Македонија
СДСМ: Референдумот на Мицкоски е на штета на идентитетот
Иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е против македонскиот јазик, прави штета на идентитетот, насочена е директно против евроинтеграцијата на државата, порача СДСМ.
Од партијата преку соопштение велат дека сите официјални институции на Унијата потврдија дека процесот на преговори за членство го водиме како Македонци со заштитен македонски идентитет, со чиста формулација на македонскиот јазик, но Мицкоски по секоја цена дејствува антиевропски и на штета на државните и националните интереси, без било какво чувство за државност, своите политики ги води според личните потреби и интереси.
„Мицкоски со референдумот има за цел да си ја спаси разнишаната фотелја во Белиот дворец, бидејќи и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ не се сложуваат со него. Со иницијативата за референдум, со активните и пасивните блокади Мицкоски сака да го попречи нормалното функционирање на државата, во време на економска и енергетска криза, работи на штета на граѓаните и на компаниите. Но граѓаните го прочитаа, доста им е од деструктивните и ретроградните политики на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, што јасно им го порачаа на вонредните локалните избори“, велат од СДСМ.
Додаваат дека Мицкоски останува изолиран, а неговите деструкции повторно ќе бидат поразени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски на средба со семејствата на загинатите бранители: Она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас
Денеска во Домот на Армијата во Скопје, министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со семејствата на загинатите бранители и со претставници од Здружението на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија „Херои на Македонија 2001-2015“.
За време на средбата, на која што се разговараше за прашања кои се од особена важност за семејствата на загинатите бранители, министерот Мисајловски истакна дека грижата за семејствата на бранителите ќе продолжи и дека со заедничка соработка со Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“ достојно ќе се негува и чува споменот на македонските херои.
„ Знајте дека со цело срце ве почитувам сите вас, она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас “ рече Мисајловски и додаде дека во рамки на законските можности лично ќе се заложи за поддршка и помош на секое семејство.
Претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојановски, се заблагодари за организацијата на настанот на кој отворено се дискутираше за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат семејствата, а со тоа се оддава почит на бранителите.
Македонија
Потпишан договор за електронска размена на податоци меѓу МВР и Јавното обвинителство
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпишаа Договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу двете институции.
Со Договорот се воспоставува меѓуинституционална размена на податоците во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, при што се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена.
Врз основа на договорот, обвинителството ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци кои ги води МВР за државјанство, за моторни возила, за живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје.
По потпишувањето на Договорот, Коцевски и Тошковски разговараа и за повеќе тековни прашања од областа на координацијата меѓу двете институции во насока на ефикасно гонење на сторителите на кривични дела.
Македонија
ВРЕДИ: Пратениците нa Европскиот фронт ги дистанцираат Албанците од западните стратешки партнери
„ДУИ го губи компасот, во забуна не знае што прави, кого напаѓа, а кого го брани. Мијалков им стана помил од меѓународната заедница. ВЛЕН со загриженост ги следи неодамнешните изјави на пратеникот Зејд Реџепи од Европскиот фронт (ЕФ), коалиција на ДУИ, со кои повторно се прави обид да се наруши довербата на Албанците кон нашите стратешки партнери од Западот. Со ваквите ставови, раководството на ДУИ и Европскиот фронт покажува дека не знае што прави, дека е во целосна конфузија и дека ги става своите лични и партиски интереси пред стратешките интереси на Албанците и на државата“ велат денеска од коалицијата ВРЕДИ.
Ја повикаа јавноста и членството на ДУИ „да размислат дали нивните лидери, кои очигледно продолжуваат да ги конфронтираат Албанците со нашите западни партнери, заслужуваат уште да ја водат партијата и да учествуваат во креирањето на иднината на граѓаните. Време е за јасна дистанца од корумпирани политики и антизападна реторика. Албанците и сите граѓани на Северна Македонија заслужуваат искрени лидери, одговорни политики и силно партнерство со ЕУ, НАТО и целата меѓународна заедница“.
„ДУИ и ЕФ ги дистанцираат Албанците од западните сојузници. Настапите со кои се изразува сомнеж во меѓународната заедница укажуваат дека ДУИ и Европскиот фронт намерно настојуваат да ги оддалечат Албанците од Западот. Ваквата реторика е крајно штетна и оди спротивно на децениските определби на граѓаните на Северна Македонија, вклучително и мнозинството Албанци, за зачленување и блиско партнерство со ЕУ и НАТО. Обвинувањето на меѓународната заедница за сопствените криминални афери е неосновано. Неразбирливо е како ДУИ и ЕФ упорно го вперуваат прстот кон амбасадорите и странските институции, наместо да се соочат со сомнежите и фактите за своите корупциски скандали“ велат од ВРЕДИ.
Сметаат дека „Ваквиот обид за префрлање на вината е само уште еден доказ дека раководството на ДУИ е во длабока забуна и дека нема капацитет да ги решава вистинските проблеми. Личната одговорност на Артан Груби сакаат да ја релативизираат. Обидите да се прикаже дека Артан Груби не е виновен за сопствените постапки, туку дека „криви“ се амбасадорите, е врв на манипулација“.
„Ова е класичен пример на избегнување на одговорност, со што се потценува и јавноста и членството на ДУИ. Тврдењето дека „Артан настрадал затоа што ги слушал“ е врв на самобендисаноста на ДУИ и ЕФ. Оваа теза на ДУИ и ЕФ, според која одговорноста им припаѓа на другите (амбасадори, меѓународни претставници итн.), наместо на самите функционери, е уште еден очаен обид за алиби. ДУИ и ЕФ продолжуваат да даваат нелогични и контрадикторни изјави за да ги залажат сопствените членови и целата јавност“ посочуваат од ВРЕДИ.