Македонија
Напаѓачот од мотор пукал кон таткото на исчезнатиот внук на Бошкоски
Напаѓачот во движење од мотор пукал кон таткото на исчезнатиот внук на Љубе Бошкоски, Самоил Костадиновски, дознава „Макфакс“.
Пукањето се случило кога таткото на Самоил се движел кон семејната куќа во Лисиче, а моторот од кој било пукано сè уште лежи на асфалтот на местото на злосторството, каде што полицијата врши увид.
Улицата е затворена со полициски ленти, а по напаѓачот се трага.
Од МВР соопштија дека таткото на Самоил Костадиновски, кој е исчезнат веќе четврти месец, е повреден и веднаш е пренесен во болница.
„Пријавено е дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ. К. (57) пред неговиот дом. Пренесен бил во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ за укажување лекарска помош“, велат од МВР.
Таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски нудеше парична награда за пронаоѓање на синот.
За исчезнувањето на Самоил пријавил неговиот 32-годишен брат во осум часот наутро на 4 март по што од МВР биле преземени соодветни мерки за негово пронаоѓање. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче, кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Она што досега е познато, како што посочи министерот, е дека се уапсени две лица во однос на овој предмет и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.
Македонија
Поради врнежи од снег воведена забрана за камиони и автобуси на патот Тетово-Попова Шапка
Поради врнежи од снег од 07:45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Претходно АМСМ информираше дека во 5.45 часот изутрина воведена е забрана за камиони и автобуси на патот село Лисец-Попова Шапка.
По целосниот прекин на патот Кичево – Гостивар предизвикан од одрон во 5.40 часот изутрината, екипа од Македонија пат ја исчисти едната сообраќајна лента и сообраќајот од 06.50 часот се одвива наизменично.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата каде се запленети 30 тони дрога
„Наместо спин и манипулација, Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата во која се запленија 30 тони дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека по, како што велат, обидите на Филипче и СДС да ѝ „сервираат“ информации на јавноста околу темата за канабисот, треба да дадат објаснување за фотографија со Тони Котев, сопственик на фирмата „ЦБД Медплант“, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со нелегална марихуана.
Во соопштението се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека стојат зад процеси поврзани со издавање лиценци за медицински канабис.
Партијата наведува дека во 2020 година имало иницијатива за легализација на марихуаната, а по неуспехот, според нив, следувало масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица блиски до СДС. Како што се додава, струмичкиот регион станал центар на производство.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и на измените на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, со кои, според нив, било дозволено одгледување и на отворено, оценувајќи дека тоа е во колизија со законските одредби и ГМП стандардите за медицинско производство.
„По големите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони, околу 30 тони потекнуваат од ‘ЦБД Медплант’, фирма основана во 2018 година од блиски луѓе до Заев“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат каде завршувала марихуаната што, како што тврдат, не можела да се користи како легален медицински производ и дали станува збор за лични или партиски интереси.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи, како што велат, целосната релација помеѓу Заев и Филипче и нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, нагласувајќи дека јавноста заслужува транспарентност и еднаквост пред законот.

