Македонија
Несреќа на патниот правец Берово – Виница, сообраќајот во прекин

АМСМ извести дека се случила сообраќајна незгода на патниот правец Берово – Виница, кај село Будинарци.
Поради незгодата од 07:30 часот сообраќајот е во прекин, додаде АМСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за кандидатите за гувернер, меѓу кои се Ставрески, Славевски и Бежовска: Сите се вонсериски

До крајот на неделата ќе биде јасно кој кандидат за гувернер ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Од тројцата досега најсериозни кандидати, поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славевски и актуелната гувернерка Анита Ангелова-Бежовска, која е првата жена гувернер, премиерот Христијан Мицкоски не издвои никого.
„Не е битно кој е мојот фаворит. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека сите кандидати што се разгледуваат се вонсериски, искусни и кандидати за кои убеден сум дека ќе ја одржат макроекономската стабилност на Македонија“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во скопско Долно Лисиче.
Премиерот најави дека одлуката ќе ја донесат до крајот на неделата, а в понеделник ќе очекува да биде известено и Собранието.
„Веќе имавме разговори со претседателката во понеделникот на оваа тема. Тие разговори очекувам да ги продолжиме. До крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам в понеделник да биде информирано и Собранието. На 20 мај има седница, разговарав и со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред тогаш, така што рокот ќе биде почитуван“, вели премиерот Мицкоски.
Седумгодишниот мандат на сегашната гувернерка Ангелова-Бежовска истекува на 21 мај и таа има право на реизбор.
Славевски, актуелен професор на Економскиот факултет и претседател на Советот на Град Скопје, беше министер за финансии во првата влада на Никола Груевски во 2006 година. Тој остана на функцијата министер за финансии до 2009 година кога на негово место дојде Ставрески.
И Ставрески е кадар од првата влада на Груевски. Во 2006 година беше назначен за вицепремиер за економски прашања, во 2009 стана и министер за финансии. Се повлече од функциите во 2016 година со објаснување дека тоа го прави од здравствени причини. Тогаш рече дека лекарите му советувале подолго лекување за да закрепне, но не сподели со јавноста за здравствената состојба. Неколку месеци пред да се повлече од функциите, тогаш опозицискиот СДСМ почна да ги објавува аудиоснимките, кои ги нарече бомби, а на голем дел од нив имаше разговори на Ставрески со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но и со други владини членови. Тогаш јавноста од Ставрески слушна дека „немаме ни за леб, а трошиме за чоколади“.
Македонија
Мисајловски – Пирс: Соработка на највисоко ниво, Обединетото Кралство останува наш силен сојузник

Денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски се сретна со новата специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западниот Балкан, Карен Пирс, на која и се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Обединетото Кралство во развојот на капацитетите на македонската Армија.
„Нашите две држави имаат повеќедецениска интензивна одбранбена соработка која, особено по членството во НАТО го достигна сиот свој потенцијал“, рече Мисајловски и додаде дека сета оваа соработка значително ги зајакна врските помеѓу двете Армии и нивните припадници.
Министерот посочи дека одбраната и Армијата остануваат отворени за континуиран развој на соработката во секоја област – одбранбената политика, воената обука и едукација, јазичната обука и советодавната поддршка од Обединетото Кралство, досега реализирана во повеќе наврати.
„Ние ќе продолжиме да бидеме близок партнер и силен сојузник на Северна Македонија во НАТО. Обединетото Кралство останува целосно посветено на зајакнување на стабилноста, безбедноста и економската соработка во регионот“, изјави Пирс.
На средбата во Министерството за одбрана присуствуваа и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон и одбранбеното аташе, потполковникот Едвард Џон Грин.
Македонија
Лимани: Потребен е нов пакет-услуги за спрaвување со растечките стапки на детскаta сиромаштија

На настан посветен на справување со детската сиромаштија и социјалната исклученост, Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од УНИЦЕФ, ги претстави резултатите од анализата и препораките за политики за сеопфатен пакет на услуги кои треба да се разгледаат во рамки на Европската гаранција за децата во Северна Македонија.
Дијалогот за новиот пакет на услуги доаѓа во критичен момент: според најновите достапни податоци, децата во Северна Македонија се изложени на значително повисок ризик од сиромаштија од возрасните, при што 32% живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40% се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија, според најново достапните податоци.
Предложениот пакет на услуги за гаранција за деца има за цел да обезбеди секое дете, особено најранливитe, да има загарантиран пристап до здравствена заштита, образование, социјална заштита и грижа преку координирана, мултисекторска поддршка.
„И покрај достапноста на основни услуги како здравствената и социјална заштита и образование, децата што се соочуваат со сиромаштија и исклученост наидуваат на поголеми пречки поради тоа што системите не се прилагодени на нивните потреби. За да ги надминеме спомнатите предизвици, Владата на Северна Македонија со поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ изработи Национален акциски план за правата на децата 2025-2029, кој е во завршна фаза на усвојување. Еден од приоритетите на Планот е намалувањето на детската сиромаштија, вклучително и со воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување од 15% на паричните додатоци наменети за децата,“ изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Тој информираше дека Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе ја предводи координацијата со другите владини институции за развивање на план за имплементација на Гаранцијата за деца.
Препораките за политиките се насочени кон најризичните категории деца, вклучувајќи ги децата Роми, децата со попреченост, децата без родителска грижа, децата во судир со законот и други. Пакетот вклучува повеќе услуги, како проширена парична помош, зголемен пристап до предучилишно образование, инклузивно образование, универзален пристап до здравствена заштита, бесплатни оброци во училиштата и други услуги.
„Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да останат сиромашни и како возрасни, продолжувајќи го циклусот на нееднаквост,“ рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Гаранцијата за децата се покажува дека е докажан механизам за борба против овие алармантни трендови и обезбедува да не биде запоставено ниту едно дете.“ Препораките се насочени кон решавање на причините за детската сиромаштија, како што се финансиски тешкотии на домаќинствата, ограничен пристап до квалитетни услуги и системски бариери како стигматизација, слаба координација меѓу институциите и географски нееднаквости. Пристапот ја нагласува интегрираната испорака на услуги, проактивна теренска работа со семејствата и мерки прилагодени на вистинските потреби на децата и нивните семејства.
Националниот акциски план за Гаранцијата за децата, предвидува зајакнување на испораката на услуги и мобилизирање средства преку националниот и општинските буџети за негова реализација. При што веќе се планираат до 3 милиони евра за воведување услуги фокусирани на децата. Модифицираните модели на услуги ќе бидат пилотирани во избрани општини за да се обезбедат податоци за нивно пошироко национално имплементирање.