Македонија
Николоски изјави дека Арсовска е надлежна за постапување за дивоградбите, градоначалничката го нарече неписмен

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и градоначалничката Данела Арсовска не се согласуваат околу надлежноста за дивоградбите во Чаир.
Одговарајќи на пратеничко прашање за дивоградбите во Собранието, Николоски рече дека Министерството за транспорт и врски има надлежност да постапува само за градби од А категорија, а за градбите за кои говори секојдневно градоначалничката од Град Скопје надлежен е Градот.
Според Николоски, настапите на градоначалничката Данела Арсовска се спектакли, бидејќи како градска власт, таа има право да постапи ако се утврди дека одредени објекти се дивоградби.
„Мислам дека е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на Град Скопје со соодветната градежна инспекција и наместо да се прават спектакли, нека излезат со градежна инспекција и нека утврдат. Доколку има дивоградби, истите треба да се срушат. Доколку не сака да ги сруши инвеститорот, треба градот да распише тендер за фирма за рушење и таа фирма да ги сруши, а потоа трошоците паѓаат на товар на оној кој бесправно градел. И да поднесе сооветна пријава до надлежното обвинителство и кривично да се одговара, а целокупниот имот доколку е изграден на земјиште на Република Македонија, затоа што има и такви индиции што се изнесуваат во јавноста, се конфискува“, рече Николоски.
Додаде дека секојдневните спектакли во јавност, а ниедно од правните дејствија не се направени, може да не носи до други заклучоци дали позадината е мотвирана од политичката партија ДУИ и од одредени релации што градоначалничката ги има со високи функционери на ДУИ.
Арсовска се огласи преку статус на социјалните мрежи: „Ќе му пише ли некој на неписмениов што глуми министер дека Град Скопје согласно закон е единствена од 81 општина што нема градежна инспекција (пак да потенцирам за неписмениов аман така е утврдено со закон).
„Има ли некој од неговите 500 партиски експерти, на корумпираниов што не можеше да добие безбедносен сертификат за да биде министер за надворешни работи или за одбрана, па мора да го трпиме да лупа глупости ко министер за транспорт да му каже дека негов орган е Државниот инспекторат за градежништво“, напиша Арсовска.
Понатаму додаде дека за да го сруши Вики (така го нарекува градоначалникот Висар Ганиу) на министерот му требаат интегритет и храброст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скандалозен тендер за возачки испити, СДСМ бара истрага и одговорност од Тошковски

СДСМ алармира за нов скандал во Министерството за внатрешни работи, овој пат поврзан со сомнителен тендер вреден милиони денари за лиценца за организирање возачки испити во Пелагонискиот регион.
Министерот Панче Тошковски, како што изнесува потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, доделил тендер на новоформирана фирма „Супер Возач“, регистрирана само три месеци пред распишувањето на тендерот. Според Шукова, зад оваа фирма стои Филип Митрески, функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Советот на Општина Кичево, преку компанијата „Стрит рајд“, која е нејзин сопственик.
„Станува збор за класичен пример на партиска злоупотреба на институциите за лични и бизнис интереси. МВР под ВМРО-ДПМНЕ дели милионски тендери на луѓе блиски до партијата, а институциите стануваат алатка за испумпување народни пари“, изјави Шукова.
Со овој потег, како што посочуваат од СДСМ, на фирмата „Супер Возач“ ѝ е овозможен монопол од 5 години врз еден профитабилен бизнис – сите полагања за возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен ќе се одвиваат преку оваа компанија блиска до власта.
„Фирмата е основана непосредно пред тендерот. Дали однапред било договорено кој ќе го добие? Како знаел функционер на ВМРО-ДПМНЕ дека токму за тоа ќе се распише тендер и токму таму да отвори фирма? Не веруваме во случајности“, додаде Шукова.
Од СДСМ потсетуваат дека ова не е изолиран инцидент, туку втор сериозен скандал по спорниот тендер за полициски униформи, кој исто така беше проследен со јавни реакции и обвинувања за корупција.
„Ова е моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ – партиски тендери, бизниси за блиските, а државните институции се користат како банкомати за партијата. Наместо борба против корупцијата, гледаме корупција во живо“, рече Шукова.
СДСМ бара итна реакција од надлежните институции:
– Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет.
– Основното јавно обвинителство да постапи по допрен глас.
– Институциите да не останат неми набљудувачи, туку да ја исполнат својата законска обврска.
„Македонија не смее да биде плен на организиран партиски грабеж. Граѓаните заслужуваат отчетност, одговорност и институции кои работат за нив. Одговорност мора да има и ќе има“, заклучи Шукова.
Скопје
Герасимовски: „Центарска симфонија” ги сплоти скопјани, Тарабунов и граѓаните пееја и танцуваа на најпознатите филмски евергрини

„Центарска симфонија” синоќа ги сплоти скопјани. Со македонска и светска филмска музика изведена од музичката ѕвезда Александар Тарабунов и камерниот оркестар, граѓаните уживаа во оваа културна манифестација којашто за првпат ја организираше Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски упатува благодарност до сите центарци, но и жители на Градот Скопје кои вчера вечер дојдоа и уживаа во најпознатите мелодии од македонската и светската кинематографија како „Исправи се Делфина”, „Каде песно моја”, „До Балчак”, „Beautiful Maria of my Soul” и многу други. На „Центарска симфонија”, беше изведена и новата песна на Тарабунов „Заедно” со камерниот оркестар.
„Центар останува место за најубавите културни настани. Среќен сум што синоќа ‘Центарска симфонија’ ги сплоти скопјани на Плочникот кај Градски ѕид. Сите во еден глас ги пееа најубавите филмски мелодии, уживаа во добра музика и се забавуваа. Оваа манифестација е новина и останува традиција. Не застануваме тука, летово ќе имаме уште многу настани во делот на културата и за истите ќе бидете навремено информирани. Ви благодарам на сите коишто дојдовте и заеднички уживавме”, рече Герасимовски.
Македонија
Охридската полиција спаси четири лица заглавени во езерото откако силниот ветер им скрши дел од едрилицата

Четири лица беа спасени синоќа од водите на Охридското Езеро откако нивната едрилица останала без управување поради механичко оштетување. Брзата реакција на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ спречи трагедија.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 28 јуни 2025 година, во 19:30 часот, било пријавено дека од пловен објект, кој се наоѓал на околу 2,5 километри од езерскиот брег спроти авто-кампот „Извиднички“, е упатен повик за помош.
„Наши полициски службеници веднаш излегоа на терен со службен глисер и ги лоцираа четирите лица на едрилица кои се наоѓаа во неволја. Сите четворица се успешно и безбедно извлечени и пренесени до станицата кај каналот Студенчишта“, соопштија од МВР.
Од полицијата појаснуваат дека поради силен ветар и бранови дошло до кршење на крмениот лист на едрилицата, по што лицето кое управувало со пловилото ја изгубило контролата.
„Благодарение на навремената интервенција, случајот заврши без повредени. Безбедно е извлечена и едрилицата“, додаваат од полицијата.
МВР уште еднаш апелира до сите граѓани и туристи да внимаваат при користење на пловни објекти и да ги следат временските услови, особено кога се работи за едрилици и објекти без моторен погон.