Македонија
Мицкоски: Случајот „Адитив“ не е единствениот криминал во АД ЕСМ, ќе има и други случаи
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека последниот случај во АД ЕСМ „Адитив“ не е единствен и нема да се заврши тука, ќе има и други случаи, јавноста ќе дознае кој е одговорен и кој ги крадел македонските граѓани и свесно уништувал, и одговорност мора да има.
„Тоа што се отпочна случај за адитивите кои се користени во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ во производниот процес можам да кажам како инженер, професор и човек кој одреден период поминал во таа институција за менаџирање на истата, не само што немало потреба толкава количина за набавка на истите, туку и цените се надвор како што велат правниците правило на испружена рака, нивната рака долго се испружувала и завршувала во џебови кај поединци“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека е убеден и за осомничениот кој не е достапен на органите на истрагата дека еден ден ќе биде достапен и ќе одговара, бидејќи како што посочи по седум години долгот е околу 5 милијарди денари, а нанесена е штета врз производниот енергетски систем со неспроведување на вистински ремонти туку со шпекулативни во смисла на нестручно и ненавремено.
„Би сакал да напоменам дека на тој начин што се несовесно се управувале производните комбинати во АД ЕСМ се нанесе и удар на суверенитетот на државата бидејќи ние не сме земја која има наоѓалишта на нафта или гас, со што директно се загрозија работни места на илјадници граѓани, и индиректни десетици илјади кои работат во компании кои соработуваат со АД ЕСМ“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека изминатите 7 години воедно се намалил производниот капацитет од 209 мегавати електрична енергија на мрежа до 145-150, а нови проекти и немало.
„На владина седница одглавивме два проекти, сакам да ја истакнам втората фаза од ветерниот парк во Богданци, нешто што претставува квалитетен проект, вториот е сончевата централа во Битола. Овие два проекти се обезбедени од европски банки, вредноста е стотина милиони евра што ќе додаде вредност во производното портфолио. Најголем дел злоупотреби се правени во надворешна механизација за ископ на јаглен ако направите математика ќе дојдете до заклучок дека денот нема 24 часа, туку 36, а годината нема 365 дека туку 450 или 500 дена, се побивани законите на физиката и би сакал во доказна постапка ако се отвори случај да ги слушнам кои им се објаснувањата“, рече премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара повлекување на Законот за основно образование: „Се брише родовиот идентитет и води кон враќање на специјални училишта“
Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, повика на повлекување на Законот за основно образование, којшто според партијата врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти.
„Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела. Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост“, рече Николова.
Владата не го прифати намандманот на СДСМ за вработување на образовните асистенти на неопределено време, со што, според СДСМ, ќе се гарантираше континуитет и ќе се спречеше стресот за децата и родителите секоја година.
Според опозициската партија, загрижува и одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи. Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, рече Николова, туку создава простор за насилство и дискриминација, особено во училиштата, кои треба да бидат најбезбедни за децата.
„Ја повикуваме министерката Весна Јаневска да го повлече предлог законот за основно образование и заедно со стручната фела да го подобриме текстот и да ги заштитиме сите деца. Ние сме спремни да се вклучиме во таков процес. Ја повикуваме и претседателката Гордана Силјаноска Давкова како застапничка за еднаквост, родова рамноправност и недискриминација, да се вклучи и да се бори за правата на децата со попреченост и нивното право на образование“, велат од СДСМ.
Според нив, ваквиот закон ваквиот закон е враќање цел век наназад.
Македонија
Како тоа за ДКСК сертификатот на Христовски е валиден кога две директорки се осудени за ист таков, прашува СДСМ
За СДСМ, скандалозна е одлуката на ДКСК во однос на случајот со диркеторот на АНБ Бојан Христовски и таа мора да биде повлечена.
Прашуваат, како е можно за ДКСК да биде валиден сертификатот на Христовски за ТОЕФЛ од Пловдив Бугарија кога Суд веќе осудил две директорки затоа што приложиле ист таков серификат кој е оценет за невалиден.
„Две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затоа што приложиле ТОЕФЛ сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија, односно од истото место и од истото правно лице од каде што е и серитфикатот на Христовски. Како ДКСК заклучила дека е валиден сертификатот кога суд одредеил во два случаи, од исто место и од исто правно лице дека е невалиден? Зошто ДКСК не ги земало предвид овие судски одлуки? Дали е тоа намерно? Ова е уште една причина зошто Државната комисија за спречување на корупција треба да ја повлече скандалозната одлука и да ја врати на повторно разгледување“, велат од партијата.
Според нив, оправдани се и сомнежите за конфликт на интерес кај членката на ДКСК којашто го водела случајот по претставката во којашто се оспорува диплома на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Додаваат дека има премногу сомнежи за нерегуларности, недоследности, нелогичности, за конфликти на интерес за скандалот со Христовски кој трае со месеци.
„Се добива впечаток дека не се важни закони, правила и прописи и по секоја цена Христовски власта го турка да остане на позицијата иако е доведено во прашање дали воопшто ги исполнува условите“, истакнуваат од партијата на Мицкоски.
Македонија
Утре протест за чист воздух: „Повеќе од 3.800 луѓе годишно во Македонија ги губат своите животи“
Утре, сабота, почнува протестнинот марш „За чист воздух“ кој од Министерство за животна средина и просторно планирање, ќе продолжи преку Собранието, Владата и ќе заврши пред зградата на Град Скопје.
Oд „Шанса за Центар“ која стои зад протестот заедно со повеќе граѓански организации велат дека надлежните се’ уште не одговорија на барањата за чист воздух, по протестот што се одржа на 10 декември.
„Протестираме бидејќи секоја година повеќе од 3.800 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух“, се наведува во повикот за протестот.
Од надлежните институции се бара итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето.
Протестот го поддржаа и „Зелен хуман град“, „Скопје смог аларм“, „Независни за Карпош“, „O2 Иницијатива“, „Зелените Од Гази Баба“, „Иницијатива за ослободување од еднократна пластика“, „НаТочак“, „Go Green – Биди Зелен“ и „Слобода на Говорот“.