Македонија
Се откажувам од ректорската плата, УКИМ тоне, стандардот под нивото – интервју со Атанас Кочов, кандидат за ректор
На УКИМ му се потребни драстични промени, сега и веднаш, потврдува во интервју за „Макфакс“ универзитетскиот професор, Атанас Кочов, кандидат за ректор на најстариот државен универзитет.
Многу е лошо, вели Кочов, секој ден да слушате дека рангирањето на УКИМ од ден на ден паѓа.
„На времето, кој и да беше министер, се плашеше да се доближи на Ректоратот, а сега имаме обратна ситуација. Се плаши ректорот, како и деканите, да оди во Министерството за образование за да побара одредени ставки од буџетот за да може да трошат одредени финансиски средства. Ние мора да го подигнеме својот глас и да побараме УКИМ да биде решен во Законот за високото образование еднаш и засекогаш“, дециден е Кочов.
Професорот на Машинскиот факултет потврдува дека и професорите и студентите творат во тешки услови. Како пример ги наведува лошите инфраструктурни услови на факултетите, а како што оцени, многу од нив ги немаат ниту основните материјали за функционирање и одвивање на наставата.
„Филолошкиот факултет навистина е под сите стандарди. Од многу страни тече, распаднати ѕидови. УКИМ не смее да дозволи, на пример, ФИНКИ да нема простории. Распределени се под кирија на разни факултети, а имаат 4.000 студенти. Од друга страна, групата македонски јазик да нема студенти, да не можеме да го негуваме нашиот јазик. Тоа е нешто што навистина не смееме да си го дозволиме“, додава Кочов во интервјуто.
Според него, никогаш не се случило платите на универзитетските професори да бидат на толку ниско ниво, а додава дека и на студентите мора да им се обезбедат човечки услови за творење.
Ќе се борам, вели Кочов, за европско образование, за европски тренд.
За сметка на тоа, подготвен е, доколку се избори за ректорската позиција, да се откаже и од приходите што му следуваат на ректорот и да остане само на платата од Машинскиот факултет.
Дали има корупција и непотизам на Универзитетот, за конкуренцијата и новите трендови што таа ги наметнува, дали првиот човек на Универзитетот знае да се одбрани од политички подметнувања, колку политиката меша прсти во високото образование и слично, во интервјуто за „Макфакс“ со кандидатот за ректор на УКИМ, универзитетскиот професор Атанас Кочов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Случајот „Адитив“ не е единствениот криминал во АД ЕСМ, ќе има и други случаи
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека последниот случај во АД ЕСМ „Адитив“ не е единствен и нема да се заврши тука, ќе има и други случаи, јавноста ќе дознае кој е одговорен и кој ги крадел македонските граѓани и свесно уништувал, и одговорност мора да има.
„Тоа што се отпочна случај за адитивите кои се користени во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ во производниот процес можам да кажам како инженер, професор и човек кој одреден период поминал во таа институција за менаџирање на истата, не само што немало потреба толкава количина за набавка на истите, туку и цените се надвор како што велат правниците правило на испружена рака, нивната рака долго се испружувала и завршувала во џебови кај поединци“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека е убеден и за осомничениот кој не е достапен на органите на истрагата дека еден ден ќе биде достапен и ќе одговара, бидејќи како што посочи по седум години долгот е околу 5 милијарди денари, а нанесена е штета врз производниот енергетски систем со неспроведување на вистински ремонти туку со шпекулативни во смисла на нестручно и ненавремено.
„Би сакал да напоменам дека на тој начин што се несовесно се управувале производните комбинати во АД ЕСМ се нанесе и удар на суверенитетот на државата бидејќи ние не сме земја која има наоѓалишта на нафта или гас, со што директно се загрозија работни места на илјадници граѓани, и индиректни десетици илјади кои работат во компании кои соработуваат со АД ЕСМ“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека изминатите 7 години воедно се намалил производниот капацитет од 209 мегавати електрична енергија на мрежа до 145-150, а нови проекти и немало.
„На владина седница одглавивме два проекти, сакам да ја истакнам втората фаза од ветерниот парк во Богданци, нешто што претставува квалитетен проект, вториот е сончевата централа во Битола. Овие два проекти се обезбедени од европски банки, вредноста е стотина милиони евра што ќе додаде вредност во производното портфолио. Најголем дел злоупотреби се правени во надворешна механизација за ископ на јаглен ако направите математика ќе дојдете до заклучок дека денот нема 24 часа, туку 36, а годината нема 365 дека туку 450 или 500 дена, се побивани законите на физиката и би сакал во доказна постапка ако се отвори случај да ги слушнам кои им се објаснувањата“, рече премиерот Мицкоски.
Македонија
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка
Има активна забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка.
Патниот правец од Крива Паланка кон ГП „Голема Црцорија – Голеш“ во длабина односно на околу 600 метри пред ГП поточно од селските гробишта во с. Голема Црцорија не е прооден од снежни наноси и навеви од снег.
Од АМСМ велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Николовски: Растат цените и трошоците за живот, зошто минималната плата не мрда?
Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски во рамките на денешната собраниска седница упати прашање до заменик министерот за економија Марјан Ристески дали Владата планира Владата да го прифати предлог законот за зголемување на минималната плата, поднесен од СДСМ.
Во услови на растечка инфлација и трошоци за живот, сметаме дека фокусот треба да биде на зголемување на платите и растот на стандардот на граѓаните, што беше клучна политика во изминатиот период, истакна Николовски.
Николовски нагласи дека минималната плата не мрдна во изминатите 6 месеци, додека владата предводена од СДСМ ја покачи од 8 на 22.567 денари.
Заводот за статистика евидентираше раст на инфлацијата од 4,3%, синдикалната кошничка во декември е повисока за 840 денари, изнесува близу 63.000 денари, потребни се три минимални плати за нејзино покривање. Секаде во регионот се зголемува минималната плата само кај нас не мрда. Зошто не прифатите да се покачи минималната плата за работниците?, нагласи Николовски.