Македонија
Погрешни сите анкети за референдумот, одѕивот од високи 66,4 % утнат за 29.5%
Референдумот уште еднаш покажа дека сите претходни анкети за резултатот се далеку од реалноста. Прогнозираниот одѕив од високи 66,4 отсто, реално падна на 36,87 отсто. Резултатите од Државната изборна комисија за референдумот покажаа дека сите објавени анкети се погрешни. Резултатите од анкетите се далеку од официјалните бројки од ДИК без оглед дали се работи за одѕивот на гласањето, за гласовите „за“ или гласовите „против“ .
Според последните податоци од ДИК, од обработени 99,54 отсто од избирачките места одѕивот на гласањето е 36.89 отсто, односно гласале 662.660 граѓани од вкупно 1.806.336 запишани во Избирачкиот список. Од излезените, „за“ гласале 91,48 отсто или 606.200 граѓани, „против“ биле 5,64 отсто или 37.372 гласови и 19.088 гласачки ливчиња биле неважечки.
Анкетата што за Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја направи агенцијата „М- проспект“ во периодот од 24 јули до 1 август годинава покажа дека одѕивот на референдумот ќе биде високи 66,4 отсто, со 41,5 отсто „за“ и 35,1 отсто против.
МЦМС објави дека мнозинството граѓани ќе излезат на гласање и еден месец подоцна, на почетокот на септември. Одѕивот оваа анкета покажа дека ќе биде 57,8 отсто, а 70 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат „за“.
Далеку од реалните бројки за референдумот се и оние на Институтот за политички истражувања од Скопје кои покажаа дека 43,2 отсто ќе гласаат „за“, а 22 отсто „против“. И оваа анкета беше спроведена во периодот од 6 до 10 август.
Во август висок одѕив од 63 отсто на референдумот предвиде и анкетата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студи ИФИМЕС од Љубљана.
И Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на крајот на август објави анкета со висок процент на поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Нивната анкета покажа дека 49 отсто од испитаниците ќе гласаат за предложената измена, а 22 отсто против.
Не се ниту блиску до официјалните резултати и анкетите на телевизиите.
„Алфа ТВ“ на почетокот на август објави дека референдумот ќе биде успешен врз оснава на анкета што покажала дека 40 отсто од граѓаните ќе гласаат „за“, 25 отсто ќе гласаат против, додека 33 отсто ќе го бојкотираат референдумот.
Бројките ги згреши и интернет-порталот „ТВ 21“ кои прогнозираа 50,25 отсто гласови „за“ и 11,34 отсто „против“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Доколку СДС има докази за вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога нека ги достави до Обвинителство, во спротивно ќе добие тужба
„СДС веќе ја претера. Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење на невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„На СДС најлесно им е да растураат пердуви во јавноста, и потоа да немаат никаква одговорност.
Провери ли СДС во фабриката за марихуана кај Заев? Зошто имало камиони без таблици во таа фабрика? Зошто Заев лично ѕвонел на телефони во царинската управа и се интересирал за случајот со марихуана? Каква е улогата на Вице во целиот случај?
СДС мора да разбере дека ако они крадеа, ние не крадеме. Ако тие даваа пасоши на криминалци, ние не даваме. Ако тие договараа тендери во 4 очи и добиваа автомобили за истото, ние не правиме така. СДС е синоним за криминал, корупција и неспособност, ВМРО-ДПМНЕ е синоним за чесност, работа и дела“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

