Македонија
Левица со осуда за навредите на Кочовска кон Петровска: Подли, мизогини и недостојни изблици на вмровските политичари

Политичката партија Левица го осудува говорот на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска која на пратеничката Славјанка Петровска ѝ кажа дека нема право да зборува за семејство бидејќи нема деца.
„Јас политички не се согласувам со пратеничката Славјанка Петровска, ама секаква лична дискредитација во обид да се избегне одговорност и тоа како е за осуда.
За жал, министерката Кочоска (во една за неа препознатлива ароганција) денес од собраниска говорница оценуваше кој смее, а кој не смее да говори за трошоци на семејството?! Според неа, тие што немале семејство, не смеат да говорат и да бараат одговори?!
И ова е крајната нечовечна, мизогина и одвратна политичка култура на власта, која секојдневно ја сведочиме, со гнасни шиканирања. Ако се надоврзам и на пцуењето од пратеникот Петар Ристески, новата власт на ДПМНЕ и тоа како ја удрило политичката моќ и ароганција, без ниту една година на власт.
Не знам дали министерката Кочоска сака да му се допадне во ароганцијата на премиерот Мицкоски и да го достигне неговото “ниво”, кој исто на пратенички прашања, освен одмори на Хургада и дегутантни дискредитации – друго нема што да каже.
Како член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички, очекувам јавна осуда од сите партии за ваквиот говор на министерката. Во спротивно, воопшто не сметам дека треба да сум дел од тела кои само формално постојат на хартија и во истите не планирам да учествувам“, истакнува Јована Мојсоска, пратеничка од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Панихида во спомен на паднатите бранители од воениот конфликт во 2015 година

Во Соборниот храм “Свети Никола” денеска се служеше панихида, во знак на вечен спомен кон припадниците на македонските специјални сили, кои ги загубија своите животи во воената престрелка, во кумановското “Диво насеље”.
Во акцијата пред една деценија, на 9 и 10 мај 2015 година, загинаа осум припадници на безбедносните сили, кои постхумно беа одликувани со орден за храброст.
На црковниот обред присуствуваше и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, во присуство на преставници од СВР – Куманово и повеќе граѓански здруженија.
Во чест на загинатите херои пред нивното спомен обележје, делегација од општина Куманово предводена од секретарот на Општината Емилија Сларидис – Јаневска положи свежо цвеќе, поклонувајќи се пред нивната храброст, посветеност и пример за зачувување на безбедноста на граѓаните.
Македонија
Мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, вели адвокатот Дуковски

Сашо Дуковски, адвокатот на 20-годишниот Васил Јованов, кој на пешачки премин, возејќи без возачка дозвола, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, по денешното судење, рече дека очекува да се цени тоа што признал вина и изразил најдлабоко каење.
„Сакам да имате предвид еден многу битен факт – се работи за човек што има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата ни последна сообраќајна несреќа во Република Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е личност со интегритет и дека и неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се справи со сите последици што ќе дојдат по неговото признание. Уште еднаш кажувам, да оставиме институциите да си ги донесат пресудите и да донесат одлука врз основа на законот, не врз основа на начелото око за око – заб за заб, тоа што некој го сака. Смртна последица сама по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната. Особено мора да се цени во духот на законот фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече адвокатот Дуковски.
Адвокатот се надева дека јавноста досега успеала да препознае што е лага во случајот и рече дека има забелешки за сведочењата на оштетениот уште од првиот ден.
„Пресудата ја донесува судот, но јас би кажал една друга работа. Се надевам дека конечно видовте, сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, Васил е наркоман, Васил е ѓавол, Васил возел со 170 км/ч, Васил избегал, па не дошол три часа на самото место… Видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Цело време за исказите оштетените читаа од своите телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, вели адвокатот Дуковски.
На денешното судење Васил Јованов призна вина и рече дека тоа ќе го прогонува цел живот.
Јованов на 29 јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје, пијан, минувајќи на црвено светло, на пешачки премин ја удри Кулакова, која почина на самото место.
Семејството на Кулакова побара максимална казна за Јованов, а судот најави пресуда на 13 мај.
Македонија
Измами со превозот на ученици – пријава против ексдиректорка на училиште од Куманово, шест вработени во МОН и две фирми

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште од Куманово, шест вработени во Министерството за образование и наука, две правни лица од Куманово и нивните сопственици за злоупотреба на постапката за доделување договор за превоз на ученици
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Т. – поранешна директорка ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, против правно лице од Куманово за превоз на патници и сопственикот Д.П., против В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К., сите од Скопје, вработени во Министерството за образование против Б.С. – управителка на правното лице.
Првопријавената В.Т., во текот на учебната 2022/2023 и во текот на учебната 2023/2024 година, додека траела реконструкцијата на училиштето и не се изведувала настава со физичко присуство на ученици, во два наврати спровела отворени постапки за доделување на договор за јавна набавка на услуга – превоз на ученици, во кои постапки било изберено пријавеното превозно претпријатие од Куманово, застапувано од пријавениот Д.П. од Кумнаово, како единствен понудувач и носител на набавката. Д.П., потоа заедно со пријавената В.Т. изготвиле лажни записници за квалитетно и навремено извршена услуга, кои ги потпишале двајцата, па врз основа на лажните записници Д.П. изготвил лажни фактури во кои биле внесени невистинити податоци и како такви биле доставени до Министерството за образование и наука.
Доставените фактури биле одобрени и исплатени од четвртопријавената В.Д., петтoпријавената Д.Б, шестопријавената В.В., седмопријавената Ј.В., осмопријавената Д.Т. и деветтопријавената Н.К.. и покрај тоа што знаеле дека училиштето се реконструира и наставата се одвива без физичко присуство на ученици и наставници. Додека пак пријавената С.Б. – управител на правното лице за книговодствени услуги од Куманово, иако знаела дека изготвените фактури се со невистинита содржина и не се поткрепени со никаква друга задолжителна пропратна документација предвидена со закон, сепак ги книжела во финансиските книги на правното лице за превоз на патници.
На тој начин, сите пријавени им овозможиле на пријавениот Д.П. и правно лице за превоз на патници од Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 32.620.123 денари на штета на буџетот на РСМ.