Македонија
Осудени велешаните кои силуваа 14-годишно девојче, највисоката казна е 5 години и 6 месеци затвор
Во Основниот кривичен суд денес беше објавена пресудата против тринаесетте лица од Велес кои беа обвинети за сексуално злоставување на 14-годишно девојче.
Судот ги огласи обвинетите за виновни – сите се на возраст помеѓу 20 и 30 години.
На С.Д. му беше изречена казна затвор од 5 години и 6 месеци, Д.С., и Д.Н. беа осудени на казна затвор од 4 години и 6 месеци, Т.И., С.Н. добија казна затвор од 4 години, А.Ф., Б.Ф., А.З., Т.Л., Р.В., се осудени на казна затвор од 1 години 6 месеци, К.Т., на казна затвор од 1 година и 3 месеци, а на обвинетиот Б.К. изречена му е условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира доколку следните 5 години не стори ново кривично дела како мерка заштитен надзор.
Осудените се задолжуваат и да ги надоместат судските трошоци за постапката како и трошоците за застапување на обвинетата.
Воедно судот на првите пет осудени лица им определи мерка куќен притвор до правосилноста на постапката.
Во јануари годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот, во кој првоосомничениот, 25-годишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закани над детето-жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата. Овие дејствија вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.
Според обвинителството, првоосомничениот преку апликацијата „Инстаграм“ остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче и ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби.
Забавите се случувале во станови на повеќе локации во Велес, каде присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохол, а потоа вршеле полови дејствија врз детето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесена Наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции
Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека Владата на Република Северна Македонија, со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, усвои Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции, согласно кој донесе Наредба за воведување на мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции при надминување на прагот.
Во рамките на оваа Наредба, се воведуваат следниве мерки:
Зајакнати контроли на возилата: Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови. Ова ќе помогне во намалување на загадувањето од сообраќајот.
Посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила: Општините и Градот Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.
Забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини: Општините и Градот Скопје ќе воведат забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини како што се багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7:30 до 18:00 часот. Оваа мерка е со цел да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови. Министерството за внатрешни работи е задолжено да изврши контрола на спроведувањето на оваа мерка.
Намалување на употребата на службени возила: Сите органи на државна управа, агенции, фондови, бироа, заводи, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и единиците на локалната самоуправа, се задолжени да ја намалат употребата на службените возила до 50%. Оваа мерка има за цел да го намали службениот сообраќај и емисиите од него.
Ослободување од работни обврски на ранливи групи: Министерството за економија и труд, во соработка со Министерството за здравство, ги задолжува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски:
Бремените жени; лицата постари од 60 години; лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар.
Реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски: Сите правни субјекти (работодавци) се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип KN95 или најмалку FFP2 за своите работници.
Намалување на капацитетот на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола: Инсталациите кои поседуваат А- интегрирана еколошка дозвола се задолжени да го намалат капацитетот на производство. Притоа, треба да се внимава со ограничувањата да не се прекине или значително намали технолошкиот процес кој се одвива континуирано, или дејноста која би предизвикала значителна штета за правниот субјект или негативно влијание врз животната средина и јавните услуги. Исклучок од оваа мерка се инсталациите кои произведуваат топлинска и електрична енергија.
Вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола: Државниот инспекторат за животна средина ќе започне со вршење на вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Ќе се спроведат контролни мерења на емисиите во воздух со акредитирани методи за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволите.
Вонредни контроли на правните субјекти со Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати: Државниот инспекторат за животна средина и овластените инспектори за животна средина се задолжени да започнат со вршење на вонредни контроли на правните субјекти кои поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати, со цел да се осигура усогласеноста со еколошките стандарди.
Вонредни контроли на градилишта: Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспекторати ќе започнат со вршење на вонредни контроли на градилишта, со цел да се утврди почитувањето на прописите за заштита на животната средина и намалување на емисиите на прашина и други загадувачи.
Горенаведените мерки ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентинот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.
Министерството за животна средина апелира до сите надлежни институции, органи, правни субјекти и граѓани за целосно почитување и имплементација на наведените мерки. Заедничката акција е неопходна за заштита на здравјето на граѓаните и за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата земја.
Министерството ќе продолжи со активно следење на состојбата со квалитетот на воздухот и ќе ги информира граѓаните за понатамошните мерки и активности. Сите заинтересирани страни се повикани да соработуваат и да придонесат кон успешна реализација на мерките.
Скопје
Славески свика итна вонредна седница на Советот на Скопје поради колапсот на јавниот превоз
Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во градот, откако автобусите на ЈСП прекинаа да сообраќаат поради недостиг на гориво.
„Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“, напиша Славески на социјалните мрежи.
Македонија
ЛДП: Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на волјата на Данела – оставка веднаш
Доколку сите политички партии го поддржаа ланскиот предлог на ЛДП за воведување законска можност за отповикување на градоначалник односно свикување на референдум, со кој ќе се разрешеше градоначалничката Данела Арсовска, денешниот колапс на јавниот превоз и високиот степен на аерозагадување, кое Скопје го однесе на првото место во Европа по загаденост, немаше да се случат. Однесувањето на градоначалничката Арсовска, наместо на вистинска „мајка на градот“, изгледа на однесување на разгалено дете, велат од ЛДП.
„Колапсот на градскиот превоз изминатите 2 денови е последното дно кое го допре моменталното градско раководство, „оперирано“ од срам, било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град. Секојдневните смени на директори на јавните претпријатија, хаосот во работењето на градските служби, нехигиената во градот, запоставувањето на Зоолошката градина, загадениот воздух се само дел од причините зошто Данела Арсовска мора час поскоро да ја поднесе оставката и да се надмине оваа агонија која скопјани ја живеат секој ден. Покрај општото безредие кое владее во градот изминатите години, колапсот на јавниот превоз и измрзнатите граѓани по автобуските станици утринава се дополнителни аргументи предлогот на ЛДП за отповикување на градоначалници да биде поддржан во Собранието по итна постапка“, соопштуваат од ЛДП и додаваат:
„Градоначалничке Арсовска, наместо празни обвинувања на сѐ и секој кој не размислува како Вас, имајте доблест, покажете одговорност кон оние кои ве гласале, поднесете неотповиклива оставка и спасете ги граѓаните и овој град од вашето „менаџирање“! Само со заминување на Арсовска од позицијата на градоначалник, ќе се отвори можност да се засукаат ракавите и со напорна работа, да се исконтролира штетата предизвикана од овој мандат и да се постават работите во вистински правец. Во спротивно, не само што ќе продолжи, туку агонијата на Скопје и скопјани ќе станува сѐ поголема секој нареден ден. Во оваа насока, советникот од редовите на ЛДП во Советот на Град Скопје, Никола Пановски, се потпиша и даде поддршка на иницијативата за свикување денеска на итна седница на Советот, со цел изнаоѓање на брзи и ефикасни решенија за моменталната состојба во која се наоѓа Скопје“.