Македонија
Очигледно, направена е некаква грешка, рече Мицкоски за царината од САД, очекува бргу да се коригира

Премиерот Христијан Мицкоски очекува бргу да се коригира одлуката на САД за зголемувањето на царините кон Македонија од 33 отсто. Тој вчера најави добри вести од САД за македонските граѓани, но вестите, како што кажа и самиот, сѐ уште не стигнале, а процесот е сензитивен. Кога сѐ ќе се заврши, рече премиерот, тогаш ќе излезат во јавноста со детаљни информации.
Според него, во пресметката за царините кон нашата земја очигледно направена е некаква грешка или се работи за погрешна информација.
„Ние работиме со нашите партнери САД и очекувам многу бргу да се коригира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешни информации имајќи предвид дека лани нашата трговската размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит, а тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за зголемувањето на капитацискиот бод на матичните лекари.
Во однос на тоа како царините ќе се одразат врз македонската економија, премиерот рече дека секундарните ефекти би можеле да бидат значително поголеми од директните доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат спорот со САД.
Премиерот вчера изјави дека Владата и институциите на САД се во постојана комуникација, со тамошните министерства за економија и за финансии, со Стејт департментот, со кабинетот на претседателот Доналд Трамп.
Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини за увозот од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија. За увозот од Македонија, Трамп одреди царина од 33 отсто.
Владата потоа уверуваше дека одлуката на САД за царинските трошоци нема да има големо влијание врз нашата економија, а тие имаат план за надминување на ситуацијата. Македонската Влада тогаш истакна дека нема потреба од паника и избрзани реакции и заклучоци.
Трговската размена меѓу Македонија и САД минатата година изнесувала 314 милиони долари, од кои 118 милиони долари е извоз на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена облачност и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 11 до 19 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на топло време со пораст на температурите. Во сабота ќе има локални врнежи од дожд и ќе дува засилен северен ветер (над 70 km/h).
Македонија
Без струја делови од неколку скопски општини

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска (Петок ) без електрична енергија ќе останат:
· Oд 09:00 до 12:00 часот, ул. Ѓорѓи Капчев 7,5,13,9,3,15 (Општина Аеродром).
· Oд 09:00 до 14:00 часот, ул.Христо Татарчев. 27,26,24 (Општина Кисела Вода)
· Oд 09:00 до 16:00 часот, корисниците во Кисела Јабукана на ул. 44,46,54,62,64,66 (Општина Ѓорче Петров).
Македонија
„Системот е следен“ – протест во Скопје за сите трагедии кои ја потресоа целата држава

Во Скопје попладнево се одржа протест на иницијативата „Кој е следен“, на кој се бараше правда за жртвите во досегашните трагедии, а беа прочитани и имињата на 61 жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, 14-те жртви во пожарот во модуларната болница, 45-те жртви од сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“, на 16-те жртви во превртениот автобус на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, 22-те жртви од поплавата во Стајковци на 6 август 2016, како и на загинатите кои беа прегазени од автомобили на улиците.
„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој не’ тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен“ на почетокот на протестот.
Протестот почна пред Владата, а потоа продолжи кон Собранието. На крајот, пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на „Кој е следен“ имаа свои обраќања изјавија дека не се нечии платеници туку се економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти кои немаат партиски штаб.