Македонија
Миле Јанакиески и Кирил Божиновски во притвор
Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од рано изутрина се во притвор.
Адвокатот Еленко Миланов за ,,Макфакс” ја потврди информацијата дека обвинетите за случајот ,,Титаник”, ексминистерот Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски се во затворот ,,Скопје”.
Според него, ова е политичка одлука, бидејќи како што вели, уште вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјавил дека треба да бидат ставени во притвор обвинетите од случаите на СЈО.
Јанакиески е обвинет во пет случаи на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за кои судењата се во тек. Се споменува во речиси сите истраги на СЈО.
Кирил Божиновски, како поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е обвинет во случајот со изборни нерегуларности „Титаник“.
Судско рочиште за „Титаник“ е закажано за денеска во 9.30 часот.
,,Макфакс” вчера објави дека специјалното јавно обвинителство од надлежниот суд ќе бара притвор како мерка за обезбедување присуство за лица кои се обвинети во повеќе случаи и се товарат за тешки кривични дела. Ова ќе следува откако по четврти пат обвинет, односно осуден во предметите на СЈО бега од државата кога судот носи одлука за притвор, односно издржување на затворска казна.
Последно, по пресудата за случајот ,,Тенк” илегално земјата ја напушти експремиерот Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за случајот ,,Тенк”. Тој е во Унгарија, каде бара политички азил, за кој дополнително тамошните власти треба да одлучуваат.
МВР во меѓувреме, по барање на судот, распиша меѓународна потерница за Груевски. Веста дека ја напуштил земјава и се наоѓа во Будимпешта тој ја соопшти на „Фејсбук“.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.