Македонија
Одземени лиценците на десетина управители на згради во последните 2,5 години, не го почитувале Законот за домувањето

Поради непочитување на Законот за домувањето, изминативе две и пол години на десетина управители им биле одземени лиценците, извести денес Зоран Маџовски, претседател на Регулаторната комисија за домување. Тој денес првпат од функционирањето на Комисијата организира средба со управителите за да им даде можност да се запознаат, да дискутираат за можностите што ги нуди Законот за домувањето, но и за претставките од граѓани незадоволни од управителите.
„Ние како Комисија постојано добиваме од граѓаните некакви претставки за одреден број, само мал број управители, и сега е моментот да ги кажеме тие недостатоци во иднина тие да се анулираат. Морам да потенцирам дека најголем дел од управителите си ја вршат работата, меѓутоа има еден мал број управители што се повторуваат континуирано, против кои има одредени забелешки за нивното работење. Дали е тоа во користење на средствата од резервниот фонд, дали е во начинот на одржувањето и задоволството од одржувањето на колективните згради, дали е во смисла на комуникацијата со граѓаните чии услуги ги вршат, дали е од аспект на давањето извештаи оти управителите се должни да даваат извештаи за парите што ги трошат и слични такви забелешки. Оваа Комисија, која функционира две и пол години, во својот мандат има издадено триесеттина лиценци, а во истиот период на 15 лиценци им престанала важноста. Од нив на десетина им е одземена лиценцата токму поради непочитување на Законот за домувањето“, вели Маџовски.
За 12 години, колку што постои Комисијата, издадени се вкупно 130 лиценци. Во истиот период на 60 лиценци им престанала важноста. Меѓу оние на кои им престанала важноста има некои што се одземени поради утврдени нерегуларности врз основа на Законот за домувањето, кои ги утврдува инспектор за домување, има лиценци на кои им истекла важноста и не биле продолжени, а има и некои што се откажале од лиценцата и престанале да функционираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и многу топло со температура до 40 степени, попладне краткотрајно невреме

Времето денеска, сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне и во вечерните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, грмежи и појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 22, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Попладне и во вечерните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, краткотрајно во форма на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Во деновите од викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер кој ќе предизвика опаѓање на дневните температури за 5-7 степени во споредба со денешните. Од понеделник дневните температури повторно ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Мицкоски: Финансиската полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра што е доказ дека расчистуваме со криминалот

Финансиската полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра што е доказ дека расчистуваме со криминалот, и правиме чекор напред во градењето на темелите на промените, изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележување на денот на Управата на финансиската полиција.
„Кога ја презедовме одговорноста за управување со државата, знаевме дека ќе мораме да се соочиме со еден од најголемите предизвици – да ја вратиме правдата таму каде што била протерана, да изградиме институции што не се плашат, туку делуваат. Наша обврска е да воспоставиме систем кој ќе ги штити чесните, а ќе ги изведува пред лице на правдата оние што ја краделе државата. Денес, токму тука, испраќаме јасна порака – тоа време дојде“, рече Мицкоски.
Како што рече, сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра. Овие пари се на граѓаните, и ова е пример како се штити имиџот на државата, рече премиерот.
Зад бројките, изјави Мицкоски, се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. И во таа битка за правда нема партиска припадност нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна, додаде премиерот според кој бројките се најсилен доказ дека државата се буди и дејствува, нема веќе недопирливи и молк.
„Да не се заборави дека борбата против криминалот не е борба на една институција. Тоа е борба за душата на државата, за заедничката иднина. Каква иднина ќе оставиме за нашите деца, зависи од тоа сега што ќе го направиме. А Македонија е уморна од чекање и нема втора шанса, ова всушност е последната шанса. Ние не градиме само економија и патишта – ние градиме правда. Ние не зборуваме само за развој – ние зборуваме за ослободување од стравот, од неказнивоста, од мафијата во клучните сектори. На сите кои ја злоупотребиле довербата – им порачуваме: Ќе одговарате. На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата. И на граѓаните – да знаете: Оваа Влада стои зад вас. Не зад криминалците. Не зад тајкуните. Туку зад секој човек што верува во правда“, додаде Мицкоски.
Македонија
Николоски изјави дека Арсовска е надлежна за постапување за дивоградбите, градоначалничката го нарече неписмен

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и градоначалничката Данела Арсовска не се согласуваат околу надлежноста за дивоградбите во Чаир.
Одговарајќи на пратеничко прашање за дивоградбите во Собранието, Николоски рече дека Министерството за транспорт и врски има надлежност да постапува само за градби од А категорија, а за градбите за кои говори секојдневно градоначалничката од Град Скопје надлежен е Градот.
Според Николоски, настапите на градоначалничката Данела Арсовска се спектакли, бидејќи како градска власт, таа има право да постапи ако се утврди дека одредени објекти се дивоградби.
„Мислам дека е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на Град Скопје со соодветната градежна инспекција и наместо да се прават спектакли, нека излезат со градежна инспекција и нека утврдат. Доколку има дивоградби, истите треба да се срушат. Доколку не сака да ги сруши инвеститорот, треба градот да распише тендер за фирма за рушење и таа фирма да ги сруши, а потоа трошоците паѓаат на товар на оној кој бесправно градел. И да поднесе сооветна пријава до надлежното обвинителство и кривично да се одговара, а целокупниот имот доколку е изграден на земјиште на Република Македонија, затоа што има и такви индиции што се изнесуваат во јавноста, се конфискува“, рече Николоски.
Додаде дека секојдневните спектакли во јавност, а ниедно од правните дејствија не се направени, може да не носи до други заклучоци дали позадината е мотвирана од политичката партија ДУИ и од одредени релации што градоначалничката ги има со високи функционери на ДУИ.
Арсовска се огласи преку статус на социјалните мрежи: „Ќе му пише ли некој на неписмениов што глуми министер дека Град Скопје согласно закон е единствена од 81 општина што нема градежна инспекција (пак да потенцирам за неписмениов аман така е утврдено со закон).
„Има ли некој од неговите 500 партиски експерти, на корумпираниов што не можеше да добие безбедносен сертификат за да биде министер за надворешни работи или за одбрана, па мора да го трпиме да лупа глупости ко министер за транспорт да му каже дека негов орган е Државниот инспекторат за градежништво“, напиша Арсовска.
Понатаму додаде дека за да го сруши Вики (така го нарекува градоначалникот Висар Ганиу) на министерот му требаат интегритет и храброст.