Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Со шест милиони евра во следните три години Турскиот театар добива современ и опремен дом
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска при увидот во градежните работи на Турскиот театар, потенцираше дека со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар, обезбедена е гаранција, наскоро театарската екипа на оваа установа да има свој дом.
„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека дополнително, со постојаното зголемување на платите на културните работници, кое достигна до 52 проценти во изминатите години, како што рече, „покажуваме почит кон вашето достоинство и труд и ве мотивираме да продолжите со успешните проекти“.
Министерката за култура информираше дека од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени милион и седумстотини илјади евра или 104 милиони денари, а напредокот во изградбата на објектот е забележителен, особено во делот на фасадата и на покривот, додавајќи дека за сето она што сега е реализирано беа издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска, истакнувајќи ја важноста на Турскиот театар, порача: „Нам отсекогаш ни се важни културните и јазичните различности кои нашата држава ја прават уникатен мозаик. Турскиот театар настојувал да ги промовира таквите вредности и да придонесува кон позитивни промени во општеството“.
Министерката за култура додаде дека е чест, но и голема одговорност, процесот со градежните активности да се одвива професионално, стручно и квалитетно, потенцирајќи дека Владата е одлучна сите започнати објекти од културата да ги заврши со максимален квалитет и во транспарентна постапка.
„Активно се работи и на реконструкција на голем број културни центри кои со години биле запоставени, а сето тоа со крајна цел – да продолжиме да ги подобруваме работните услови на културните работници, и понатаму да овозможуваме поголема и поквалитетна содржина за публиката и заеднички да го промовираме театарот“, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека инвестирањето во културата е влог во иднината и во развојот на македонската култура и идентитет.
Директорката на НУ Турски театар, Ајлин Емин Скоро, во изјавата за медиумите посочи дека Националната установа Турски театар работи, функционира, твори, цели 74 години во нашата земја, а веќе 10 години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театарот „Комедија“.
„Објектот што се гради е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува, ќе ги афирмира и јазикот и културата на турскиот народ овде“, рече Емин Скоро, дополнувајќи дека започнува третата фаза, односно во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации: механика, електрика, машинство и водовод и канализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.