Македонија
Преку мобилна апликација секој ќе може да си провери дали има казна од „Безбеден град“, ќе се бележи историја на прекршоци за секого
Граѓаните што направиле некој од четирите прекршоци што ги регистрираат камерите на „Безбеден град“ и без да им стигне известување преку порака или на имејл, ќе може да си проверат дали имаат казна. Министерството за внатрешни работи подготвува мобилна апликација, која ќе им биде достапна на возачите откога многумина пријавија дека направиле прекршок, но предупредување не добиле ниту во порака ниту на имејл, па стравуваат дека казната ќе заврши кај погрешен возач и нема да може да ја платат во предвидениот рок кога ќе почне целосно да функционира системот.
„Набргу е предвидено да почне да функционира мобилна апликација, која ќе биде достапна во ‘Гугл стор’, ‘Ап стор’, а исто така и на интернет, на која граѓаните ќе може да се најават и да проверат повеќе компоненти поврзани со ‘Безбеден град’ – имејлот и мобилниот телефон оставени за нивното возило, како и историја на сторени прекршоци од нивна страна. На самата апликација ќе има можност граѓаните да ги ажурираат оставените податоци за контакт, како и да остават забелешки доколку имаат за нив“, велат од МВР за „Макфакс“.
Од таму не одговорија конкретно на прашањето од „Макфакс“ дали камерите постојано снимаат и ги бележат сите возачи што ќе направат прекршок оти има граѓани што се сигурни дека направиле прекршок, а известување од МВР не добиле, но нагласуваат дека за почеток системот детектира само четири прекршоци, односно непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, поминување на црвено светло и управување со нерегистрирано возило.
Додека почне да функционира апликацијата, граѓаните одговори на прашањата поврзани со „Безбеден град“ ќе може да побараат на шалтерот во зградата на МРТ, кој од денес е во функција. Отворен ќе биде секој работен ден од 8 до 17 часот. Граѓаните на шалтерот ќе може да поднесат барање за промена на контакт-податоците, кои ги доставиле при регистрација на возилото, ќе може да пријават промена на податоците или да ги исправат во случај да добиле известување за прекршок со неточни податоци.
Ажурирање на податоците може да направат и во станиците за технички преглед на возилата, а во функција е и електронската пошта [email protected] за забелешки, нејасности, прашања и проблеми со функционирањето на „Безбеден град“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски – Тигањ: разгледани иницијативи за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на хрватската амбасадорка во Република Македонија, Нивес Тигањ. Средбата се одржа во пријателска, отворена и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани можностите за унапредување на меѓународната соработка и заедничките иницијативи насочени кон развој на локалната заедница и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Разговорите ја потврдија заемната подготвеност за продлабочување на билатералните односи и за градење одржливи партнерства на локално и меѓународно ниво.
„Разменивме ставови за посветеноста на Град Скопје кон проактивен пристап во креирањето и спроведувањето иницијативи кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Посебно беа истакнати силните партнерства со пријателските земји, при што соработката со Република Хрватска се издвојува како значаен пример за успешна размена на знаење, искуства и добри практики.
Ја потврдивме заедничката определба за понатамошно продлабочување на билатералните односи, со уверување дека ваквите средби создаваат нови можности за граѓаните и претставуваат цврста основа за долгорочно и одржливо партнерство, како на локално, така и на меѓународно ниво“.
Македонија
Халкбанк клучен поддржувач на македонскиот ракомет, потпишан договор за соработка и за 2026 година
Халкбанк АД Скопје и Ракометната федерација на Македонија официјално го продолжија своето партнерство и за 2026 година, со што банката и понатаму останува еден од клучните поддржувачи на македонскиот ракомет.
Со продолжувањето на соработката што започна во 2018 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на еден од најуспешните и најпрепознатливи спортови во земјата. Партнерството е насочено кон поддршка на активностите и настапите на македонските машки и женски ракометни репрезентации, кои континуирано ја претставуваат државата на меѓународната спортска сцена и остваруваат значајни резултати.

Договорот беше потпишан во просториите на Халкбанк АД Скопје, од страна на директорот на Халкбанк АД Скопје, Фатих Шахбаз и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Алесандар Стефанов.

„Горди сме што и во 2026 година ја продолжуваме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Ракометот е спорт со длабока традиција и огромна поддршка кај јавноста, а Халкбанк со ова партнерство останува дел од успехот, емоциите и вредностите што ги носи македонскиот ракомет. Нашата поддршка е израз на доверба во спортот, спортистите и идните генерации“, – изјави Фатих Шахбаз, генерален директор на Халкбанк АД Скопје.
Од Ракометната федерација на Македонија посочија дека продолжувањето на партнерството има особено значење за федерацијата и националните селекции.

„Продолжувањето на соработката со Халкбанк е уште една потврда за заемната доверба и заедничката визија што ја градиме со години. Халкбанк е стабилен и сериозен партнер на македонскиот ракомет, а нивната поддршка од 2018 година, наваму, има значајна улога во развојот на националните селекции, натпреварувачките системи и целокупната ракометна инфраструктура. Со овој договор заокружуваме уште една важна година за Федерацијата и испраќаме јасна порака дека македонскиот ракомет има сигурни партнери и јасна насока за иднината. Благодарни сме за довербата на Халкбанк и веруваме дека заедно ќе продолжиме да создаваме услови за нови успеси и напредок на сите нивоа“, – истакна Александар Стефанов, претседател на Ракометната федерација на Македонија.

На настанот присуствуваа и македонските ракометари, кои со своето присуство ја заокружија атмосферата и ја потврдија блиската врска меѓу федерацијата, спортистите и поддржувачите на ракометот. Во рамки на неформалниот дел од настанот, ракометарите се задржаа на дружење со присутните и потпишуваа дресови.


Со договорот за 2026 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата определба да биде активен и одговорен поддржувач на националниот спорт. Поддршката на ракометот е дел од поширокиот пристап на Банката кон општествено одговорно делување, насочено кон развој на спортот, младите и вредностите што ја поврзуваат заедницата.
ПР
Македонија
Стаменкоска Трајкоска – Ле Риголер: разменети мислења за унапредување на соработката
Денес, во Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со францускиот амбасадорот, Кристоф Ле Риголер.
Средбата помина во духот на пријателство и заемна почит, при што беа разменети мислења за унапредување на соработката и продлабочување на партнерските односи, со посебен акцент на образованието, културата и промоцијата на европските вредности на локално ниво.
Посетата има и симболично значење, имајќи предвид дека токму амбасадорот Ле Риголер, на почетокот од 2025 година, на свечена церемонија во Француската резиденција во Скопје, ѝ го додели на Стаменкоска Трајкоска високото француско одликување „Витез од редот на академските палми“. Одликувањето ѝ беше врачено додека таа беше пратеничка во Собранието на Република Македонија и претседателка на Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, како признание за нејзиниот исклучителен придонес во промоцијата на француската култура, образованието и франкофонската заедница, информираат од општината.
-За мене претставува особена чест и големо задоволство денес да го пречекам францускиот амбасадор во Општина Кисела Вода. Оваа средба е уште една потврда за одличните односи и заемната почит што постојат помеѓу нашата држава и Француската Република.
На почетокот од оваа година, во својство на пратеничка, имав чест да бидам одликувана со признанието “Витез од редот на академските палми”, што го доживувам како потврда за долгогодишниот континуиран ангажман во промовирањето на француската култура, образованието и франкофонските вредности. Денешната средба претставува природно продолжение на таа соработка и взаемна доверба. Како градоначалник, силно верувам дека ваквите односи треба да се надградуваат и на локално ниво, преку конкретни партнерства и иницијативи од заемен интерес. Општина Кисела Вода останува отворена за соработка, со цел создавање нови можности и подобар квалитет на живот за нашите граѓани- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

