Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец
Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец
По одделни котлини претпладне ќе има појава на магла. Попладне во западните делови ќе има врнежи од дожд во пониските места и снег на планините. Во текот на ноќта кон сабота врнежите ќе се прошират во поголем дел од земјата и наместа ќе бидат пообилни (20 л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и на некои од пониските места.Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје променливо облачно, претпладне со појава на магла. Во вечерните часови ќе има повремени врнежи од дожд, а во текот на ноќта во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува слаб јужен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во сабота претпладне ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските, а во повисоките места и на планините и од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. На планините снежната покривка ќе се зголеми, а помала снежна покривка ќе се формира и на некои од повисоките места. Попладне облачноста ќе се намали. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со појава на магла по котлините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студени утра и сончеви денови
Денес времето во Македонија ќе биде студено наутро, со услови за магла во некои котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Во Скопје, утринските часови ќе бидат студени, додека преку денот ќе преовладува сончево и претежно тивко време со мала до умерена облачност.
И во утрешните утрински часови времето ќе биде студено, со појава на магла по одделни котлини, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе продолжи да дува слаб до умерен јужен ветер.
Температурите ќе се движат од -6 до 1 степен во утринските часови, додека максималните дневни температури ќе достигнат од 6 до 13 Целзиусови степени.
Македонија
Ученик од Миравци дискриминиран поради фризурата од директорката и од класната
Комисијата за спречување на дискриминацијата на крајот на декември донесе одлука за утврдување на директна дискриминација врз ученик во основното училиште „Свети Климент Охридски“ во гевгелиско Миравци.
Се започнало во септември кога директорката и класната на ученикот инсистирале тој да доаѓа среден на училиште, но и кога детето дошло со скратена коса само од страните, а горниот дел фатен во опавче, тие ја побарале неговата мајка на телефон.
Додека траел разговорот, како што стои во претставката поднесена од неговата мајка до Комисијата, тој вознемирен и расплакан сам со ножици си го отсекол опавчето.
Кога следниот ден дошол со таква фризура на училиште директорката инсистирала да се почитува кодексот на улиштето и покрај тоа што во училиштето со иста фризура имало еден вработен и девојче од осмо одделение.
Но, откако педагогот и укажал на мајката дека нејзиниот син ќе добие укор пред исклучување, убедувајќи ја дека никаде не е дозволена таква фризура, таа случајот го пријавила пред надлежните.
Со оглед на тоа, мајката го пријавила случајот до надлежните, по што Комисијата за спречување на дискриминацијата ја разгледала жалбата и утврдила дискриминација врз основа на родови стереотипи. Комисијата препорачала училиштето да ги ревидира своите интерни акти и да се воздржи од такви дејствија во иднина. Во спротивно, во рок од три месеци ќе се покрене прекршочна пријава.
Македонија
Брајовото писмо останува недостапно за учениците во Македонија, над 1.000 лица немаат пристап до него
На Меѓународниот ден на Брајовото писмо, кој треба да го слави значењето на оваа писменост за лицата со оштетен вид, реалноста во Македонија останува разочарувачка. Повеќе од илјада лица со оштетен вид немаат пристап до Брајовото писмо во образовниот процес, што претставува сериозна пречка во нивното образование и инклузија.
Според Коалицијата „Менуваме“, традиционалните книги со Брајова азбука не се практично решение бидејќи се големи и тешки за учениците. Наместо тоа, тие предлагаат воведување на брајов ред, преку кој учениците ќе имаат поефикасен начин за изучување на Брајовата азбука.
Коалицијата ја потенцира и проблематичната состојба со Институтот за специјална едукација и рехабилитација. И покрај постоењето на дефектолози, тие тврдат дека голем дел од овие кадри не се доволно стручни за да го поддржат образовниот процес на децата со оштетен вид.
Брајовото писмо, кое е загарантирано со меѓународни документи за човекови права, во Македонија е достапно само во специјализираното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Но, и таму пристапот до оваа писменост не е целосно обезбеден за сите ученици.
Коалицијата „Менуваме“ апелира до надлежните институции да преземат мерки за вклучување на модерни решенија за учениците со оштетен вид, со цел да се обезбеди еднаков пристап до образованието.