Македонија
(Видео) Медицинската сестра што беше фатена при кражба од 28 февруари нема стапнато на Клиниката, вели директорката на Онкологија
Директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисаровска, вели дека како организациски тим тие се целосно им достапни на надлежните и на истражните органи со цел за брзо откривање на виновниците во однос на случајот на Онкологија. Таа апелира надлежните институции да донесат одлука и ако има виновници, да ги именуваат.
„За нашата клиника, ова е од непроценлива, огромна важност. За да се отфрли т.н. колективна вина, која сега се надвиснува над целата наша институција, односно над целиот медицински тим, што ја руши довербата пациент – лекар, што директно се одразува врз здравјето на граѓаните. Стручниот колегиум на клиниката најостро осудува секое несовесно и нестручно работење со молба и апел кон сите надлежните и медиумите да не се генерализира проблемот“, порача Клисаровска.
„Од дното на душата сакам да се открие, вината да добие име и презиме и пациентите да ја вратат довербата“, рече таа.
Таа тврди дека откога е на функција, периодот од ноември 2022 година, дека секој пациент ја добивал препишаната терапија во согласност со индикацијата, дозата, типот на лекот според она што неговиот соодветен лекар тоа ќе го поставел и без никаква манипулација со лековите.
„Имавме информации и сомнежи за манипулации со лекови. Кога јас станав директорка на Клиниката на онкологија и радиотерапија, подигната е безбедноста на патеката на лековите, од влезот на Клиниката до пациентот. Медицинската сестра од Клиниката за онкологија и радиотерапија, која на 28 февруари беше фатена при повторна кражба на лекови, доби отказно решение на 23 мај, а од 28 февруари нема стапнато на Клиниката.“, рече Клисаровска.
За случувањата на Онкологија денес зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски. Како многумина други политичари изминатово деноноќие, и тој од лично име и од име на Владата даде целосна поддршка на акцијата на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството од кои очекува да ги идентификуваат оние кои правеле криминал на Клиниката и на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогените заболувања завршувале на црниот пазар.
И министерсот за надворешни работи Оливер Спасовски уверува дека МВР има капацитет да ја води истрагата бескомпромисно и онака како што денес повика премиерот Димитар Ковачевски, „без пардон за никого“.
Поради откриениот криминал на Онкологија, денеска во 18 часот пред Владата е закажан граѓански протест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата
Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и барањето за поголеми примања.
„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност, наведуваат од Владата.
Оттаму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните, соопштија од Владата.
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски денес пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата и порача да не го меша УПОЗ со некој друг Синдикат.
Македонија
Мисајловски на средба со семејствата на загинатите бранители: Она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас
Денеска во Домот на Армијата во Скопје, министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со семејствата на загинатите бранители и со претставници од Здружението на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија „Херои на Македонија 2001-2015“.
За време на средбата, на која што се разговараше за прашања кои се од особена важност за семејствата на загинатите бранители, министерот Мисајловски истакна дека грижата за семејствата на бранителите ќе продолжи и дека со заедничка соработка со Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“ достојно ќе се негува и чува споменот на македонските херои.
„ Знајте дека со цело срце ве почитувам сите вас, она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас “ рече Мисајловски и додаде дека во рамки на законските можности лично ќе се заложи за поддршка и помош на секое семејство.
Претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојановски, се заблагодари за организацијата на настанот на кој отворено се дискутираше за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат семејствата, а со тоа се оддава почит на бранителите.
Македонија
Потпишан договор за електронска размена на податоци меѓу МВР и Јавното обвинителство
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска потпишаа договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу двете институции.
Со договорот се воспоставува меѓуинституционална размена на податоците во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, при што се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се вршат електронската размена и описите на регистрираните сервиси, кои може да бидат предмет на електронска размена.
Врз основа на договорот Обвинителството ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци што ги води МВР за државјанство, за моторни возила, за живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје.
По потпишувањето на договорот, Коцевски и Тошковски разговараа и за повеќе тековни прашања од областа на координацијата меѓу двете институции во насока на ефикасно гонење на сторителите на кривични дела.