Македонија
За Бојмацалиев, пренесување лица за гласање и агитирање пред избирачко место се вообичаени за сите избори
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, го оствари своето демократско право на глас во Куманово.
„Штотуку го извршив моето граѓанско право, гласав на Претседателски и Парламентарните избори. Она што можам да го увидам е дека на гласачките места гласањето се одбива нормално, нема поголеми гужви, полицијата е присутна на терен. Иминатите 100 дена на техничка Влада ги посетив сите полициски станици ширум државата, констатиравме дека полицијата е подготвена, изборите ќе се одржат безбедно, а граѓаните ќе го дадат својот глас слободно”, истакна Бојмацалиев во изјава за медиумите. Притоа, тој сподели информации за текот на изборниот процес во Куманово.
„На територија на Куманово немаме поголеми нарушувања на изборниот процес, има неколку пријави за пренесување на лица од едно до друго место за гласање, агитирање пред избирачко место, нешто што е вообичаено за сите избори во минатато”, рече Бојмацалиев, додавајќи дека полицијата постапува по сите пријави.
„Полицијата има постапено по тие работи, ги процесуираме, на крајот на денот очекуваме изборите да завршат безбедно и мирно. Сепак, сме земја членка на НАТО, земја која претендира кон ЕУ и е добро да покажеме и на овие избори како граѓани дека сме на добар пат, а ние како полиција од 2017 година до денеска дека професионално ги обавуваме своите службени должности”, рече Бојмацалиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе ја замени градоначалничката фотелја и ќе биде гласот на народот: Блерим Беџети ќе делува како пратеник
Градоначалникот на Општина Сарај и актуелен организациски секретар на ДУИ, Блерим Беџети, соопшти дека градоначалничката фотелја ќе ја замени за пратеничка.
Преку неговиот Фејсбук статус вели дека отсега ќе делува како пратеник во Собранието на Република Македонија и дека ќе биде гласот на волјата на народот.
„Од денеска започнува моето ново патување како пратеник во Собранието. Ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме обединети за европска држава и подобар економски развој“, напиша Беџети на Фејсбук.
Тој беше пратеник од 2006 до 2009, а и министер за правда во периодот 2011-2014 година.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне наместа со локално невреме, пороен дожд и грмежи
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени. УВ=6
Во Скопје, времто ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
И во четврток ќе има повремен пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме. Од петок дневната температура ќе биде во значителен пораст и на повеќе места ќе биде над 30 степени. Сепак во попладневните часови можна е изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Македонија
Мицотакис: Очекувам од новиот премиер изјава дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја
„Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“ рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата Стар.
Говорејќи за надворешната политика, тој се осврна и на односите со Северна Македонија, посочувајќи дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа.
„Видов некои изјави на претседателката на Северна Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со Северна Македонија, но многупати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји“, истакна тој.
„Договорот одреди едно име за сите и ова соседите мора да го почитуваат. И очекувам од новиот премиер, кога и штом ќе положи заклетва да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“, кажа грчкиот премиер.