Македонија
Мицкоски: Истрагата за Кочани ја води Обвинителството, не Владата

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцира дека Обвинителството ја води истрагата за несреќата во Кочани, а не Владата, и токму Обвинителството кажува кој ќе биде опфатен и посочи дека во моментот 68 лица се опфатени, меѓу кои има актуелни функционери, што во време на СДСМ беше невозможна мисија.
„Не мислев дека можете толку ниско да се спуштите и сè уште да се обидувате да се качите на бранот на колективната трагедија, која ја зафати државата. Барем пратеничката група на СДСМ има најмалку право да зборува за морал. Што се однесува за оставките, за 5 месеци од денеска ќе почне кампањата за локалните избори и граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија продолжува и во каква форма. Граѓаните ќе кажат. Тоа што играте на картата на кратко помнење и континуирано ги навредивте граѓаните мислејќи ќе добиете политички поени, ве советувам, не, нема да добиете, туку губите“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Митко Трајчулевски.
Премиерот Мицкоски му појасни на пратеникот дека истрага води Обвинителството и тоа кажува кој треба да биде приведен, а не Владата.
„Нека ви кажат сопартијците за модуларната болница, за Ласкарци и за ‘Беса транс’ колку беа опфатени со истрагата и колку кривични пријави беа поднесени во тој момент. Ако не ви кажат, набргу од денеска ќе има расправа во Собранието и ќе слушнете од другите колеги пратеници зошто, кој и како. Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години не затворавте, не приведувавте и до ден-денеска ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Издржавме и затворот е за мажи, а во нашиот случај и за жени. 68 лица досега се опфатени во истрагата од страна на јавниот обвинител, Обвинителството и сите што се задолжени за ова. За разлика од модуларната болница, Ласкарци, ‘Беса транс’, каде што починаа 75 наши сограѓани, имаше нула. Овде има 68 лица, дали ќе бидат 168 ќе каже Обвинителството, не јас, не министерот за внатрешни работи, туку Обвинителството заедно со судот одредуваат“, потенцира премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека да нема дилема, ако обвинителот рече дека треба да се приведат високи функционери од оваа Влада, ќе се случи тоа.
„Еден член на Владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. Повикани на информативен разговор високи функционери од страна на Обвинителството, не од моја страна, не од страна на министерот за внатрешни работи. Истите обвинители и судии што вие ги избиравте, вашиот Совет за јавни обвинители и Судскиот совет, кои вие ги избиравте, не ВМРО-ДПМНЕ, и треба работите правилно да се кажуваат, македонската јавност треба да ја знае вистината. Актуелен градоначалник е притворен, во време на СДСМ тоа беше невозможна мисија“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека нема да се заборават случаите, како модуларната болница, „Беса транс“ и Ласкарци, и дека нема да помогне ниту шверцерски поминатиот Кривичен законик со европско знаме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДС, партија која ја распродаваше државата како на попуст во трговски центар, зборува за надворешна политика, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС денес повторно ја покажува својата целосна бесрамност. Партијата што се обиде ја претвори Македонија во поданик на туѓи интереси, за среќа неуспешно заради отпорот на граѓаните, сега повторно го прави истото, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму тие, кои во стил на ефтин пазарџија го тргуваа името, историјата и достоинството на државата, сега се загрижени за, наводна, „надворешната изолација“. Изолацијата што тие ја посакуваат, а не онаа што постои, е нивната надеж дека ќе се врати времето кога туѓи политичари беа поважни од граѓаните. Тоа време заврши. Денес Македонија има влада која не клечи, туку стои исправено. Премиерот се среќава со светски државници, а не со советници од втор ред на странски фондации. Македонија не е ничиј експеримент“.
Македонија, акко што е наведено во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, се враќа на сопствени нозе, со почит и достоинство, и токму тоа домашните колаборационисти од СДС и ДУИ ги нервира најмногу.
„И додека тие лелекаат од Скопје, обидувајќи се да наметнат лажна слика за „дебакл“, јавноста гледа како нивните кадри ја клекнуваа државата на колена. И гледа како тие, денес бараат „златна виза“ за Дубаи, додека во Македонија зборуваат за правда и еднаквост. Вистинското лице на СДС е токму тоа: едно зборуваат, друго прават. Повикуваат на транспарентност, а бегаат во песочни палати на Блискиот Исток. Глумат патриоти, а први ги продаваат националните интереси. Глумат моралисти, а се први кога станува збор за личен интерес“.
Оваа Влада, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, нема да ви го исполни тој сон.
Потенцираат дека нема да има амнестии.
Македонија
Во оваа фарса убијците добиваат милост, 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин: семејството на Фросина повика на протест

„Ги повикуваме утре на протест против гнилиот судски систем сите наши пријатели, роднини и сите родители чии деца секојдневно минат на пешачки, како и сите правдољубиви што сметаат дека ова е срамна пресуда и дека е охрабрување за многу следни Васовци да дивеат и сеат смрт на улиците“, напиша на социјалните мрежи таткото на усмртената Фросина Кулакова, Тодор Кулаков, по изрекувањето на пресудата за Васил Јованов.
Сестрата на Фросина, Росица, оценува дека срамната пресуда, како што ја нарекува, е само уште еден триумф на праксата на неказнивост што ја негува нашето гнило судство.
„12 години за животот на Фросина. 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин на зелено. 12 години за искршен череп, распарчено срце и уништена иднина.
Ова не е пресуда. Ова е плукање врз болката на целото наше семејство и врз болката на сите што ја сакаа Фросина. Во оваа фарса убијците добиваат милост, а невините жртви завршуваат во правни архиви.
Кои се тие олеснителни околности? Дека не побегнал? Дека врескал врз мртвото тело на сестра ми за последиците што нејзината смрт ќе ги има врз неговиот мизерен живот? Дека е ‘спортист’? Дека е жив? А Фросина? Фросина немаше ниедна олеснителна околност. Фросина сега има само гроб.
Овој суд не донесе правда. Донесе јасна порака: во оваа земја убиството се исплаќа.
Ова не е пресуда што ја задоволува правдата. Ова е потсмев кон секој родител што плаче над гробот на своето дете. Ова е доказ дека во нашата судска пракса неказнивоста стана правило, а на правдата ѝ се врзани рацете.
Срам да ви е!
Ние нема да молчиме и од нашата болка правиме повик за промена. Излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост, за да нема повеќе откорнати невини животи. За да има правда за Фросина и правда за сите! За сите што утре може да завршат под тркалата на некој монструм. За сите што оваа држава ги предаде! Се гледаме утре во 17 ч пред Универзалната сала – на местото каде што на монструозен начин ѝ беше одземен животот на Фросина – по што ќе се упатиме кон судот кој денес вторпат ја уби.
Нека нашите чекори одекнат во име на правдата. Денес за Фросина, а утре и за сите други потенцијални жртви на корумпираниот систем на неказнивоста“, напиша Росица Кулакова.
Македонија
На Јаневска ѝ е рано да размислува за ресорот здравство: Имам толку многу да доработам во Образование во овој мандат, премиерот ќе одлучи

Премиерот и преговарачкиот тим во коалицијата ќе одлучат кој ќе биде нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари, кој излезе од Владата, рече денес министерката за образование, Весна Јаневска. Дека се спомнува нејзиното име во пресметките за распределба на ресорите во владината коалиција, рече дека дознала од медиумите по изјавата на Билал Касами, кој вчера рече дека „Вреди“ ќе го добие ресорот образование, а ВМРО-ДПМНЕ здравство.
„Прочитав во медиумите, но во овој момент јас како министерка за образование и наука имам толку многу работа да доработам за цел мандат, нели, што навистина не мислам, ниту сум вклучена во тие преговори. Има одговорно лице, кое ќе каже како треба да биде“, вели министерката Јаневска, која денес присуствуваше на панел-дискусијата на тема „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ на 14. самит на Македонија 2025.
На прашањето дали ќе прифати доколку ѝ ја предложат функцијата во Здравство, не даде конкретен одговор.
„Сосема е рано да се размислува за такво нешто. Кажав кои се одговорни, кога ќе дојде тој момент, тогаш ќе разговараме“, рече министерката Јаневска.
Највисокото раководство на Алијансата за Албанците, чиј лидер е Арбен Таравари, синоќа и официјално одлучи партијата да оди во опозиција.
Освен Таравари, од Алијансата за Албанците во овој владин состав е и заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи.