер во прифаќањето и имплементацијата на нови технологии во работењето, ќе останеме посветени на концептот за транспарентно и етичко работење, остварувајќи ги целите зацртани во нашата ESG-стратегија, насочени кон одговорно однесување спрема животната средина, заедницата и спрема луѓето пред сè.
Проектите за општествена одговорност на „Алкалоид“ продолжија и во текот на 2024 година. Особено ми е драго што по кратка, принудна пауза повторно се собравме во импозантен број од над четири илјади присутни на нашиот хуманитарен хепенинг, донирајќи ѝ ги собраните парични средства на организацијата СОС Детско село.
„Алкалоид“ во моментов е компанија на над три илјади семејства и секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива. А како потсетник за тоа од каде сме тргнале, каде сме денес и каде треба да се движиме во иднина е Музејот на „Алкалоид“, кој го отворивме годинава. Овој простор содржи бројни драги спомени и значајни моменти од етапниот осумдесет и осум годишен развој на една успешна македонска приказна, со пласмани во над педесет земји во светот, која денес ја раскажуваат нови генерации дома и надвор од македонските граници, на кои ќе им ги пренесат силните етички стандарди базирани на знаење и системот на вредности граден со децении.
Со желби за добро здравје, среќа, успеси и повисоки достигнувања, ви посакувам среќни празници“, вели Мукаетов во обраќањето.
ПР