Македонија
Мицкоски: И покрај опструкциите од власта, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ реализираа голем број на проекти
Нормално е дека секогаш може подобро, но имајќи ги во предвид околностите и ресурсите со кои располагаа градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, имајќи во предвид во која ситуација се случуваше сето ова и што наследија, мислам дека направија повеќе од што можеа, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на заклучоците од политичкиот саем „Саем на промени што носат иднина“.
Мицкоски градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече херои бидејќи и покрај сите опструкции од власта успеале да реализираат голем дел од проектите, додавајќи дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде ветер во грб и ќе ги мотивира дополнително градоначалниците со поддршка да продолжат со реализација на проектите за граѓаните.
„Овие луѓе се навистина херои со тоа што успееја да го направат изминатите 365 дена, нормално тука со огромна поддршка на пратениците во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ, со огромна поддршка на советниците во советите од ВМРО-ДПМНЕ, со огромна поддршка на луѓето кои што ги водат јавните претпријатија и народот кој што дополнително ги мотивира. И убеден сум дека во периодот кој што следи ќе го искористат тој мотив и ќе биде уште подобро и ќе има уште повеќе проекти, а нормално веќе и со иднината влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе им бидеме и ние ветер во грб, наместо оваа влада денеска која што опструира“ рече Мицкоски.
„Ние ќе мотивираме се со цел да реализираат што е можно повеќе проекти и да продолжат онаа традиција на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е брендот ВМРО-ДПМНЕ кој што носи проекти, иновира и кој што носи подобри времиња“ изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Започнува пријавувањето за 21-то издание на Wizz Air Скопски Маратон
Денеска официјално започна пријавувањето за 21-то издание на Wizz Air Скопски Маратон, кое ќе се одржи на 5 октомври, 2025 година. Пријавувањето може да се изврши преку официјалната веб-страница на маратонот, на следниот линк: http://skopskimaraton.com.mk.
Најпознатата и најголема атлетска манифестација во Македонија следната година повторно ќе ги обедини спортските ентузијасти, професионалци и рекреативци, со можност да учествуваат во четири трки: маратон, полумаратон, Комерцијална Банка 5KM, и Штафетен Маратон – ЕУ за Спорт.
Без разлика дали сте искусен маратонец или рекреативец кој сака да го направи својот прв чекор кон здравиот начин на живот, Wizz Air Скопски маратон нуди трка која е создадена за вас. Ова е можност да ги поместите своите граници, да ја почувствувате енергијата на публиката долж улиците на Скопје и да бидете дел од заедницата која го слави спортскиот дух.
За сите заинтересирани, регистрацијата е отворена, а првиот рок за пријавување по најповолна цена е до 10 февруари, 2025 година. Осигурете го вашето место и станете дел од ова уникатно спортско искуство! Последниот рок за пријавување е до 19 септември, 2025, а сите учесници кои ќе се пријават до 29 август 2025 ќе добијат маица со логото на трката во својот стартен пакет – одличен сувенир, кој ќе ги потсетува натпреварувачите на нивното учество!
Покрај незаборавното искуство и гордоста од постигнатите резултати, сите учесници кои ќе ја стартуваат трката на 5 октомври ќе добијат вредносен ваучер од 20 евра од насловниот спонзор на маратонот – Wizz Air. Ова е идеална можност за сите љубители на авантури да започнат нови патувања.
Маратоните не се само натпревари – тие се патување кое го менува животот. Тие се предизвик кој го обликува вашиот карактер, ја зголемува вашата дисциплина и ја зајакнува вашата посветеност. Учество во Wizz Air Скопски Маратон значи и приклучување кон глобалното семејство на тркачи кои ја слават издржливоста, силата и спортскиот дух.
Не пропуштајте ја оваа можност да бидете дел од една од најголемите спортски манифестации во регионот. Регистрирајте се уште денес преку официјалната веб-страница и започнете го вашето патување кон успехот!
ПР
Македонија
Од 1 јануари фирмите ќе плаќаат до 100 проценти повеќе за експлоатација на природни ресурси – Министерството за енергетика со нов тарифник за фер наплата
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со цел воведување ред во користењето на националните богатства и фер наплата, од 1 јануари 2025 година започнува со наплата на до 100% зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси.
Со измените во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100%, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата.
Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари, посочуваат надлежните.
„Клучните измени вклучуваат:
· За користење на просторот за експлоатација: Надоместокот се зголемува за околу 30%.
· За експлоатација на мермер: Надоместокот ќе изнесува 5% од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена.
· Металични минерални суровини: Зголемување од досегашните 2% на 4%.
· Неметалични минерални суровини: Зголемување во просек над 100%.
Измените не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија.
Со оваа мерка, годишниот приход од концесиските надоместоци, кој моментално изнесува околу 10 милиони евра, значително ќе се зголеми. Овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој“, се истакнува во соопштението.
„Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор“, изјави министерката Сања Божиновска.
Министерството се раководеше од детална анализа на регионалните и светските практики, како и препораките од Државниот завод за ревизија. Извештајот од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени. Дел од анализите ги испраќаме во состав на ова соопштение до јавноста.
Министерството, како што е најавено, продолжува со залагањата за фер управување со природните ресурси и зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација.
Скопје
Градоначалникот на општина Илинден им додели смарт таблети на учениците од СОСУ „Илинден“
Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевскки, додели 66 смарт таблети во СОСУ „Илинден“ по повод новогодишните и божиќните празници.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека оваа иницијатива е во согласност со неговите заложби и посветеност кон модернизацијата на образованието и обезбедување на најдобрите услови за учење и развој на учениците.
Таблетите ќе бидат искористени за пристап до најновите едукативни апликации, дигитални учебници и други материјали кои ќе го направат учењето поинтересно и попријатно и ќе им помогнат на учениците да ги доразвијат своите дигитални вештини кои се клучни во ова време на дигитализација.
Тој додаде дека локалната самоуправа цели кон модерно и современо образование за сите млади.