Македонија
Николоски: Душмански е јас да го прекинам договорот со „Бехтел и Енка“, Владата на СДСМ и ДУИ веќе им исплати 240 милиони евра

Декласифицирање на договорот со „Бехтел и Енка“ и барање да изградат што е можно повеќе километри автопат е планот на новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, за најскапата зделка на претходната влада. Николоски вели дека нема да го раскине договорот иако со месеци како опозиционер алармира дека е коруптивен. Сега вели дека Обвинителството е на потег за сомнежите за корупција, а нему како министер главна битка во годините што следуваат ќе му биде државата да добие што е можно повеќе километри автопат во рамките на оваа финансиска сума.
„Јавноста треба да знае дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра за буквално ништо, односно за таканаречени подготвителни работи, односно работи што не ги гледаме. Мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански, јас сега да го прекинам договорот, а тие средства да се веќе кај изведувачот и, нормално, не може да се вратат. Изведувачот може и да тужи и да побара арбитража, да платиме уште толку и да отидат половина милијарда средства на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив да добиеме колку што повеќе километри автопат што побргу“, рече министерот Николоски.
Тој очекува обвинувањата за криминал поврзан со договорот да ги испита Обвинителството.
„Државниот завод за ревизија има извештај направен пред јас да станам министер, така што мислам дека таму има сѐ. Сега треба Обвинителството да си го разгледа“, вели Николоски.
Од барањето за декласификација на договорот нема да се откаже оти смета дека нашите закони јасно кажуваат што може да се класифицира како државна тајна. Веќе имал средби со претставници на конзорциумот и им кажал дека ќе бара декласиикација. Извести дека тоа е можно само доколку двете страни го одобрат оти така бил склучен договорот, па очекува „Бехтел и Енка“ да се согласат договорот да биде јавен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Продолжен притворот на Нино Васев за уште 30 дена

Кривичниот суд во Скопје донесе одлука за продолжување на притворот на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, за дополнителни 30 дена.
Адвокатот на Васев, Боби Спирковски, најави дека ќе поднесе жалба на решението, оценувајќи дека голем дел од сведоците кои се повикуваат на судењето се непотребни, бидејќи предметот, како што рече, треба да се темели на стручни вештачења.
Спирковски изјави дека одбраната доставила нови докази кои, според него, ја побиваат потребата од притвор, додавајќи дека обвинението е неправилно проширено со дела како „измама“ и „проневера“, со цел да се добие повисока казна.
Македонија
Меџити: Градежните активности во Стар Чаир се доказ за почетокот на нова ера на развој

Новоизбраниот градоначалник на Општина Чаир од редовите на владината коалиција ВЛЕН, Изет Меџити, ја продолжува работата на терен.
Меџити истакна дека градежните активности во Стар Чаир се одвиваат со силен интензитет и дека секој сегмент од изградбата на улиците се реализира според највисоките стандарди на квалитет и современа инфраструктура.
„Со голем интензитет и целосна посветеност продолжува изградбата на улиците во Стар Чаир. Секојдневно се работи по план и со одговорност, за Чаир да го добие развојот што го заслужува. Уредна и достојна општина за нашите граѓани!“, изјави Меџити.
Тој нагласи дека на овој начин се исполнуваат ветувањата дадени во изборната кампања, поставувајќи го Чаир на патот на урбана трансформација и одржлив развој. Според него, граѓаните веќе одблиску ги гледаат првите резултати од едно владеење засновано на визија, посветеност и транспарентност.
Македонија
Еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра, Пандов рече дека пробацијата не се користи доволно

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, изјави дека државата месечно троши околу 1.000 евра за еден осуденик, нагласувајќи дека пробацијата во Македонија не се користи доволно, иако постои веќе шест години.
На работниот состанок „Пробација и условен отпуст“, што денеска се одржува во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, беше посочено дека над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе.
„Има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Голем дел од осудените лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, со препорака од секторот за ресоцијализација и директорите на затворите“, рече Пандов.
Тој посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се применуваат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Во моментов има над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, истакна дека целта на казнувањето не е само санкцијата, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите. „Условниот отпуст игра важна улога во таа насока“, рече Камбовски.