Македонија
Мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, вели адвокатот Дуковски

Сашо Дуковски, адвокатот на 20-годишниот Васил Јованов, кој на пешачки премин, возејќи без возачка дозвола, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, по денешното судење, рече дека очекува да се цени тоа што признал вина и изразил најдлабоко каење.
„Сакам да имате предвид еден многу битен факт – се работи за човек што има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата ни последна сообраќајна несреќа во Република Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е личност со интегритет и дека и неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се справи со сите последици што ќе дојдат по неговото признание. Уште еднаш кажувам, да оставиме институциите да си ги донесат пресудите и да донесат одлука врз основа на законот, не врз основа на начелото око за око – заб за заб, тоа што некој го сака. Смртна последица сама по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната. Особено мора да се цени во духот на законот фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече адвокатот Дуковски.
Адвокатот се надева дека јавноста досега успеала да препознае што е лага во случајот и рече дека има забелешки за сведочењата на оштетениот уште од првиот ден.
„Пресудата ја донесува судот, но јас би кажал една друга работа. Се надевам дека конечно видовте, сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, Васил е наркоман, Васил е ѓавол, Васил возел со 170 км/ч, Васил избегал, па не дошол три часа на самото место… Видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Цело време за исказите оштетените читаа од своите телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, вели адвокатот Дуковски.
На денешното судење Васил Јованов призна вина и рече дека тоа ќе го прогонува цел живот.
Јованов на 29 јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје, пијан, минувајќи на црвено светло, на пешачки премин ја удри Кулакова, која почина на самото место.
Семејството на Кулакова побара максимална казна за Јованов, а судот најави пресуда на 13 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне со појава на нестабилност и краткотраен пороен дожд

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Попладне ќе има локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 24 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Во недела и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.