Македонија
Министерството платило за три лица и потрошило 2 400 евра за патувањето на новогодишниот концерт во Виена
Министерството за култура ги платило трошоците на министерот Асаф Адеми и на уште двајца негови соработници за патувањето на концертот во Виена за што биле потрошени вкупно 2 400 евра, односно по 800 евра за едно лице. Овие трошоци биле за дневници по 118 евра, за хотелско сместување по 420 евра, а за авиобилети по 262 евра за едно лице.
За сите други трошоци, како ручеци, пијалаци и друго биле покриени приватно од страна на Министерот и неговите соработници.
Како што за „Макфакс“ изјавија од Министерството за култура, трошоците за придружбите (сопругите на Адеми и неговиот шеф на кабинет) сместувањето и сите други трошоци, како и билетите за концертот биле обезбедени од приватни средства.
Утрово „Макфакс“ побара од Министерството одговор за потрошените пари на патувањето на новогодишниот концерт на Виенската државна опера, но не добивме прецизен одговор. По објавениот текст дека од таму молчат, попладнево ни испратија дополнување на оваа информација.
„Што се однесува до средствата што беа издвоени од страна на Министерството за култура, напоменуваме дека како што назначивме, на покана на Виенската државна опера во Виена, Република Австрија, патуваа три лица, односно подетално за дневници беа издвоени вкупно118 евра по лице, за хотелско сместување – вкупно 420 евра по лице, за авиокарти беа обезбедени билети најпристапни во однос на терминот на патување, согласно со процедурите во Министерството за култура за оваа намена, односно по 262 евра. За сите други трошоци, што се однесува за ручеци, пијалаци и репрезентативни трошоци беа покриени приватно од страна на министерот и неговите соработници. Напоменуваме дека трошоците за придружбите (кои вие ги споменувате), сместувањето, другите трошоци и билетите за истите беа обезбедени од приватни средства“, пишува во дополнувањето на одговорот на нашите прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

