Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ повторно ја претставува Македонија на меѓународната сцена во Walking Football

Екипата на Клиника „Жан Митрев“ продолжува активно и достојно да ја промовира Македонија и здравиот начин на живот преку учество на меѓународни турнири во Шутбал – Walking Football, спорт кој бележи сè поголема експанзија ширум светот.
По успешниот настап на меѓународниот турнир на островот Вис во Хрватска, каде тимот се натпреваруваше со екипи од Хрватска, Австрија и Унгарија, екипата на Клиника Жан Митрев ќе учествува на уште еден голем турнир. Овојпат, тимот ќе настапи на меѓународниот турнир во Walking Football што ќе се одржи во Будимпешта на 11, 12 и 13 јули 2025 година.
На турнирот во Будимпешта ќе учествуваат осум екипи од шест земји: Унгарија, Австрија, Англија, Израел, Италија и Македонија. Натпреварувањата ќе се одвиваат во две возрасни категории – екипи над 50 години и екипи над 60 години. Екипата на Клиника Жан Митрев ќе се натпреварува во категоријата над 50 години, каде ќе игра во група со екипите од Унгарија, Англија и Италија. Предвидени се три натпревари со секој противник во групата, како и дополнителни елиминациски дуели.
Walking Football е повеќе од спорт – тој претставува нова можност за луѓето од сите возрасти да останат физички активни, да се дружат и да се грижат за своето здравје. Според правилата на овој спорт, трчањето е забрането, се игра со одење, а акцентот е ставен на рекреација, тимска игра и социјализација. Ова го прави идеален избор за повозрасни лица, пациенти во рехабилитација, хронично болни, дијабетичари, хендикепирани лица, како и за сите кои сакаат да водат активен и здрав животен стил.
Клиника Жан Митрев како основоположник на Walking Football во Македонија ја продолжува својата мисија за ширење на овој спорт и најавува организација на голем меѓународен турнир во нашата земја во блиска иднина. Со ова, Клиниката има јасна визија да создаде движење кое ќе го негува спортот, здравјето и активниот животен стил, без разлика на возраста, со цел Walking Football да стане достапен за пошироката јавност и да се поттикне изградба на заедница која живее здраво и активно.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.